Во земјава нема африканска свинска чума, тврди АХВ по вчерашниот прв случај на болеста и во Грција

Поради постоење реална опасност од појава на болеста и во нашата земја, а со цел нејзино спречување, одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните да ги почитуваат донесените решија за спроведување на заштитни мерки, апелира АХВ.

Во земјава засега не е детектирано присуство на африканска чума, ниту кај дивата, ниту кај питомата популација свињи, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако Грција вчера и официјално го потврди првиот случај на болеста во селото Никоклеиа во регионот на Серес.

-Поради постоење реална опасност од појава на болеста и во нашата земја, а со цел нејзино спречување, одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните да ги почитуваат донесените решија за спроведување на заштитни мерки, апелира АХВ.

По првичниот сомнеж на трети февруари, ветеринарните власти на Грција вчера официјално го потврдија првиот случај на заболена свиња од африканска чума во селско домаќинство со 32 свињи. Станува збор за одгледувалиште во селото Никоклеиа во регионот на Серес. За појавата на болеста, од страна на ветеринарните власти се известени Европската комисија и Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE). Присуството на африканската чума е нотирано и во Системот за нотификација на болестите кај животните на Европската унија (ADNS).

Освен во Грција, болеста е присутна и во Србија и Бугарија, каде според официјалните податоци кои ги добива АХВ, на дневна основа се појавуваат нови жаришта кај дивите свињи, најмногу во североисточна Бугарија и на границата со Романија. Болеста ја има и во Полска, Литванија, Романија и други земји.

Според АХВ, во соработка со Царинската управа на Република Македонија, се спроведуваат засилени контроли на граничните премини, особено на личниот багаж на патниците.

-Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, ги потсетуваме граѓаните на забраната во личниот багаж да не се носи храна од животинско потекло, особено месо и преработки од свинско месо, преку кои може да се пренесе болеста. Напоменуваме дека храната ќе им биде одземена од страна на надлежните државни органи на граничните премини, наведува АХВ.

Иако не станува збор за зооноза (болест која е опасна за човекот), африканската чума е сериозна закана по добиточниот фонд.

-Упатуваме апел до сточарите и ловните друштва, до најблиското ветеринарно друштво или до официјален ветеринар, задолжително да пријават доколку забележат угината свиња (питома или дива) бидејќи во труповите на угинатите животни вирусот опстојува долго време и може да биде една од причините за појава и ширење на болеста. За концесионерите на ловиштата остануваат на сила препораките за спроведување на засилен надзор во ловиштата и вршење на санитарен отстрел, со земање на мостри за испитување на присуство на болеста од секоја застрелана свиња. Лицата кои биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот, стои во соопштението од Агенцијата.

Се предочува и одгледувачите на свињи во селските домаќинства да ги одржуваат и развиваат биосигурносните мерки на фармите. Свињите да се чуваат затворени, да се води евиденција за нивно движење и да се ограничи пристапот на лица и/или возила на фармите. Неопходно е да се преземаат мерки за чистење и дезинфекција на објектите, опремата и возилата и контрола на штетниците и векторите на фармите. Свињите да не се хранат со помии, а кујнскиот отпад треба задолжително и нештетно да се уништи.

За секое движење, според АХВ, животните треба да се придружени со валиден сертификат за нивната здравствена состојба. Превозните средства треба да се исчистат и дезинфицираат пред да се натоварат или истоварат животните. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни на болеста кои немаат познат здравствен статус.

АХВ воедно апелира, свежото месо, подготовките од месо и производите од месо, како и нус – производите, да не доаѓаат во контакт со приемчивите животни, засилена контрола на документацијата да се врши на добиточните пазари и собирните центри, а строго е забрането и продавање животни надвор од добиточните пазари. /МИА.

Во Собранието седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Амандманот 5 кон договорот влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, е со важност до 07 јуни 2024 година.

Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за одбрана и безбедност, на која се очекува да се дискутира за Информација за потребата на доделување на Амандман број 5 (Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави.

Како што стои во образложението објавано на собраниската веб страна за Информацијата потпишана од министерката за одбрана Славјанка Петровска, Амандманот 5 кон договорот влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, е со важност до 07 јуни 2024 година.

