Арсовски: Тим на ВМРО-ДПМНЕ го анализира носењето на законите за јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители

Експертски тим на ВМРО-ДПМНЕ ја анализира ситуацијата со носењето на законите за јавно обвинителство и за Советот за јавни обвинители по што ќе излезе со конкретна информација за нивното неделовничко носење.

-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден по гласањето во Собранието реагираше за носењето на законите конкретно и поточно за советот за јавни обвинители. Во тој дел нашите правни експерти, правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ разгледува секакви можности, ја анализира ситуацијата и веднаш потоа ќе излезе со конкретен податок, односно со претставка која што ќе биде поднесена до надлежните институции за носењето на овој закон односно за неделовничкото носење на овој закон така што, веднаш штом излезат со својата анализа ќе се поднесат и претставки до соодветните институции, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

-Доколку е правнички издржано ќе се поднесе претставка и до Уставниот суд, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа портпаролот на опозициската партија, води конструктивни разговори со повеќе политички партии, но во однос на какви било коалиции најдобро е да се почека што следи во наредниот период.

-Има конструктивни и пријателски разговори со сите политички партии и секоја политичка партија која што е на иста бранова должина со ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја поддржи програмата и визијата на ВМРО-ДПМНЕ за обнова на Македонија има простор да се разговара за коалиции, рече Арсовски.

На кандидатските листи ќе се најдат многу нови луѓе и во помал број веќе искусни луѓе. Не сакаше да соопшти имиња, но потенцира дека станува збор за луѓе со интегритет, кредибилитет и професионалност во својата област која што ќе ја застапуваат во Собранието и надвор од него.

-Тоа ќе бидат на некој начин луѓе кои не се да речеме премачкани со каков било криминал, како што тоа е случај во СДСМ, рече Арсовски.

Во однос на неназначувањето предлог за дополнителен министер за труд и социјална политика, тој рече дека бесполезно ќе било предлагањето на кој било друг министер затоа што повторно ќе се случело истото што и се случувало на министерката Рашела Мизрахи.

-Интенциите беа на кој било начин да се оневозможи работата на техничките министри и тоа продолжи до самото разрешување на министерката Рашела Мизрахи. Зоран Заев и Оливер Спасовски доколку сакаат да разрешуваат во однос на законите, доколку беа етички и морално, како што велат внесени во целата ситуација најпрвин ќе поднесеа барање за разрешување на сите околу нив. Конкретно Оливер Спасовски ќе требаше самиот да си поднесе барање за разрешување затоа што него го следат десетици сериозни скандали во министерството за внатрешни работи, истото и со Венко Филипче, истото и со многу други функционери од владата на СДСМ, рече Арсовски, одговарајќи на новинарски прашања.

Израелската армија го потврди убиството на висок функционер на Хезболах

Израелската војска потврди дека го убила Али Абед Асан Наим, заменик командант на ракетната дивизија на Хезболах. Тој бил убиен во напад со беспилотно летало во либанскиот регион Базуриех, објавија британските медиуми.

Израелската војска соопшти дека Наим насочил ракетен истрел со тешка боева глава кон израелска територија од Либан. Според израелските воени претставници, убиениот висок функционер на Хезболах бил одговорен за планирање и извршување на напади врз израелски цивили.

„Хуавеј“ минатата година со двојно поголем профит

Кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“ денеска соопшти за значително поголем профит во 2023 година, благодарение на силните резултати од неговите оддели за обработка заснована на Интернет и софтвери за автомобили.

Приходите на компанијата се зголемија за 9,63 отсто минатата година, на 704,2 милијарди јуани (99,4 милијарди долари).

Нето добивката се зголеми повеќе од двојно и изнесуваше 86,9 милијарди јуани.

Главниот столб на компанијата минатата година беше неговиот оддел за опрема за ИКТ инфраструктура, со приход од 362 милијарди јуани, што е за 2,3 отсто повеќе од 2022 година. Голем број западни земји забранија инсталирање на опрема на „Хуавеј“ во мобилните мрежи, повикувајќи се на националната безбедност.

Бајден: Постојано работиме да издејствуваме ослободување на Гершкович

Белата куќа објави изјава од претседателот Џо Бајден по повод навршувањето на една година руски затвор на новинарот на Волстрит џурнал, Иван Гершкович.

-Новинарството не е злосторство и Иван замина за Русија да ја врши својата работа на известувач со ризик за неговата безбедност за да се открие вистината за жестоката агресија на Русија против Укаина. Веднаш по неговото неправедно и незаконско задржување тој од затворот испрати писмо до своето семејство, изјави претседателот на САД.

Во писмото новинарот напишал дека „не губи надеж“.

-Како што им кажав на родителите на Иван, јас исто така не губам надеж. Ќе работиме секојдневно да издејствуваме негово ослободуање, рече Бајден.

Тој вети дека САД и понатаму ќе ги осудуваат и ќе воведуваат мерки „за обидите на Русија да ги користи Американците како монети за размена“.

Гершкович беше задржан лани во март. Оттогаш е се уште во притвор и чека судење по обвинение за шпионажа, што е категорично отфрлено од него, неговиот работодавач и владата на САД.

Во случај да биде прогласен за виновен, тој може да биде осуден на 20 години затвор./МИА

притисни ентер