Австралиските власти најавија крај на тримесечниот „локдаун“ за вакцинираните жители на Сиднеј

„Треба само да издржиме оваа и следната недела. “

Карантинот во сиднеј и во останатиот дел од австралиската држава Нов Јужен Велс ќе биде укинат кога стапката на целосно вакцинирани ќе надмине 70 проценти, цел што премиерката на таа држава, Гладис Береџиклијан, очекува да биде постигната на 11 октомври.

Првпат по три месеци пабовите, рестораните и продавниците ќе можат да се отворат за вакцинираните.

„Треба само да издржиме оваа и следната недела. Скоро сме таму, да не се откажуваме во последен момент“, рече Береџиклијан.

Според планот, ќе може да се патува низ сојузната држава Нов Јужен Велс, а ќе се укине ограничувањето на бројот на луѓе присутни на погреби и свадби и ќе бидат дозволени спортски настани.

Невакцинираните граѓани мора да чекаат барем до 1 декември за да ги уживаат истите слободи, кога се очекува 90 проценти од населението да биде вакцинирано.

Успешно завршен проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“

Имаме реализација на највисоко ниво на се што беше потребно за да се добие соодветна законска рамка за работењето на задругите, вели Хоџа.

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, присуствуваше на завршен настан по повод затворање на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“. Завршниот настан се реализираше во присуство на претставници од релевантни национални и меѓународни организации, институции, ѓраѓански организации, задруги, земјоделци и групи на земјоделци.

Проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“ е од исклучителна важност за развој на задругарството во Република Македонија. Финансиски е поддржан од Европската Унија, имплементиран од страна на CARE International и Македонската развојна фондација за претпријатија. Краен корисник е МЗШВ и сите земјоделци.

На настанот поздравни обраќања имаа министерот Арјанит Хоџа, г -дин Константинос Супилас – Програмски менаџер Делегација на ЕУ, г -ѓа Сумка Бучан – Регионална директорка на CARE, г -дин Лазар Неданоски – Извршен директор на МРФП и г-ѓа Сузана Димитриевска – Претседателка на Македонската асоцијација на земјоделски задруги.

„Во изминатиот период Министерството направи сериозен исчекор во развојот и поддршката на задругарството. Земјоделците ја препознаа поддршката од државата и реалниот бенефит кој го имаат од членството во задруги. Тие имаат можност да купуваат државно земјоделско земјиште, поволности при бодувањето за финансиска поддршка и можности за субвенционирана набавка на опрема и механизација која ќе им го олесни производството и ќе придонесе за поголеми резулати во нивното работење. Исто така, достапни се европските фондови, наскоро ќе стартува и ИПАРД 3 програмата, со што се отвораат нови можности и нови средства на располагање“ изјави Хоџа. Тој се заблагодари на поддршката која континуирано ја добиваме од Делегацијата на Европската Унија, како и на сите учесници во проектот.

Г -дин Константинос Супилас – Програмски менаџер Делегација на ЕУ, изјави дека е многу задоволен што денеска одбележуваме завршување на уште еден проект, реализиран со поддршка од Европската Унија. Тој се заблагодари на сите учесници кои беа директно вклучени во процесот и кои заеднички ги постигнаа проектираните цели на проектот.

Претставниците на CARE International и Македонската развојна фондација за претпријатија, ги претставија конечните достигнувања на проектот. Меѓу друго резултатите вклучуваат: подобрување на правната рамка која го регулира формирањето и функционирањето на земјоделските задруги; зајакнување на улогата на чадор –организацијата на земјоделските задруги; подобрување на улогата на МЗШВ за следење на перформансите на земјоделските задруги преку креирање на посебен софтвер; подготовка на Стратегија за МЗШВ за развој на земјоделските задруги (2022-2028) и последно, но не и најмалку важно, презентирање на инвестициите од проектот во рамките на грантовата шема за 18 земјоделски задруги низ целата земја.

Вкупниот износ на проектот е 1,98 милиони евра и има за цел да се зголеми конкурентноста на пазарот и соработката меѓу земјоделците во земјата, преку создавање поволни услови за развој на постојните и создавање нови земјоделски задруги.

Предупредувачки штрајк на образовните работници во Србија

Членовите на Синдикатот за образование на Србија денеска одржуваат предупредувачки штрајк и нема да ги одржат првите часови во прва и втора смена низ училиштата.

Штрајкувачите бараат од српската влада да почне да го применува законот за плати на вработените во јавниот сектор (платни групи и оценки) од 1 јануари идната година, а доколку не почне примената на тој закон за сите вработени во образованието, да биде зголемена платата за 15 отсто. Образовниот синдикат на Србија бара и изедначување на цената на трудот за сите дејности во образованието, формирање паралелки со помал број ученици во основните и средните училишта, како и стручни соработници и ненаставен кадар финансиран сразмерно на број на часови.

„Вработените во образованието речиси две години работат во тешки пандемични услови и го одржуваат образовниот процес во вонредни околности. Не е познат бројот на болни вработени и ученици, а владата и министерството за образование, наука и технолошки развој се глуви на апелите на синдикатот дека просветните работници се материјално и професионално понижени”, се наведува во соопштението.

Реакција на Владата по повод оставката на Ванчо Ѓорѓиев

„Владата и било која нејзина институција, ниту сега, ниту било кога, не влијаеле на работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања.“

Владата во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала било какво политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија. Напротив, секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдија своите принципи на работа.

Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало било какво влијание на одлуката на професорот Ванчо Ѓорѓиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција.

Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество.

Во случајот за професорот Ванчо Ѓорѓиев ја информираме јавноста дека само пред една недела професорот Ѓорѓиев го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата.

Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Ѓорѓиев, си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија.

Со ова соопштение укажуваме на овие непобитни факти, ја почитуваме неговата одлука и се заблагодаруваме за неговиот досегашен ангажман.

притисни ентер