Наследниците успешно ја чуваат струмичката карневалска традиција

На два дена пред почнувањето на осумдневните карневалски празнувања Струмица на големо живее со маските. 

Карневалската треска се чувствува насекаде. Струмичани остануваат верни на аманетот на претходниците подготвувајќи ги своите маски. Со месеци карневалските групи и поединците, скриени од очите на јавноста и „конкуренцијата", ги подготвуваат карневалските креации. Иако најмладите струмичани своите карневалски креации вообичаено ги презентираат на Детскиот карневал, од лани групата при ОУ „Видое Подгорец" од Струмица, предводена од учителката Соња Цицимова, со својот прв настап на Големиот карневал ги собра наградите и симпатиите на публиката.

Ученици петтоодделенци и нивните родители од одделението на Цицимова секојдневно се подготовуваат за нивната петта заедничка маска. Првата маска „Виножито" ја подготвиле пред пет години, во прво одделение.

– Секоја година имаме своја тема во која се наоѓаме со децата. По маската „Виножито", во второ одделение бевме „Папагали", во трето „Пуканки", во четврто одделение веќе преминавме во Големиот карневал со маската „Струмички шпагети". Драго ми е што Организацискиот одбор имаше слух за нас и нè прифати поради возраста на децата. Маската ги освои максималните 70 поени и ја оправдавме довербата што ни беше укажана. Со „Шпагетите" го претставувавме Струмичкиот карневал во Тиват и Врњачка Бања на тамошните карневали и чинам дека тоа беше најголема награда за нас, раскажува Цицимова.

За неа, иако не е родена струмичанка, негувањето на карневалската традиција, дружењето и возбудата од самата карневалска ноќ се пресудни веќе пет години како наследници на вековната традиција да ја чуваат и негуваат.

– За мене карневалот беше голем предизвик. Јас не сум струмичанка, од Свети Николе сум, и ми беше многу симпатична возбудата како луѓето со години ја негуваат традицијата. Едноставно ми беше предизвик. Сакам да се обидам и да видам колку ќе бидеме успешни. Тоа ми беше појдовната идеја. Годинава искрено се плашам од ланскиот успешен настап, бидејќи сме во друга категорија, конкуренцијата од маски е многу силна и затоа наградата не треба да ни биде приоритет, туку да се претставиме во најсветло издание и да си поминеме убаво, вели учителката Соња.

Со позитивните чувства ѝ се измешани и емоциите поради разделбата од нејзината карневалска група за четири месеци, која од септември ќе продолжи во шесто одделение. Но, тоа засега е во втор план. Секојдневните вежби се одвиваат во училишната сала со кореографски вежби на маската. Интересни се сеќавањата за изработката на маската „Пуканки", во која се вклучиле и бабите на децата.

– Успеавме да ја преселиме атмосферата од училницата во семејствата, односно маската се пресели во домовите на учениците, додава Цицимова.

За годинашната маска, како и за претходните, вели дека има неколку општествено одговорни компании што им помагаат и што препознаваат квалитет и веруваат дека средствата ги вложуваат во нешто убаво, за радоста на многу деца и дека тоа е едно општо задоволство.

– Годинава ќе настапиме со маска на една многу актуелна тема. Се надевам дека од сè срце ќе ја пренесеме најавтентично маската и публиката и жирито тоа ќе го препознаат. Се надевам дека ќе испратиме силна и многу јасна порака, која е важна за сите нас, посочува Соња, но никако не сака да открие повеќе за маската и се држи до непишаното правило на Струмичкиот карневал таа да се крие до почетокот на големата карневалска забава.

Во подготвувањето на кореографијата на маската учествуваат и родители на децата. Тие не сакаа да зборуваат со образложение дека „тренерот" го предводи тимот и тој е задолжен за комуникација со јавноста, а тие се послушни учесници во маската.

Учителката Соња Цицимова веќе крои планови за понатаму. На нашето прашање дали ќе продолжи со подготвувањето маски со досегашните ученици или ќе почне со новите првоодделенци, вели дека во изминативе пет години карневалот ги направил како едно семејство.

– За почеток, во план ми е новите првоодделенци да учествуваат барем на Детскиот карневал, а доколку има подлога за поддршка и од тие родители зошто да не целиме на повторување на досегашните успеси. Истовремено сакам да останам и со досегашните мои ученици, иако ќе бидат со други наставници. Јас стојам на располагање и се надевам дека ќе се најде начин како да ги реализирам моите желби, рече на крајот учителката Соња Цицимова.

Годинава Струмичкиот карневал се одржува од 26 февруари до 4 март, а главниот настан Интернационалната карневалска вечер ќе се одржи на 29 февруари, в сабота. /МИА

Измена на КЗ, политичка одлучност и консензус за тешки реформи

Измена на КЗ, политичка одлучност и консензус за тешки реформи, во фокус на сесијата на Работната група - 4, Поглавје 24.

Измена на Кривичниот законик, визија, политичката одлучност и консензус за спроведување на тешки реформи се дел од препораките за кои се дискутираше денеска на тринаесетта сесија на Работна група – 4, Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност.

На сесијата на тема „Темелни права, правда и слободи преку призмата на механизмот за владеење на правото на Европската Унија“ што се одржа во Скопје, Кристиан Туркаљ, правен експерт за Западен Балкан, главен преговарач во преговарачкиот тим на Република Хрватска, сподели дека за да се оди забрзано на патот кон ЕУ, потребно е да се остварат некои претпоставки, како што се одлучност и консензус за реформи.