-Врз основа на член 8 став 5 од Законот за јавните набавки во одбраната и безбедноста и член 13 од Уредбата за начинот на доделување на договори со влади на странски држави и Извадокот од Нацрт-записникот од 12-та седница на Владата на Република Македонија, одржана на 26 март 2024 година, со број 41-3655/2 од 26 март 202 година, предметниот материјал има за цел да ја информира Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Северна Македонија за потребата на доделување на Амандман број 5 Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, се вели во Информацијата.

Имено, Министерството за одбрана на Република Македонија со Стратегиски одбранбен преглед ги согледа потребите за реформа на одбранбениот сектор за негова интеграција во НАТО. Со Долгорочниот план за развој на одбранбените способности се трасира патот на реформите во одбрана и дава рамка за модернизација и опремување на Армијата на Република Македонија за постигнување на целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО.

-Еден од клучните проекти за опремување на лесната пешадиска баталјонска група со современа борбена техника е проектот за набавка на лесни оклопни возила на тркала, кој е предвиден да се реализира во периодот 2019-2027 година. Со Извадок од Нацрт-записникот од Деведесеттата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 25.09.2018 година, донесен е заклучок со кој се задолжува Министерството за одбрана во соработка со Канцеларијата за одбранбена соработка на САД, да ги искористи можностите кои ги нуди Програмата за набавка на нова и современа опрема со западни платформи ERIP (European Recapitalization Incentive Program), потребна з аопремување на декларираните сили, посебно за лесната пешадиска баталјонска група, стои во Информацијата.

Во Информацијата се посочува дека со Извадок од Нацрт-записникот од Сто и седумдесет и втората седница на Владата на Република Македонија, одржана на 24 декември 2019 година, Владата донесе заклучок се го прифати Договорот со владата на САД за набавка на лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата на Република Северна Македонија согласно Писмото за понуда на прифаќање на понудата (Letter of Offer and Acceptance-LOA0 FMS Case MK-B-UCC од 12 декември 2019 година.

-Целокупниот проект се однесува за набавка на 96 лесни оклопни возила JLTV од производителот OSHKOSH. Во периодот од 2019 година заклучно со 2023 година, во однос на предметната набавка досега се склучени четири Амандмани кон договорот и вкупно се порачани 71 лесно оклопно возило JLTV. На ден 22 март 2024, од Владата на Соединетите Американски Држави добиен е Амандман број 5 (Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, кој се донесува на набавката на преостанатите 25 лесни оклопни возила, со што ќе се комплетира набавката на овој вид на возила, се вели во Информацијата.

Се посочува дека Управната група во Министерството за одбрана го разгледала Амандманот број 5 и донесе заклучок дека текстот е усогласен помеѓу Канцеларијата за одбранбена соработка од Амбасадата на САД во Република Македонија и Министерството за одбрана, Амандманот 5 е во согласност со писмото за барање за конкретна набавка, претходните одлуки на Програмска и Управна група во Министерството за одбрана за набавка на лесни оклопни возила на трката JLTV, со што се исполнети условите од членот 11 од Уредбата, односно ги содржи елементите утврдени со ФМС процедурите и истото претставува договор за набавка и да продолжи постапката и пред Владата на Република Македонија, со цел негово донесување.

-Со набавката на преостанатите 25 лесни оклопни возила JLTV и со склучувањето на Амандман 5 кон договорот влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, ќе заврши првата фаза за опремување на Армијата и лесната пешадиска баталјонска група со лесни оклопни возила на тркала JLTV, набавката ќе се изведе поекономично и поефикасно и како краен резултат ќе се реализираат причините поврзани со интероперабилноста на меѓународни операции и мисии, нужните потреби за функционирање на Армијата на Република Македонија во меѓународни операции и мисии, со што сметаме дека се исполнети условите утврдени во член 4 став 1 алинеја 1, 2, 3 и 6 од Уредбата, се посочува во Информацијата.

Состанок на Стопанската комора на Македонија со претставници на СДСМ

Стопанската комора на Македонија денеска ќе одржи работен состанок со претставници на политичката партија СДСМ.

Пред средбата предвидени се изјави за медиумите од страна на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Над 20 луѓе повредени во сообраќајна несреќа во Германија

Најмалку 21 човек се повредени откако автобус излета од патот и се преврти во германската западна провинција Северна Рајна-Вестфалија.

Во автобусот имало околу 60 патници односно средношколци од градот Варбург, кои се враќале од посета на Англија.

Еден од патниците е потешко повреден, но е вон животна опасност.

Сообраќајната несреќа се случи еден ден откако во близина на градот Лајпциг загинаа четири лица. /MИА

притисни ентер