Очекувањата за членство во НАТО и старт на преговорите со ЕУ се вкрстуваат во март

Месец март, клучен месец во календарот за евро-атлантдките перспективи на земјата

По најавата на Шпанија за забрзување на постапката за ратификација на Протоколот за НАТО и реафирмираната поддршка за старт на преговорите за членство во ЕУ на сосатнокот на Европскиот совет во март, како и омекнувањето на ставот на францускиот претседател Макрон дека ќе поддржи отворање на преговорите со Скопје и Тирана ако резултатите од извештајот што ЕК треба да го објави исто така во март за двете земји се позитивни, го прават месец март клучен месец во календарот за евро-атлантдките перспективи на земјата.

Шефицата на шпанската дипломатија Аранча Гонзалес Лаја на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи Никола Димитров кој вчера престојуваше во посета на Мадрид, истакна дека Шпанија ќе поддржи старт на преговорите за членство на Македонија во ЕУ на состанокот на Европскиот совет во март.

Лаја нагласи дека Шпанија работи со Франција за обезбедување консензус за ова прашање, додавајќи оти за тоа станало збор и на завчерашната средба на шпанскиот државен секретар за ЕУ, Хуан Гонзалес Барба со неговата француска колешка Амели де Моншалан.

Димитров изјави дека со новата методологија предложена од Европската комисија, која предвидува награда за оние што си ја завршиле домашната задача и казна за оние кои назадувале, ќе биде многу тешко, па дури и засрамувачки, да и се каже повторно „не" на Македонија.

Тој потсети дека земјава направи значителен напредок, го реши долгогодишниот спор со Грција за името, ги спроведе задачите што и беа поставени и е целосно подготвена за старт на преговарачкиот процес со ЕУ.

Во врска со ратификацијата на Протоколот за НАТО во шпанскиот Парламент, Лаја рече дека очекува тоа да се случи многу брзо и Македонија да стане 30-та полноправна членка на Алијансата. Ратификацијата на Пристапниот протокол, нагласи таа, е веќе започната во шпанскиот Парламент, по скратена постапка и се очекува денеска да биде усвоена од Комисијата за надворешни работи на Долниот дом, а веќе следната недела ќе биде ставена на гласање на пленарна сесија во Долниот дом по што постапката ќе продолжи во Сенатот. Очекувањата се дека целата постапка би требало да заврши до крајот на март годинава.

Во рамки на посетата, Димитров оствари средба и со претседателката на Долниот дом на шпанскиот Парламент Маричел Батет, која му ја претстави очекуваната временска рамка за процесот на ратификација, како последна од земја членка на НАТО со која треба да се заокружи процесот.

-Забрзаната постапка за заокружување на нашето членство во НАТО од страна на шпанскиот Парламент е потврда за силната волја на Шпанија да и помогне на Македонија за конечно остварување на стратешките цели. Добрите вести од Шпанија се реалност во март, веројатно најзначајниот месец во календарот на нашите успеси, оцени министерот Димитров.

Лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас вчера во неговиот говор за проширувањето на ЕУ, на настан во францускиот Сенат од Париз побара да се отвори европскиот пат за Скопје и Тирана и рече дека Унијата „не може да биде силен геополитички фактор на меѓународно ниво, доколку не е кредибилен фактор во нејзиното соседство".

Нагласи дека кога беше постигнат Договорот од Преспа во 2018, за Македонија „се отклучи" перспективата за проширување, паралелно давајќи ѝ импулс и на албанската европска перспектива, а придонесе и за нов моментум во развојот на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ако повторно ја изгубиме оваа динамика, ќе биде многу тешко одново да ја вратиме.

