Австралија експериментира со вакцината Бе-Се-Же против коронавирусот

Илјадници австралиски здравствени работници ќе учествуваат во клиничките испитувања за да утврдат дали вековната вакцина против туберкулоза може да го победи новиот коронавирус, соопшија денеска научниците.

Со вакцината против ТБЦ (БСЖ) се вакцинираат повеќе од еден милион деца секоја година во земјите кои сè уште се погодени од туберкулоза, но научниците веруваат дека вакцината би можела да биде ефикасна во сузбивањето на „Ковид-19“, бидејќи го зајакнува имунолошкиот систем.

Вакцините им помагаат на нашите тела да одолеат на вируси и болести со зајакнување на нашиот имунитет, но не и да лекуваат болести.

„Започнуваме со претпоставката дека ако имате силен имунолошки систем, тогаш вирусот нема да може да се репродуцира и да му наштети на нашето тело“, изјави Најџел Кертис, раководител за заразни болести во Институтот за науки Мардок во Мелбурн (МЦРИ).

„Сега ја насочуваме старата вакцина кон нешто друго“, додаде тој.

Околу 4.000 здравствени работници од австралиските болници ќе учествуваат во испитувањата што ќе започнат следната недела, а резултатите се очекуваат за шест месеци, соопшти МЦРИ.

Половина од персоналот ќе ја прими вакцината, која има благи несакани ефекти, додека другата половина ќе земе плацебо. Тие ќе можат да го следат нивното здравје преку специјална апликација на нивните мобилни телефони.

Австралија на тој начин ќе се приклучи на клиничките испитувања спроведени во Холандија и САД.

Во земјата моментно има 3.000 заразени, а 12 лица починаа.

Трката за развој на новата вакцина против коронавирус, се забрза откако вирусот се прошири ширум светот и се разви во пандемија.

Во моментов нема докажан лек или вакцина против Covid-19.

притисни ентер