Штипскиот Музеј доби четири милиони денари за проекти од национален интерес

Штипскиот Завод за заштита на споменици (ЗЗС) и Музеј од националната Програма на Министерството за култура доби проекти кои  чинат околу четири милиони денари. 

Директорот на ЗЗС и Музеј-Штип, Митко Штерјов на денешната прес-конференција информира дека во делот на археолошките истражувања, годинава ќе имаат на локалитетите „Баргала", „Пилав Тепе", а по 40 години ќе се работи и кај селото Крупиште.

Археолизите ќе имаат можност да истражуваат на катедралната базилика во Крупиште, каде што академик Блага Алексова во своите истражувања и трудови посочува дека токму на таа локација браќата Кирил и Методиј ја напишале глаголицата и оти таму се наоѓа градот Равен.

– Тоа е тој дел, ја имаме целината, каде што ја имаме Црвената црква, ја имаме петоксидалната, ротондата. Таму има повеќе цркви, но оваа е една репрезентативна, огромна, голема црква и јас како археолог и останатите се чудевме што тој објект не е истражен до крај и не е конзервиран, бидејќи објект со петоксиди несретнуваме секојден во археологијата и во нашата пракса, вели Штерјов.

Тој забележа дека на локалитетот Пилав Тепе ќе истражуваат надвор од трасата на новиот експресен пат Штип-Радовиш. Таму очекува да се открие и некрополата на овој локалитет. Посочи  дека на археолошкиот локалитет „Баргала" имаат повеќе проекти, а истражувањата се насочени кон дооформување на бедемите, бидејќи лани искупувале дел од јужниот бедем, а северниот до половина е истражен. За овој локалитет изготовуваат проект за новооткриената централна базилика, но и таму ќе се истражува.

– Исто така ќе се изготвува и проект за базиликата екстра мурос, што е надвор од ѕидините на „Баргала". Пред неколку години се истражи тој дел од базиликата и сега ќе се изготвува проект за конзервација. Така да на „Баргала" имаме комбинација на истражување и конзервација, вели Штерјов.

Добиени се и средства и за Саат кулата во Штип, што се наоѓа во централното градско подрачје.

-Најпрво ќе изготвиме проект, но претходно е потребно да се извршат археолошки истражувања околу Саат кулата, да се направат геомагнетски истражувања за статиката на објектот, а потоа ќе пристапиме кон изготвување на еден целосен проект, за кој се надеваме дека и понатму ќе се реализира, вели Штерјов.

Добиени се и средства од областа на музеологијата и ликовната дејност, кои треба да ги реализираат вработените во ЗЗС и Музеј на град-Штип.

– Што се однесува до музеологијата има интересни проекти, имаме едно истражување кое ќе се направи за старите детски игри, кои некогаш ги имало во нашиот крај, потоа ќе се направи една изложба за сите досега ископани артефакти од „Бучим", онаа акција, што ја имавме пред неколку години, сите предмети се конзервирани. Ќе направиме една изложба, којашто ќе ја поврзиме со одбележување на 70 години од постоењето на Завод и Музеј на град-Штип. Добро за нас е и што ќе имаме и издавање на Зборник на штипскиот Музеј, што 15 години не беше правен и еве оваа година ја имаме можноста, вели Штерјов. /МИА

притисни ентер