- Според мене, клучна е визијата, одлучноста на политичката елита во Македонија, еден консензус на главните чинители тоа вистински да се сака, како би се спровеле тешки реформи. Тука доаѓа до тоа да се биде способен да донесеш тешки одлуки, односно, да не се избегнува донесувањето на одлуки. Одложувањето на одлуките само го одложува процесот и всушност гледаме дека процесот станува сѐ покомплексен, рече тој.

Во однос на прашањето дали тие тешки одлуки се уставните измени, тој одговори дека не би зборувал конкретно за Македонија, но, дека тоа било случај во Хрватска.

- Во случајот на Хрватска тоа вклучуваше, да, и измени на Уставот кои потоа овозмжија примена на Европските прописи во Република Хрватска, дополни тој.

На сесијата, Туркаљ посочи дека треба да се препознае и да се искористи шансата. Тој потенцираше дека независните тела во правосудството мора да имаат капацитет кој опфаќа доволен број на кадар, но, и способен кадар кој што знае да постапува.

Според него, стагнацијата на напредокот може да доведе до блокада и доколку нашата држава сака да оди напред, таа треба да го стави целиот интелект на овие поглавја.

Александра Деаноска Трендафилова, професорка на Правен факултет „Јустинијан први“ – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и координатор на работната група, на сесијата истакна дека основната порака е дека сме свесни дека состојбите на правото се под мониторинг и дека треба да се проучи механизам за владеење на правото, односно, како што рече, „околу што се врти целата оска“.

- Треба да ги читаме извештаите и директивите што ги даваат другите држави и ЕУ. Имате фиксни параметри што треба да ги исполните, тука може да земеме пример од држави кои добиваат забелешки, а се слични на нашиот систем, да видиме како се соочуваат и да стигнеме до решенија, рече таа.

Во изјава за медиуми по воведните обраќања, таа истакна дека е неопходно да ја почитуваме предлог-директива која е дел од иницијативите на Европската Комисија за зајакнување на антикорупциската рамка и борба во Унијата против корупцијата.

Образложи дека како препорака од денешната дискусија ќе произлезе надлежните министерства, конкретно Министерството за правда, да ја разгледа предлог-директивата и да предложи повторни измени на КЗ, бидејќи, како што рече, ако го чекаме донесувањето на новиот КЗ, тоа ќе потрае.

- Оваа предлог-директива борба против корупцијата, иако не е финален документ, и нас не нѐ обврзува, не треба да заборавиме дека сме во процес на евроитнеграции, усогласување на нашето законодавство со законодавството на ЕУ, па дури и она што е во фаза на предлог, бидејќи е израз на политиките на ЕУ. Во таа предлог директива, дадена е минимална листа на кривични дела на корупција кои што треба да бидат инкриминирани во кривичните законици на земјите членки на ЕУ, вклучително и делото „злоупотреба на службената положба и овластување“. Нешто што во јавноста беше предмет на дискусија дали воопшто треба да постои како дело, рече таа.

Дополни дека во поглед на предложените казни, тие се многу повисоки од оние што ние ги имаме во актуелниот Кривичен законик, и како што рече, тие особено се намалија кај делото „злоупотреба на службената положба и овластување“ со измените на КЗ од септември 2023. Предлог-директивата, како што дополни, е донесена во мај 2023 година.

Трпе Стојановски, НКЕУ-МК експерт, професор на Факултет за безбедност, УКЛО – Битола, потенцираше дека ако една држава сака да покаже перформанси, одржливост и борба против корупција мора да инвестира во квалитетна јавна администрација.

По воведните обраќања дел од сесијата е експертска анализа пос која ќе има презентација, дискусија и усвојување на препораки.

Јанчев: Кавадарци станува зелена општина

Кавадарци станува зелена општина – вели градоначалникот Митко Јанчев. 

Изминативе години реконструирано е јавното зеленило на површина од 130.000 метри квадратни, рече меѓудругото првиот човек на Општина Кавадарци.

Целата изјава на градоначалникот Јанчев, погледнете ја во видеото.

Демири и Манолева: Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба за вакцинации ...

Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба за вакцинации и две нови амбулантни возила - зајакнати капацитетите во изминативе години.

Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката д-р Маја Манолева, денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот Дом во Охрид и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“–Охрид.

-Во изминатиот период, Здравствениот дом значително ги унапреди условите со реновирање на просториите во Службата за вакцинации, како и зголемување на нивото на здравствена заштита, рече министерот Демири.

Со обнова на опремата за лабораторија и медицинска апаратура се прошири делокругот на анализи кои сега се вршат во зздравствената установа.

-Како што ме информираше директорката, набавени се две амбулантни возила за Итната медицинска помош од сопствени средства, со што се изврши обнова на возниот парк, поефикасно, побрзо и навремено реализирање на здравствените услуги за пациентите, изјави заменичката Манолева.

Со цел подостоинствени услови за пациентите и вработените, потпишан е договор за поправки, санација на објектот „Маларична“ со примена на дограма, фасада, кров и партерно уредување. Исто така, спровена е постапка за санација на објектот амбуланта Белчишта во вредност од 7.665.280.00 денари од сопствени средства.

притисни ентер