Единаесетгодишна Сара победник на натпревар на ФАО по повод Светскиот ден на храната

Единаесетгодишна ученика Сара Цветковска од Скопје освои прва награда на глобалниот натпревар на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) по повод Светскиот ден на храната 2019 година.

Како што информираат организаторите на натпреварот, нејзиниот постер, на кој доминира пчела, е избран за прв од најдобрите три во категоријата од девет до 12 години.

– Пчелите се клучни чинители во ланецот на исхрана и играат важна улога во зачувување на безбедноста на храната, подобрувањето на исхраната и борбата против гладот, соопшти ФАО.

Светскиот ден на храната, според организаторите, ја инспирирало 11-годишна ученичка од Скопје да ја претвори својата имагинација и уметнички талент во цртеж кој повикува на „заштита на пчелите за постигнување на Свет без глад #ZeroHunger".

– Благодарение на пчелите ја имаме храната што ја јадеме. Со заштита на пчелите го заштитуваме животот на нашата планета. Пчелите и другите опрашувачи се неопходни за производство на овошје, зеленчук, јатки, семиња и масла кои ги јадеме, богати со микронутритивни материи. Пчелите се под закана на низа човекови влијанија – употреба на пестициди, загадување на воздухот и климатските промени, истакна Сара, која во својот цртеж објаснува „Пчелата ја носи на својот грб нашата планета за да покаже дека на мајката природа и се неопходни пчелите за да создава здрава храна".

Според Сара, ние сме им потребни на пчелите за да ги заштитиме, а пчелите ни се потребни за безбедна иднина на нашата храна и за Свет без глад".

– Без млади луѓе како Сара, Светскиот ден на храната не би бил посебен. Сара и нејзините пријатели натпреварувачи ширум светот се шампионите на Целта за одржлив развој "Нула Глад", кои помагаат да се шири зборот дека нашите дејства се наша иднина. Со грижa за животната средина и одржливо живеење, сите можеме да помогнеме во зачувување на нашите екосистеми и безбедноста на храната, наведуваат организаторите.

притисни ентер