Времето ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, а на планините од снег

Под влијание на влажен бран времето денеска ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, а на планините од снег. Врнежите ќе бидат пообилни во попладневните часови.

Во вечерните часови врнежи од снег ќе има и на некои повисоки места. Преку ноќта ќе дува умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.

Во Скопје времето ќе биде претежно облачно со повремен дожд, особено попладне. Во вечерните часови и во текот на ноќта ќе дува умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 9 степени.

Утрово најстудено беше во Берово со измерени -5 степени, а најтопло во Дојран со измерени 6 степени. Во Скопје Петровец се измерени -3 степени, -2 во Крива Паланка и Тетово, -1 во Маврово, 0 Скопје-Зајчев Рид, Прилеп, Охрид, Струмица, Крушево, 1 во Битола, Дебар, 2 во Куманово, 3 во Претор, Виница, 4 во Штип, Гевгелија, 5 во Демир Капија.

Висината на снежната покривка измерена во 7 часот утрово изнесува 5 степени на Попова Шапка, и 2 степени во Маврови Анови.

Западен Балкан е еден од приоритетите на Бајден

Западен Балкан е меѓу надворешно-политичките приоритети на новата американска администрација, било речено во телефонскиот разговор помеѓу претседателот на САД, Џозеф Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел.

Според соопштението на Белата куќа, двајцата државници ги посочиле приоритетните теми, вклучувајќи ги Авганистан, Кина, Иран, Русија и Украина, како и Западен Балкан.

„Претседателот Џозеф Бајден разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, пренесувајќи ја неговата желба за продлабочување на односите меѓу двете земји. Тој ја изрази својата намера да го ревитализира трансатлантскиот сојуз, вклучително и НАТО и Европската унија, како камен-темелник на колективната безбедност и заедничките демократски вредности. “се наведува во соопштението од Белата куќа.

Тие исто така се согласиле за важноста на глобалната соработка, вклучувајќи ја и обновената посветеност на САД кон мултилатералните организации, борбата против климатските промени, борбата против kovid-19 и подобрувањето на здравствената заштита, како и постигнувањето на одржливо глобално економско закрепнување, се наведува во соопштението.

Ова беше петти телефонски разговор на Бајден со странски лидер откако ја положи заклетвата за претседател на САД на 20 јануари.

Претходно, тој разговарал со канадскиот премиер Џастин Трудо, претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор од Мексико, премиерот Борис Џонсон од Велика Британија и претседателот Емануел Макрон од Франција, пренесува УС Њус.

Горили од Сан Диего се заразени со калифорниски сој на коронавирус

Група горили во парк во зоолошката градина Сафари во Сан Диего, САД, се опоравуваат од избувнувањето на ковид-19, што погоди неколку од вкупно осум горили, соопштиле од зоолошката градина.

Горилата почнале да се чувствуваат лошо на 6 јануари, кога две горили почнале да кашлаат, се вели во соопштението на зоолошката градина.

Тестот од измет извршен на 11 јануари покажал дека непознат број се заразени со вирусот ковид-19, веројатно по изложеност на работник во паркот кој бил асимптоматски.

Вирусот што ги заразил „е нов, многу заразен сој на коронавирус, неодамна идентификуван во Калифорнија“, велат од зоолошката градина.

По дијагнозата, горилите биле ставени во карантин во паркот.

На најстарата, 48-годишна горила Винстон, му биле дијагностицирани пневмонија и срцеви заболувања, соопштиле од зоолошката градина.

Тој бил третиран со лекови за срце, антибиотици и анти-ковид-19 терапија со антитела од тип кој што не е одобрен за употреба кај луѓе.

„Ветеринарниот тим кој го третираше Винстон верува дека антителата придонеле за неговата способност да го надмине вирусот“, велат од зоолошката градина.

Зоолошката градина, исто така, планира да користи верзија на вакцината против „ковид-19“, која не е наменета за луѓето за да ги заштити животните во зоолошката градина во Сан Диего и сафари паркот во зоолошката градина.

Вработениот за кој се верува дека ги заразил животните носел заштитна опрема и ги следел безбедносните протоколи против ковид-19, соопштија од зоолошката градина.

Џонсон : Преземам целосна одговорност за жртвите од корона

Повеќе од 100.000 Британци починале од ефектите на ковид-19, покажуваат денешните официјални податоци, додека владата се обидува да ја забрза вакцинацијата и да го спречи ширењето на новите соеви на коронавирус.

Велика Британија е првата европска земја што го премина црниот број и петта во светот зад САД, Бразил, Индија и Мексико.

Вкупниот број на смртни случаи е 100.162, поголем од бројот на убиени цивили во Втората светска војна и двојно поголем од бројот на убиените во нацистичките бомбашки напади во 1940 и 1941 година, иако во тоа време имало помалку жители.

„Преземам целосна одговорност за сè што направи владата“, рече денеска британскиот премиер Борис Џонсон.

„Можам да ви кажам дека навистина сторивме сè што можеме, продолжуваме да го правиме тоа, минимизирајќи ги загубите на животите и страдањата.

Тој додаде дека Британците „ќе се обединат како нација по пандемијата за да се сетат на оние што ги загубија своите животи и да им оддадат почит на несебичното херојство на оние кои се на првата линија, кои ги дадоа своите животи за да спасат други“.

Англија, најнаселениот дел од Велика Британија, повторно влезе во општ карантин на 5 јануари, затворајќи ги кафулињата, рестораните, продавниците за непотребна стока и училиштата за повеќето ученици. Воведени се дополнителни ограничувања за патувањата.

Велика Британија стана првата земја што ја одобри вакцината Фајзер во декември, ветувајќи дека ќе ги вакцинира сите над 70 години, оние кои се изложени на ризик, здравствените и социјални работници и жителите на домовите за стари и немоќни до средината на февруари.

Досега првата доза ја примиле 6.853.327 Британци, а втората 472.446.

притисни ентер