Фетаи бара заострување на критериумите за избор на шеф и обвинители на ЈО

Обвинителката од поранешното Специјално јавно обвинителство Фатиме Фетаи на јавната расправа за законот за јавното обвинителство побара обвинителите за организиран криминал и корупција да можат да постапуваат и пред Апелациски суд.

– Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција треба да постапува освен пред Oсновниот и пред Апелациониот суд Скопје и со тоа да му биде променет називот во Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, рече Фетаи.

Со постапување на виш обвинител, посочи, се одолговлекува постапката, можноста за влијание врз тие постапки значително е зголемена, а кратките рокови не дозволуваат тој обвинител да изгради правно издржан став и тоа да го каже пред Апелациониот суд.

Во однос на изборот на шеф и на обвинители, Фетаи смета дека таа треба да биде вклучена и мониторирана од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, како и да има право да даде мислење за тие кандидати. Таа побара исто така јавноста да биде максимално вклучена, како што пред неа кажа Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл.

Професорот Гордан Калајџиев смета дека едно од можните решенија е целосно ново обвинителство за организиран криминал кое ќе добие поголема автономност, по принципот на СЈО, но да не може да го води актуелниот обвинител.

– Овие постапки што се спорни, не може ниеден политички субјект да ги воскресне, рече Калајџиев.

Професорката Тања Каракамишева вели дека законското решение е спротивен на Уставот и затоа смета дека оваа верзија на законот треба да биде доработена.

Каракамишева смета дека текстот на законот за јавно обвинителство треба да биде испратен до Венецијанската комисија за добивање итно мислење за да се оцени неговата содржина и усогласеност со легислативата на ЕУ и со меѓународните стандарди.

Според професорката, законот се злоупотребува за, како што рече, да се вдомат кадрите на СЈО и да се вметнат надлежностите на СЈО.

– Ако беше реформски акт ова ќе беше целосно нов текст, рече Каракамишева.

Пензионирата судијка Виолета Дума во однос на затворањето на предметите започнати од СЈО кажа дека тоа може да го направи само јавен обвинител, оценувајќи ја нивната валидност и точност. Истото се однесува и за доказите, за што вели дека секој доказ кој е даден на надлежен орган е доказ кој го испитува јавен обвинител.

Во своето обраќање Дума се осврна и на барањето за ветинг што пред неа беше поддржано од Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнел. Според Дума, Судскиот совет е топлометар за секој судија. Поранешната судијка смета дека еден -двајца обвинители, како што кажа „нема да се покријат", останатите ќе го направат тоа и затоа смета дека Судскиот совет е тој што треба да знае што и како работат обвинителите.

Јавната расправа почна денеска со обраќањата на министерката за правда Рената Дескоска, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и други лица, главно од стручната фела. Дебата продолжува утре во 14 часот./МИА

Строл над сите во единствениот тренинг во Кина

Ленс Строл се најде на врвот на табелата на крајот на единствениот слободен тренинг пред Големата награда на Кина, која се враќа во календарот на Формула 1 по петгодишно отсуство.

Канадскиот возач на Астон Мартин извозе 1:36.302 во својот последен летечки круг за време на единствениот тренинг час во Шангај. Така тој го победи Оскар Пјастри од Мекларен за 0,327 секунди, а првата тројка ја заокружи светскиот шампион Макс Верстапен, кој заостануваше 0,358 зад Строл. Сите тројца ги постигнаа своите најдобри кругови во нивните квалификациски симулации со меките гуми.

Серхио Перез остана четврти, само 0,030 зад својот тимски колега од Ред Бул. Мексиканецот го постигна својот најдобар резултат во вториот брз круг на меките пневматици, откако направи грешка при застанувањето за свиокот 6 во неговиот прв.

Возачите на Хаас, Нико Хулкенберг и Кевин Магнусен ја завршија сесијата на петтото и шестото место, а Естебан Окон, Алекс Албон, Даниел Рикиардо и Валтери Ботас ги заокружуваат првите 10.

Локалниот миленик Гуанју Џоу, кој се натпреваруваше пред својата публика за прв пат овој викенд, заврши на 11-тото место на единствениот тренинг. /МИА

Алонсо со критики кон тимот и покрај крајниот успех против Вест Хем

Тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, изрази незадоволство по реваншот од четвртфиналето на Лигата на Европа помеѓу Германците и екипата на Вест Хем.

Натпреварот заврши нерешено 1:1, што значи дека „аспирините“ одат напред кон фајналфор.

-Се подготвувавме за опција во која Вест Хем ќе не притисне многу силно. Не ни беше многу удобно да играме во нашата формација. Да бидам искрен, во првото полувреме противниците беа подобри и се чувствувавме надвор од место. Многу е важно што не примивме втор гол бидејќи тие дефинитивно одиграа подобро од нас. За среќа, по паузата ги свртевме работите. И мило ми е што продолживме понатаму. Секогаш има тешки моменти во Лига Европа, изјави Алонсо.

Во полуфиналето, фудбалерите на Баер ќе се соочат со Рома во повторување на минатогодишната битка во оваа фаза од турнирот. Тогаш „Римјаните“ излегоа како победници. Натпреварите сега се на 2 и 9 мај - првиот се игра во Рим, а реваншот во Леверкузен. /МИА

Де Роси за дуелот со Алонсо во ЛЕ: Го почитувам уште од кога беше играч

Тренерот на Рома, Даниеле де Роси, ја прокоментира големата победа на тимот со 2:1 против екипата на Милан, со која и официјално „римските волци“ се пласираа во полуфиналето на Лига Европа.

Менаџерот, кој неодамна го презеде првиот тим, продолжува да прави чуда, а синоќа ги пофали своите играчи за нивниот напредок.

-За да го победиме овој Милан ни требаа вештини. Кога останавме со 10 фудбалери, моравме да играме со интензитет, но со интелигенција и тактичко знаење. Само трчање не е доволно. Многу сум горд што тренирам таков тим. Не беше лесно бидејќи Милан е многу силен тим кој игра добар фудбал. Завчера видовме дека дури ни Реал Мадрид не беше активен и се бранеше, ние истото го направивме, кога беше вистинскиот момент за тоа, изјави Де Роси.

Римјаните во полуфиналната фаза ќе играат против екипата на Баер Леверкузен во реприза на пресметката од истата фаза на турнирот од минатата кампања, кога „волците“ стигнаа до успехот.

-Можеби сакаат да се одмаздат за минатата година кога ги победивме. Ќе видиме што ќе се случи, но очигледно не не сметаат за фаворити. Можеби некој го чекаше Милан во полуфиналето од Лига Европа. Имам голема почит кон Чаби Алонсо уште од кога беше играч, додаде Де Роси.

Првиот натпревар е на 2 мај (четврток), а реваншот е точно една недела подоцна на 9 мај (четврток). /МИА

притисни ентер