Мразот на Антарктикот се топи , измерени рекордни 20 степени Целзиусови

За прв пат во историјата на Антарктикот се измерени температури над 20 степени Целзиусови, а научниците кои ги следат мерењата, сметаат дека новиот рекорд е неверојатен и ненормален.

Бразилските научници на леденикот Сејмур забележале 20,75 степени Целзиусови на 9 февруари, скоро за еден степен повисоко од претходниот рекорд измерен на островот Синси во јануари 1982 година, од 19,8 степени Целзиусови, пренесува Гардијан.

Што се однесува до континенталниот Антарктик, аргентинската истражувачка станица измерила 18,3 степени Целзиусови кај Есперанци на 6 февруари, што претставува рекорд за оваа област.

Овие рекордни мерења допрва треба да бидат потврдени од Светската метеоролошка организација, но тие се совпаѓаат со трендовите забележани на Антарктикот, кои се загреани за над 3 степени Целзиусови во однос на пред-индустриското време. Тоа темпо на затоплување се смета меѓу најбрзите на планетата.

Бразилските научници веруваат дека тоа е под влијание на промените во океанските струи и климатскиот феномен Ел Нињо.

Регионот на Антарктикот зачувува околу 70 проценти од свежата вода на планетата во форма на снег и мраз. Кога сето ова би се стопило, нивото на морињата ќе се искачи од 50 до 60 метри, но за тоа ќе треба да поминат неколку генерации.

Научниците на ООН предвидуваат дека океаните ќе бидат за 30 до 110 сантиметри повисоки до крајот на овој век, во зависност од резултатите од човечките напори за намалување на емисиите на стакленички гасови што ја загреваат атмосферата на Земјата и чувствителната ледена обвивка.

Најпогодената област е полуостровот на Антарктик, кој достигнува до Аргентина. Видно е топење на глечерите кои се повлечени повеќе од 100 метри во заливот Дискавери, како и големи, голи делови од земја каде снегот се стопил за помалку од една недела. Бидејќи температурите пораснале побрзо последниве години, се верува дека овој феномен има ефект драматично да ги намали колониите на животни зависни од мразот , како што се пингвините. Овие колонии сега се повеќе од преполовени.

притисни ентер