МЖСПП: Во континуитет се следи состојбата со Преспанското Езеро, следната недела координативна средба

Состојбата со Преспанското Езеро се следи во континуитет и се преземаат активности во рамки на надлежностите, информира Министерството за животна средина и просторно плaнирање.

Министерството најавува дека следната неделаќе се одржи координативна средба на национално ниво за да се разговара за досегашните активности и можностите за подобрување на спроведување на мерките на Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро.

Од Министерството наведуваат дека на состанокот ќе присуствуваат претставници од научната јавност односно научниот совет формиран за спроведување на Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро, општината Ресен, Управата за хидрометеролошки работи, МЖСПП, граѓанските организации активни во регионот и сите засегнати страни во имплементацијата на Планот, за да разговараат за досегашните активности и можностите за подобрување на спроведувањето на мерките од Планот. Целта е во најкус можен рок да се изврши иницијална експертска анализа на причините за состојбата и можните следни чекори за следење и подобро управување со водостојот на Преспанското Езеро.

Од Министерството истакнуваат дека со оглед на прекуграничниот карактер на управувањето со Преспанското Езеро поради неговата географска поставеност и по спроведената ратификација на трилатералниот „Договор за заштита и одржлив развој на пределот на Преспа Паркот" од последната земја потписничка-Грција во 2019  година, со што истиот стапи на сила, Министерството се заложи да го иницира процесот на воспоставување на Комитетот за управување на Преспа Паркот и е во процес на обезбедување номинации од страна на земјите членки: Северна Македонија, Албанија и Грција.

Во меѓувреме, користејќи ја веќе воспоставената меѓународна соработка на експертско ниво во рамките на проектот за овозможување на прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во проширениот Дримски воден басен, Секторот за управување со водите во МЖСПП иницираше вонреден состанок на националните експерти од Дримската група за да ги разгледаат состојбите и да разменат сознанија и согледувања за начините за итно надминување на актуелните состојби со намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро.

притисни ентер