16 аудио и една видео снимка, кои бизнисменот Орце Камчев ги предал во Обвинителството денеска се слушаа на рочиштето за “Рекет”. Дел од нив се веќе познати на јавноста од италијанскиот весник “Ла верита”, но имаше и нови. Презентирани беа и аудио снимки од сега осудениот Зоран Милевски Кичеец. Обвинителката Вилма Русковска кажа дека тие не се прибавени со посебни истражни мерки и од тие причини не се знае временскиот период кога се направени.
Во дел од новите разговори Јовановски го советува Камчев да биде втор соработник на правдата во случајот “Империја”, што било според него подобра варијанта отколку да биде заштитен сведок. Првиот соработник не му го открива а притоа цело време му гарантира дека тој ќе добие пасош.
Освен спасот на бизнисменот од кривичен прогон, зборувале и за операција која требало да ја направи Катица Јанева, веројатно на желудникот. Од разговорот може да се заклучи дека првичниот план бил Јанева да се оперира во “Систина”, ама ризик било да не дознаат медиумите. На ова Камчев и вели дека ако треба ќе се пресели целиот тим во болнмицата 8-ми септември... Јовановски овој предлог по телефон и го соопштува на Јанева, но вели дека не познава таму никого и не би зборувала на таа тема.
По снимките на Камчев, на ред беа тие на Милевски.Станува збор за три снимки, од кои две беа прикажани, а третата остана за утре. За оваа снимка обвинителката Русковска побара јавноста да биде исклучена поради приватни елементи, но Јовановски и Јанева побараа новинарите да бидат присутни, по што настана расправија меѓу обвинетите и обвинтелката.
Јанева ѝ викна на Русковска: „Обвинителството треба да ги изведе сите докази. Требало да мислите на тоа кога сте ги предлагале. Во спротивно се крши законот!“, а Русковска и одговори„Вие да мислевте, немаше денес да бидеме во оваа судница!“, На ова се приклучи и Јовановски кој кажа „Вие да не го монтиравте случајов, немаше да има судење“.
По рочиштето и адвокатите побараа тие да бидат јавно презентирани.
Адвокатите ја спореа автентичноста на снимките. Нивните приговори во судницата одеа во насока на тоа дека материјалите се предадени од Камчев кој има правен интерес Боки 13 и Јанева да биадт прогласени за виновни, бидејќи тој е осомничен во Империја.