Во Виетнам обвинети седум лица за „камионот на смртта“

Во Виетнам се обвинети 7 лица во врска со смртта на 39 виетнамски мигранти чии тела беа пронајдени во камион во близина на Лондон во октомври.

Официјалната Виетнамска новинска агенција соопшти дека осомничените се обвинети за организирање и посредување во илегална емиграција.

Истрагата покажала дека обвинетите помогнале во тоа 67 луѓе легално да патуваат во европските земји заради работа.

Виетнамската полиција исто така ја повика владата да побара помош од Интерпол во издавање на меѓународна потерница за апсење на еден од осомничените кој живее во Кина, јавува новинската агенција.

Телата на 39 луѓе пронајдени се на 23 октомври минатата година во англискиот град Грејис, источно од Лондон.

Полицијата соопшти дека жртвите биле од Виетнам, на старост помеѓу 15 и 44 години.

Се верува дека жртвите, 31 маж и 8 жени, им платиле на криумчарите за илегално префрлање во Англија.

Полицијата соопшти дека мигрантите умреле од комбинација на недостаток на кислород и прегревање во затворен простор.

Неколку луѓе се обвинети и во Велика Британија за убиство или помагање во илегална имиграција.

„Камионот на смртта“, во кој се пронајдени 39 мртви на југот на Англија, предизвика огромно внимание во светската јавност во октомври минатата година.

притисни ентер