Цел ден собраниска дебата за аерозагадувањето, седницата прекината без гласање

Пратениците вечерва не гласаа за Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија, поднесена од ВМРО – ДПМНЕ. 

Седницата е прекината и, како што најави потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, дополнително ќе биде закажана.

Расправата во попладневниот дел продолжи како што почна претпладнето – со меѓусебни обвинувања. Пратениците од владејачкото мнозинство ја квалификува Информацијата како груба манипулација и дезинформација, како политички памфлет во кој освен голи фрази не може да се сретне ништо друго. Отсуствуваат бројки, рекоа, извори на податоци и споредбени анализи. ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара СДСМ да им се извини на граѓаните зашто не го исполнила ветувањето – дека веднаш ќе го реши проблемот со аерозагадувањето кога ќе дојде на власт.

Ставот на власта го бранеше заменик – министерот за животна средина Јани Макрадули. Тој остана на тврдењето дека актуелните мерки и активности даваат резултат. Им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека со манипулации и навреди нема да го намалат загадувањето и ги повика да се приклучат кон заедниката борба која е единствено можна, како што рече, со владиниот План за чист воздух.

Макрадули апелира и да се следат правилата и бројките и да им се верува на стручните луѓе во институциите, а не на оние што изнесуваат паушални оценки.

Откако возвратија дека СДСМ со евтини „финти" дошла на власт и дека така ќе си оди, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа и одговор од Макрадули на прашањето дали власта свесно прави здравствен геноцид врз граѓаните.

-Кој податок и да се погледне од Државниот мониторинг систем, покажува дека загадувањето е намалено. Но, тоа не е доволно поради што уште поинтензивно продолжуваат активностите за чист воздух заедно со граѓанскиот сектор и бизнис заедницата. За жал, сега некој на маката злоупотребува податоци кои доаѓаат од некалибрирани сензори, а никаде во светот врз основа на тоа не се креира политика. Т.н. индикативни сензори единствено пренесуваат податоци, без каква било обработка. Не ја перзонализирајте борбата со лични дискредитации. Одговорно тврдам дека заедно со оние што знаат во Министерството, секојдневно анализираме, се повикуваме на науката, работиме на четирите анализи од меѓународните фактори кои покажаа успех во многу земји. Затоа, ве замолувам да се бориме заеднички против аерозагадувањето. Да се придржуваме до Планот за чист воздух, зашто е добар и затоа што нема друго решение. Колку побрзо се приклучите кон заедничката борба, толку подобро, порача Макрадукли.

Во 2024 година, потенцира, нема да има јавна институција што ќе загадува.

Оценувајќи ја борбата со загадувањето како лицемерна од страна на СДСМ, Илија Димовски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе им се придружи откако јавно ќе бидат соопштени податоците за увоз на отпад и кокс.

-Верувам дека Вие лично имате искрена намера, но проблемот е во тоа што како власт изминатите три години не покажавте никаков капацитет со конкретни резултати. Манипулирате со бројки, кога ви одговара покажувате графикони, а кога не велите дека се од „Али-експрес", рече Димовски.

На тоа Макрадули, изнесувајќи бројки, кусо возврати дека денес е за десетици пати намален увозот на отпад во однос на 2013, 2014, 2015 и 2016 година.

Се надоврза и Александар Кирацовски со прашање до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ зошто додека биле на власт не биле волку ревносни во борбата против загадувањето, а притоа, дополнително, и непродуктивно потрошиле, како што нагласи, милионски суми.

Загадувањето, рече Кирацовски, не е тема за дневна политика, туку за полемизирање.

-Зошто кога бевте на власт не прашавте колку се внесува отпад или кокс? Зошто 11 години никој не знаеше да бекне на оваа тема, а денес сте се заинтригирале како загадувањето да почна откако Груевски избега во Унгарија. За три години се донесени десетици мерки со кои овој проблем се решава. Со 684-те милиони евра за кои гласавте, можевте да набавите еколошки автобуси, инвертери, а здравствените установи и градинките место на нафта ќе се грееја на гас, рече Кирацовски.

Влатко Ѓорчев потсети на вчерашната информација на „Еуроњуз" која, повикувајќи се на Европската агенција за животна средина, наведе дека земјава е најзагадена во Европа.

-Лицемерите на СДСМ одеа по улиците и ветуваа чист воздух. Тоа е „заевизмот" во кој живееме, рече Ѓорчев.

По паузата од речиси еден час, за збор се јави и Лилјана Затурска според која „власта не е искрена во намерата за борба против аерозагадувањето и презема само популистички мерки". -Никогаш немавме вакво загадување, со канцерогени честички. Треба да признаеме дека борбата е неуспешна. Неопходни се и конзистентни ставови. Не може некој кога е пратеник во опозиција да зборува едно, а кога е дел од власта сосема друго, рече Затуроска. /МИА

Кремљ:Му посакуваме на Навални добредојде во Русија

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека опозицискиот политичар Алексеј Навални може да се врати во Русија како и секој друг граѓанин, откако беше пуштен од болницата во Германија.

Минатата недела 44-годишниот критичар на владата на Владимир Путин се онесвести во авион над Сибир. Потоа бил префрлен од Русија во Берлин, а германската влада соопшти дека тестовите обработени во Германија, Франција и Шведска покажале дека тој бил отруен од нервен агенс добиен во Советскиот Сојуз.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Кремљ е среќен што Навални се опоравува и е пуштен од болницата.

