Обвинение заради внесување дрога во затворот Идризово

 По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот Кривичен суд Скопје поднесе обвинение против косовски државјанин заради внесување дрога во затворот Идризово.

Обвинетиот, на 31 јануари, во просториите на Казнено-поправната установа „Идризово" во Скопје, при редовна посета на осудено лице, неовластено пуштил во промет наркотична дрога – кокаин со нето маса од 89,96 грама.

Како што соопшти Јавното обвинителство, при влезот во установата, обвинетиот на затворскиот полициски службеник му предал пакет наменет за осуденото лице, во кој имало и една јакна. По извршениот претрес на пакетот, во внатрешниот џеб од јакната, во најлонско пакување обвиткано со селотејп, била пронајдена наркотичната дрога – кокаин.

Надлежниот јавен обвинител до Судот доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице, со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство и можност тој да го повтори делото што му се става на товар. 

притисни ентер