-Зоран Заев, како премиер беше доста храбар да најде компромис со мене за името, а истото го стори и со Бугарија, иако ја знаеше тешката политичка цена. Причината, зошто ние и нашите министри за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров, успеавме да стигнеме до овој договор беше затоа што го базиравме на взаемно почитување и заемно прифатливи решенија. Ние, не ги префрливме проблемите за далечната иднина, не ја фрливме топка на следниот. Не се обидовме меѓусебно да се измамиме или да играме политички трикови. Не игравме на лесната карта – националистичкиот популизам што другите политички сили го користеа и го користат во нашите земји. Ние, го почитувавме меѓународното право, рече Ципрас.

Поранешниот грчки премиер коментираше дека откажувањето па дури и одложувањето на проширувањето ќе има сериозни последици за стабилноста во регионот, како пример споменувајќи ја 2014 година кога Јункер најави замрзнување на процесот на проширување, а „регионот влезе во состојба на продолжена нестабилност"..

Според него, позитивно е тоа што се дискутира за нова методологија за усогласување и подобрување на процесот на интеграција, но додаде дека сепак, мора да биде јасно дека „не постојат механизми што можат да ја заменат перспективата за интеграција на народите од Западен Балкан, а европската соседска политика е моќна алатка за реформи и финансиска поддршка".

Заменик министерот и портпарол на грчката Влада Стелиос Пецас, вчера во редовниот брифинг за новинарите оцени дека е многу позитивно тоа што конференцијата за Западен Балкан што треба да се одржи во понеделник во Солун доаѓа во услови кога се чини дека француската страна, која имаше важни противења на оваа тема, сега е поотворена за компромис. -Секогаш сме со доза на резерва, но сме малку повеќе оптимисти, вели Пецас во однос на тоа колку конференцијата ќе придонесе за забрзување на европската перспектива на Скопје и Тирана.

Во понеделник, во Солун на конференцијата за поддршка на европската перспектива на регионот „Од Солун до Загреб", ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на балканските земји членки на ЕУ и шефовите на дипломатиите на државите кандидати за членство од Западен Балкан, меѓу нив и министерот за надворешни работи Никола Димитров. На фирумот е поканет да присуствува и комесарот за проширување и соседство на ЕУ, Оливер Вархеји.

Во меѓувреме, и премиерот Оливер Спасовски во интервју за ЕУ Обсервер ја повика ЕУ да донесе одлука за старт на преговорите за пристапување на земјата пред априлските избори.

– Направивме се што беше побарано од нас и многу е важно да добиеме соодветна порака од ЕУ, особено во март. Тајмингот е од огромна важност за нас со цел да се запре неизвесноста околу европската перспектива на Македонија што може да се појави во земјата, но и во регионот, оценува Спасовски.

Претстојните избори, вели, ќе бидат соочување меѓу проевропските и националистичките сили во земјата. /МИА

Николовски од кавадаречка Марена: Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, вечерва во селото Марена општна Кавадарци, пред лозарите го презентираше новиот Закон за вино, кои денеска беше усвоен од Собранието.

„Убави вести носам за вас лозарите. Собранието го донесе новиот Закон за вино предложен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје. Исполнуваме уште еден даден збор пред лозарите“, изјави министерот Николовски.

Новиот Закон за вино во целост е усогласен со одредбите на европското законодавство. Се уредува делот на воведувањето нови производи од вино, како органско вино и ароматизирани вински производи. Македонското вино најмногу се извезува, кон земјите членки на Европската Унија и токму овој нов Закон придонесува непречено да се зголеми, но и олесни извозот на македонско вино и производи од вино кон ЕУ.

Законот за вино во целост е на страна на лозарите, решавајќи уште еден голем проблем за лозарите, а тоа е откупната цена. За првпат, преку јасна методологија, се утврдува гарантирана производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје, на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, ќе биде вршена од високо образовна, или научна институција, од областа во земјоделството. Лозарите добиваат гарантирана цена на винското грозје, односно производствената цена зголемена за 25%.

Новиот Закон предвидува и креирање на нова годиншна, посебна програма за финасиска поддршка во лозарството и винарството, со која уште повеќе треба да се развиваат овие два значјни сектори.

