Макрон нема да дозволи имами и други верски учители од странство да држат настава во Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ќе ја ограничи практиката на другите земји да испраќаат имами и други верски учители во Франција, со цел да се запре она што го нарече „сепаратизам“.

На помалку од еден месец до локалните избори, Макрон изјави дека постепено ќе го ограничи системот со кој Алжир, Мароко и Турција испраќаат имами во Франција да проповедаат во џамии и додаде дека тој постигнал договор со тие земји, освен со Турција .

„Нема да дозволам ниту една земја да нè храни со сепаратизам“, рече Макрон на прес-конференција во Мулхаус, на истокот од земјата.

Тој истакна дека прекинувањето на исламскиот наставен систем е исклучително важно за да се ограничи странското влијание и да се осигура дека сите ги почитуваат законите на републиката.

Тој рече дека овие земји испраќаат 300 имами годишно во Франција и најави дека оние што пристигнуваат годинава ќе бидат последните што влегуваат во земјата. Тој рече дека неговата влада побарала институцијата што го претставува исламот во Франција да најде можност имамите да бидат обучени на француска територија, да се осигура дека зборуваат француски и да не шират исламистички идеи.

Макрон, кој постојано беше критикуван од екстремно десничарскиот лидер Марин Ле Пен за интеграција на француските муслимани, најави дека ќе ја укине практиката на предавање француски платени верски учители на странски студенти.

Досега, францускиот претседател не се осврна на прашања поврзани со муслиманската заедница во Франција, која е најголема во Европа, но се фокусираше на економските прашања.

Франција последниве години постојано е на мета на исламските сепаратисти. Во ноември 2015 година, во координиран напад во театарот Батаклан и на други места во Париз, загинаа 130 лица,што е најсмртоносниот напад во Франција по Втората светска војна.

притисни ентер