Овие манипулации се случуваат на места каде што Ромите живеат во средини со доминантно население од други етнички заедници. Од мониторингот на терен забележани се следните неправилности во неколку критични општини:
– Струмица: регистрирање на лица кои биле попишувани пред продавница на улица Бетовенова и не биле прашани за етничка припадност од страна на попишувачот
– Струмица и Радовиш: припадници на турското движење се пријавени како одат заедно со попишувачите во Ромските маала и домаќинства, пришто давале турски знамиња додека се одвивала „статистичката операција". За овој случај реагираше и Државниот Завод за статистика, меѓутоа немаме информации дали е повторен пописот на овие места и дали се преземени соодветни постапки кон инволвираните
– Велес: попишувачот при спроведување на пописот велел дека нема етничка припадност Ром/Ромка во пописниот прашалник – овој попишувачот бил отстранет од пописот, но по неколку дена попишувачот бил вратен на терен. Кој ги дал инструкциите за враќање на попишувачот на терен? Дали пописот е повторен на тој реон? Како може попишувач да биде отстранет поради нерегуларности и повторно да биде вратен на терен? Дали е поведена постапка против локалната пописна комисија која повторно ја вратила попишувачката на терен.
-Тетово: попишано ромско семејство како албанско затоа што во цела околина живееле Албанци. Забележано внесување на податоци во тетратка за попишувачот да не се враќа повторно во истото домаќинство. Дополнително, има и други случувања во форма на притисок каде попишувачот по неколку пати ги прашува Ромите за етничката припадност
-Дебар и Кичево: попишување на ромски семејства како Албанци без да бидат прашани за етничка припадност
-Берово: Попишување на ромско семејство како македонско
-Виница: попишување на лица само со земање на лични карти, попишување на Роми како Турци
– Во Гостивар на барање на граѓани да бидат попишани на ромски јазик, истите случаеви не се пријавуваат во општинските пописни комисии. Во Гостивар, исто така, забележано е сликање на лични карти во ромски средини.
– Генерална забелешка во сите општини е дека попишувачи земале само лична карта без да прашуваат прашања поврзани со етничкиот идентитет на граѓаните.
Сите овие примери укажуваат на серија неправилности, притисоци и манипулации коишто насочуваат дека Д.З.С. нема целосна контрола врз спроведување на пописот, бидејќи општинските пописни комисии го контролираат процесот преку инструкторите и попишувачите.
Исто така, сакаме да напоменеме дека овие случаи, особено само со земање лична карта, придонесуваат за брзото спроведување на пописот на населението, кое на крајот резултира со квантитет, а не квалитет на собирање на податоци.
За надминување на ваквата состојба, со цел да се спроведе кредибилен попис, ги упатуваме следните барања до директорот на ДЗС:
– Да се донесе одлука да се повтори пописот во оние реони каде што се забележани нерегуларности од страна на населението и граѓанскиот сектор
– Да се продолжи рокот за спроведување на пописот на оние локации каде што пописот нема да биде завршен во предвидениот рок и на оние локации каде што имало нерегуларности и притисоци
– Бараме во текот на повторувањето на пописот да се обезбедат стриктно попишувачи Роми, со оглед на тоа дека одредени попишувачи ја злоупотребуваат својата положба
– Да се поведе соодветна постапка против попишувачите и други структури кои свесно ја искористиле својата положба за вршење манипулации
– Од Државниот завод за статистика бараме транспарентност во процесот на попишување.
Дополнително за ваквите случувања ќе испратиме допис до:
– Претседателот на државата и на Владата на РСМ
– До министерот за Правда
– До дипломатските претставништва во државата и мисијата на ОБСЕ и Евростат
Пописот во државата се спроведува за да даде реален приказ на населението во државата. Затоа ние како движење ги повикуваме сите засегнати страни да придонесат кон спроведување на кредибилен попис, кој што ќе ја прикаже реалната состојба. Пописот е национално прашање кое ја засега целата ромска заедница, оттаму како општествени чинители ги повикуваме сите политички партии, граѓански организации, коалиции, мрежи, медиуми и други чинители, предводени од Роми да изразат силна поддршка за повторување на пописот во одредени локации.
Граѓанското движење АВАЈА