Имено, во изданието на емисијата „Заспиј ако можеш“, премиерно емитувано вечерта на 16 април 2024 година, новинарот Горан Момировски, меѓудругото тврдеше дека Агенцијата:
се меша во уредувачката политика на ТВ Алфа; и дека
неформално ѝ се заканува на ТВ Алфа дека може да биде затворена доколку нема „некаква избалансираност којашто е многу субјективна“.
Од почетокот на изборната кампања за Претседателските избори, вработени во ТВ Алфа во повеќе наврати се обратија до Агенцијата за појаснување на одредбите од Изборниот законик. И покрај тоа што Законикот во однос на обврската за избалансирано известување години наназад не е изменет и ТВ Алфа медиумски го покриваше секој изборен циклус, Агенцијата, на секое барање од телевизијата секогаш навремено одговара со појаснување на законските одредби. Секако, секој радиодифузер треба да донесе независна уредничка одлука и тоа регулаторот го потенцира во секоја комуникација со медиумите.
ТВ Алфа се пожали во повеќе наврати дека СДСМ и претставниците во власта од оваа партија одбиваат да гостуваат во нејзините програми. Агенцијата ја потсетуваше телевизијата дека во Претседателските избори учествуваат 7 кандидати, а во Парламентарните – 17 партии/коалиции, и имајќи го ова предвид може да постигне баланс при покривањето на кампањата доколку за првите издвои еднакво информативно време, а за вторите известува пропорционално, според бројот на потврдените листи со кандидати. Впрочем, ТВ Алфа не е единствената телевизија којашто се жали дека е игнорирана од некои политички субјекти, а Агенцијата, вообичаено при извлекувањето оценки за балансот ќе има предвид доколку медиумот ги поканил политичките субјекти а тие одлучиле да не учествуваат.
Воедно, ТВ Алфа намерно ја доведува во заблуда јавноста дека критериумот – според кој на радиодифузер нема да му биде обновена дозволата за емитување доколку не известува избалансирано во текот на еден изборен процес, произлегува од Агенцијата. Оваа воопшто не е точно бидејќи тоа е критериум којшто е пропишан во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
За жал, ТВ Алфа избра да ги погази професионалните новинарски стандарди и да објави злонамерна информација којашто е една од најлошите форми на манипулација со информациите, бидејќи е создадена со јасна цел да наштети некому, во конкретниов случај – на Агенцијата, се наведува во соопштението на АВМУ.