Африканската свинска чума, сериозна закана за свињарството

Ветеринарните власти ќе вршат засилени контроли по малите семејни свињарски фарми како превентивна заштита од африканската свинска чума. 

Агенцијата за храна и ветеринарство ги засилува превентивните мерки во пресрет на затоплувањето кога е зголемен ризикот од пренесување на вирусот африканска свинска чума. По спроведување на контролите на големите и средни свињарски фарми на ред сега се малите домаќинства кој во дворовите чуваат по неколку свињи каде и заштитните биосигурносни мерки се најслаби. Ветеринари ќе одат од фарма на фарма за да им укажуваат на оние кои чуваат по некоја свиња како да се заштитат од африканската свинска чума – болест за која нема лек, не е опасна за човекот но онаму каде ќе се појави во радиус од три километри сите грла се уништуваат.

Африканската свинска чума ја има во Бугарија, Србија и Грција. Ветеринарните власти се подготвени за брза реакција во случај болеста да се појави и кај нас. Се планира поделба по региони во случај да се појави да не страдаат сите фарми во земјава туку само одреден регион. Науката смета дека состојбата е таква кога не е прашање дали ќе се појави и кај нас болеста туку само кога.

На заедничка средба се собраа сите ветеринарни агенции од регионот каде ја има болеста како и сите посериозни фармери за да се укаже уште еднаш на важноста од превентивните мерки. Заради недостиг од свинско на пазарот веќе цената е во пораст со тренд и натаму да поскапува што за домашните фармери е одлична можност ако остане земјава без африканската свинска чума.   

притисни ентер