„Новата посебна програма, во себе ќе ги содржи сите досегашни мерки за лозарството и винарството од програмите за директни плаќања и рурален развој. Создаваме и нови можности за поддршка на активности поврзани со промоцијата на виното во Македонија преку регистар на вина, препорачани цени на вина во ресторани, обележување на сите винарии, вински инфлуенсери, продажба на вино преку интернет“, истакна министерот Николовски.

Системот на заштитата на геогравските индикации на виното, во целост е усогласен со европското законодавство. Новиот Закон за вино во овој дел предвидува, истите да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво, со заштитена ознака за потекло, или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното, на национално и меѓународно ниво, се заштитува со традиционална ознака.

Производството на вино со геогравска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој процесот ќе го верифицираат во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје, до производство на вино со геогравска ознака. Сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.

Новиот закон за вино заедно со десетгодишната Стратегија за развој на винарството и лозарството трасираат нов пат и сигурен развој на двата сектори, винарство и лозарство, преку стабилно произвдоство на винско грозје со мотивирани лозари, потоа зголемен извоз на македонско вино и уште повисоко позиционирање на светската винска мапа, нагласи министерот Николовски, соопшти МЗШВ.

Поднесе оставка министерот за надворешни на Латвија- се возел во скапи приватни авиони

Министерот за надворешни работи на Латвија Крисјанис Каринс објави дека се повлекува поради обвинувањата за трошење народни пари во врска со скандалот со чартер летови.

Каринс денеска по средбата со премиерката Евика Силина објави дека на 10 април ќе поднесе оставка од функцијата. Парламентот веќе следниот ден може да одлучи за неговиот наследник.

Каринс беше критикуван за чартер летовите за време на мандатот на премиерот. Тој ја водеше латвиската влада од 2019 до 2023 година, а во тој период леташе околу триесет пати со приватни авиони наместо со поевтини, редовни линии.

Латвиското државно обвинителство минатата недела започна истрага за можното трошење јавни средства.

Каринс ги негира обвинувањата, тврдејќи дека летовите биле неопходни за да се заштеди време или за да може да се врати во земјата што е можно поскоро за работа поврзана со владата.

Силина рече дека Каринс ја презел политичката одговорност и дека се уште не знае кого ќе назначи за негов наследник.

Амазон вложува уште 2,75 милијарди долари во развој на АИ стартапот Anthropic

Амазон објави дека ќе инвестира дополнителни 2,75 милијарди долари во Антропик, со што вкупната инвестиција на компанијата во стартапот за вештачка интелигенција ќе достигне 4 милијарди долари.

Технолошкиот гигант ќе го задржи малцинскиот удел во Антропик со седиште во Сан Франциско, ривал на OpenAI, кој го произведе ChatGPT.

- Веруваме дека нашата стратешка соработка со Антропик дополнително ќе ги подобри искуствата на нашите корисници и со нетрпение ги очекуваме следните чекори - рече Свами Сивасубраманијан, потпретседател за податоци и вештачка интелигенција во веб сервисите на Amazon (AWS).

Технолошкиот гигант со седиште во Сиетл инвестираше 1,25 милијарди долари во Антропик во септември 2023 година и тогаш посочи дека има планови да инвестира до 4 милијарди долари, пренесува британски Гардијан.

Двете компании соработуваат на развојот на таканаречените основни модели, кои се во основата на генеративните системи за вештачка интелигенција кои го привлекоа глобалното внимание.

Според договорот, Anthropic ќе користи AWS како свој примарен провајдер на „облак“ и ќе ги користи сопствените чипови на Amazon за изградба, обука и распоредување на модели со вештачка интелигенција.

Исто така, ќе им овозможи на клиентите на AWS, кои се претежно бизниси, пристап до моделите на услугата на Amazon наречена Bedrock. Во своето соопштение, Амазон вели дека компаниите како што се Delta Air Lines и Siemens веќе го користат Bedrock за пристап до моделите со вештачка интелигенција на Anthropic.

притисни ентер