Фото: Рено го претстави електричното Твинго

Францускиот произведувач на купувачите им понуди електрична верзија од својот мал градски автомобил.

Рено Твинго спаѓа во класата возила чија електрична верзија и тоа како има смисла во пракса, со оглед на тоа дека ваквите автомобили најмногу прејдени километри остваруваат во урбани средини, каде загадувањето на воздухот заради издувните гасови е најголемо.

Така и Твинго „Z.E.“ ќе им се придружи на сличните модели кои веќе имаат свои електрични верзии, како што се на пример Фолксваген „e-up!“, Шкода „Citigo“ или Сеат „Mii Electric“. Базиран е на стандардното Твинго а го дели истиот погонски систем со Смарт  „EQ ForFour“.

Електромоторот произведува 81 коњски сили, што на автомобилот му овозможува од 0 до 50 км/ч да забрза за околу 4 секунди, додека максималната брзина изнесува 135км/ч.

Благодарение на релативно малата батерија од 22 kWh, која има маса од 165 кг, Твинго „Z.E.“ не е премногу тежок автомобил, па според „WLTP“ во град може да прејде и до 250 км.

Во комбиниран режим на возење (57% град, 25% приградско возење, 18% автопат), исто така според „WLTP“ стандардот, овој автомобил има автономија од 180км.

Што се однесува до дополнувањето на батеријата, кога целосно ќе се испразни, за полнење на домашен полнач од 2,3 kW потребни се дури 13 часа и 30 минути. Со дополнителниот „Wallbox“ полнач од 3,7 kW, кој исто така може да се инсталира во гаража, времето на полнење се намалува на 8 часа, а полначот со сила од 7,4 kW го скратува периодот на дополнување на 4 часа.

Од Рено наведуваат дека на полначот со капацитет од 11 kW полнење од 0-80% од капацитетот, трае 2 часа и 10 минути а на оној од 22 kW, вкупно 63 минути.

Рено Твинго „Z.E. “ има исто простор во кабината како и стандардната верзија а идентичен е и багажникот од 240 литри.

Францускиот произведувач ќе одржи премиера на овој автомобил на претстојниот саем во Женева а датумот за почеток на продажбата и цената на електричното Твинго за сега не се соопштени.

притисни ентер