Грипот ги наполни болниците и ги испразни училиштата

Грипот продолжува да ги полни болниците, гужви и редици на чекање во амбулантите кај матичните лекари а се помалку има ученици па и наставници на настава по училиштата.

 Иако и официјалните податоци на институтот за јавно здравје покажуваат дека редовно февруари е месецот со најмногу заболени од грип, распустот на учениците никако да се промени и да се адаптира кон ваквата состојба.

Податоците за шестата недела годинава покажуваат дека заради топлото време грипот почна и порано но и за 60% има повеќе заболени во однос на десетгодишниот просек во земјава. Секоја година најголемиот број на заболувања е во февруари што го потврдуваат и официјалните податоци но и матичните доктори кои овој период имаат најмногу работа со грипот и настинките.

За утре е закажана седница на комисијата за заразни болести на која ќе се објави најновиот пресек за заболените од грип но и се очекува да се разгледа точката дали да се воведе вонреден распуст во училиштата каде наставата едвај се одвива во полупразни училници.

Можеби анализите од годинава како и од изминатите десет ќе помогнат барем за идната година наместо за нова година распустот на учениците да се помести и да не се мешаат учениците во сезоната кога најмногу коси грипот.   Во моментов на инфективната клиника има 36 хоспитализирано со грип од кои еден 36 годишен пациент е на интензивна нега во живото загрозувачка состојба како последица на компликации од грипот. 

Сезонскиот грип е причина за два смртни случаи од почетокот на годинава. Вчера на инфективната клиника почина 85 годишен пациент од масивна бронхо пневмонија како компликација од грипот а минатата недела на клиниката за детски болести почина 14 годишно девојче поради компликации од грипот, уште од раѓање имала тешки хронични заболувања, а вирусот дополнително и ја влошил здравствената состојба.  

притисни ентер