Германија забрани да се сечат дрвјата на локацијата каде што треба да се гради фабриката ,,Тесла”

Германски суд му нареди на американскиот производител на електрични возила ,,Тесла” да го прекине уништувањето на шумите на локација во близина на Берлин, каде што планира да ја гради својата прва фабрика во Европа.

Одлуката доаѓа по судскиот спор од страна на здруженијата за животна средина загрижени за водата и инфраструктурата.

Работата за отстранување на 92 хектари претежно борови дрвја близу Берлин почна во четвртокот и беше прекината во саботата навечер по налог на  судот кој ја разгледа тужбата од локалните здруженија за животна средина и донесе одлука за прекин на понатамошната работа.

Од Тесла сè уште не ја коментирале забраната.

Американската компанија планира да исече 92 хектари од вкупно 300 хектари шума до крајот на месецот, за да започне со производство во јули 2021 година и да произведува 500.000 возила на годишно ниво.

Регионалните власти ги поддржуваат нивните планови, бидејќи граѓаните се спротивставуваат на уништувањето на шумите, а работите се отежнуваат и поради неексплодираните бомби на Втората светска војна, откриени за време на подготовката на земјиштето, потсетува ДПА.

Пред околу 20 години, на локацијата требало да се гради фабрика на БМВ, но проектот никогаш не се остварил. Областа, во меѓувреме, обраснала со шуми, со богата флора и фауна.

Активистите за животна средина се плашат дека уништувањето на шумите за изградба на фабрика ќе го загрози снабдувањето со вода во областа и ќе ја уништи инфраструктурата во околните рурални области.

притисни ентер