Навални на Инстаграм објави фотографија на клупа во парк откако беше пуштен од болница. Тој рече дека планира да оди на физиотерапија секој ден и ќе посетува центар за рехабилитација за да ги врати своите моторни вештини, вклучително и функционална употреба на левата рака.

Во својата објава, Навални напиша дека учи да си ја врати рамнотежата стоејќи на едната нога и им се заблагодари на лекарите од болницата Шарита во Берлин, каде што се лекуваше.

Работна средба на директорките на Службен весник и Академијата за судии и јавни обвинители

Директорката на Јавното претпријатие „Службен весник на РМ" Татијана Лалчевска оствари средба со директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Наташа Габер – Дамјановска.

Повод за средбата е учеството на Јавното претпријатие „Службен весник на РМ" на обуката на Vii-та генерација слушатели на Академијата, и презентација на електронската база на прописите на севкупното законодавство во РМ што ја организира и ажурира ова претпријатие.

-Двете дикреторки дискутираа за условите и можностите околу подобрувањето на функционалноста на матичните институции, како и за меѓусебното надополнување во интерес на што поквалитетно организирање и следење на националното законодавство на безбеден и подостапен начин, се наведува воп соопштението од ЈП „Службен весник на РМ".

Пред идните судии и јавни обвинители, како идни носители на правосудната власт, ЈП „Службен весник на РСМ" ја презентираше својата услуга, електронската база на прописите на севкупното законодавство како алатка за секојдневно безбедно и брзо пребарување на сите прописи, а во која со секоја измена, се изработуваат и редакциски пречистени текстови на закони.

Работната средба, како што е наведено во соопштението, остави можности за понатамошна соработка, во рамките на потребите и иновативностите кои, како што се договорија, заедно ќе ги следат и меѓусебно ќе се информираат.

-Во најава е и нов оглас на Академијата, кој треба да се објави во службеното гласило, со кој ќе се отворат нови можности за пополнување со нови кадри во правосудниот систем, се додава во соопштението од ЈП „Службен весник на РМ"./МИА

Втор ден собраниска расправа за заменици на министри во Владата

Собранието попладнево ја продолжи седницата на која пратениците расправаат за избор на заменици министри во Владата.

На денешниот втор ден од расправата, пратениците од опозицијата во дискусиите изнесоа резерви за тоа колку оваа Влада, ќе може да направи и да сработи во претстојниот период, бидејќи и во минатиот мандат не направила ништо за доброто на граѓаните иако многу ветувала.

И претходната Влада ветуваше се и сешто, рече Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ, но сработи повеќе криминал, корупција, распродажба.

– Ова е Влада во обид. Еден месец оваа нова Влада не предложи ниту една мерка за подобар живот на граѓаните. Прва мерка што ќе ја предложат веројатно ќе биде „локдаун", иако тоа сега не сакаат да го кажат тоа, ќе го направат за некој ден или некоја недела. Тоа ќе значи буквално уништување на државата, рече Јанушев.

Тој имаше и забелешки на биографиите на предложените 16 лица за заменици на министрите, истакнувајќи дека голем дел од нив немаат компетенции за функциите за кои се предложени.

На ова реагираше премиерот Зоран Заев, кој рече дека не може пратеникот да се затскрива зад собраниската говорница и да вели дека ова е мафијашка влада, да обвинува за криминал и корупција без докази и оти ако имаат некави индиции треба да поднесат кривични пријави.

Во врска со забелешките за тоа кој од која позиција доаѓа на функцијата заменик министер, премиерот истакна дека , не е забрането било кој од претходно место каде работел да дојде на висока функција.

Тој реагираше и на тврдењето дека Владата спрема затворање на земјата поради влошување на состојбата со пандемијата.

– Ние немаме намера да правиме „локдаун". Неколку пати јас и министерот за здравство и другите министри кажуваме дека никој не сака да ги затвора гражаните, економијата, објекти. Но должност кога гледаме дека бројките растат е да предупредиме дека мора да се почитуваат мерките на лична заштита и заштита на сите околу нас. Не е одговорно однесување вака да прејудицирате. На крајот има здравствена и експерска струка, иако ниту таа сака да предлага мерки на затворање. Тоа не е од ничија полза да бидеме повторно затворени дома, или да бидат затворени економските субјектите. Тоа може да се избегне доколку се почитуваат мерките, рече премиерот Заев.

Според листата доставена од Владата до Собранието, за заменик-министер за одбрана е предложен Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи Назим Буши, а во ресорот правда Агим Нухиу.

Илхан Рахман е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.

Во Министерството за финансии заменик на министерот Фатмир Бесими треба да му биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија предложен е Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство за заменик е предложен Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство.

Илир Хасани е предлогот за заменик-министер во Министерството за здравство. Арафат Шабани е предложен во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура.

За заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.

По завршувањето на Седницата на Собранието на Република Македонија заменик-министрите во Владата ќе дадат свечени изјави пред претседалот на Собранието Талат Џафери.

Расправата по предлог на избор на заменици на министрите ќе продолжи по паузата./МИА

притисни ентер