Македонија на 40-то место во светот според грижата за децата

Македонија е рангирана на 40-тото место во светот според грижата за децата, покажуваат податоците од Извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), медицинското списание „Ланцет" и Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).

Документот насловен „Иднината за децата во светот", почнува со поразително тврдење дека ниту една држава не го заштитува адекватно здравјето на децата, нивното опкружување и нивната иднина.

– Здравјето и иднината на секое дете и млад човек во светски рамки е под закана од влошување на екологијата, климатските промени и експлоатациски маркетиншки практики, кои ги поттикнуваат на конзумација на брза храна, засладени напитоци, алкохол и цигари, се наведува во Извештајот.

Земјите се рангирани според индекс, утврден врз основа на показателите за здравјето и богатството во 180 држави, како и идните закани за благосостојбата на децата, дополнети со податоците за емисиите на штетни гасови.

Како земја која најногу се грижи за децата е посочена Норвешка, а по неа следуваат Јужна Кореа, Холандија, Франција, Ирска, Данска, Јапонија, Белгија, Исланд, Велика Британија, Луксембург и Сингапур. Според извештајот, последнорангирана е Централноафриканската Република.

Од земјите во регионот Словенија е рангиранана 25-то место, Грција на 31-во, Црна Гора на 34-то, Босна и Херцеговина на 38-мо, Бугарија на 45-то, Србија на 48-мо, Турција на 60-то и Романија на 80-то место.

Еспертите што го изработиле Извештајот велат дека најсиромашните држави треба да поминат долг пат, за да обезбедат услови за здрав живот на децата. Од друга страна, богатите земји, ја загрозуваат иднината на сите деца со загадување на природата преку испуштање емисии на штетни гасови, како јаглерод, што доведува до промена на климата и еколошка катастрофа.

Во извештајот се потенцира дека ниту една држава не постигнала добри резултати по параметрите за развој, одржливост и правда за децата. /МИА

притисни ентер