Шкријељ: Наша најважна цел е да ја искорениме детската сиромаштија, да обезбедиме еднаква шанса за секое дете

Еднаква шанса за секое дете е нашата најважна цел кон која се стремиме порача Санела Шкријељ членка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ на програмската трибина Агенда Социјална заштита 20-24 што денеска се одржа во Штип.

- Драго ми е што денеска отворивме многу важни теми за унапредување на социјалната заштита, што на оваа трибина говоревме за зголемување на износите на сите права за попречености, за модернизација на Центрите за рехабилитација на лицата со попреченост со цел да станат модерни сервиси во заедницата, како и за потребата од отворање на центри за активно стареење, истакна Шкријељ.

Членката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ Шкријељ ја потенцираше важноста од решавањето на проблемот со детската сиромаштија.

- Децата ни се сегашност и иднина. Вложувањето во децата денес е единствен начин да изградиме здраво граѓанско општество. Наша примарна и најважна цел е да ја искорениме детската сиромаштија и да обезбедиме еднаква шанса за секое дете и тоа ќе се трудиме да го постигнеме што поскоро, заклучи Шкријељ, се наведува во соопштението на СДСМ.

Во Штип за еден час казнети околу 50 возачи

Полициски службеници на неколку пунктови во Штип за само еден час регистрирале 50 прекршоци од страна на возачите.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски на денешната прес-конференција рече дека овие контроли се реализираат за поголема безбедност во сообраќајот на територија на цела држава.

-Овие контроли почнаа на територија на главниот град Скопје и траат веќе десеттина дена, а исто така се спроведуваат и во другите градови, а еве денес сме во Штип, каде што можам да ве известам дека во овие еден час имаме санционирано околу 50 граѓани и тоа казните се за нерегистрирани возила, за возење без возачка дозвола, како и за пречекорена брзина. Овие акциски контроли продолжуваат и во текот на денот и во текот на наредните денови, вели Ангеловски.

Целта на акциските контроли е да се подобри безбедноста во сообраќајот, преземајќи превентивни, но и вакви репресивни акции се со цел, какошто вели Ангеловски да се постигне максимална безбедност на патиштата и улиците во Штип и остантите градови.

Податоците од денешната акциска контрола ќе бидат објавени, но она што е првично видливо е дека низ Штип во голем број се возат нерегистрирани возила, како и без возачка дозвола.

-Акциските контроли се насочени кон овие прекршоици, но пред се и кон оние животно загрозувачки, недавање предимство на минување, возење со препорачана брзина. Така да утре ќе ги споделиме податоците од денешната контрола и ќе дадеме соодветна анализа, рече Ангеловски.

Прашан за реакциите од страна на граѓаните за брзото возење и бучавата од страна на моторџиите, пред се во ноќните часови, Ангеловски со одговор дека моторџиите им се клучни во овие акции.

-Насочени сме и кон оние возачи со мотоцикли, кои прават злоупотреби, додаваат елементи на моторите, со цел да создаваат бучава и со тоа ги вознимируваат граѓаните, но секако и носењето на заштитна кацига. Затоа што заштитната кацига може да спаси живот, а исто така имаме и нерегистрирани возила, мотори, што апсолутно ги санкционираме и претходно и сега во оваа ситуација, вели Ангеловски.

Тој истакна дека во последните години паѓа бројката на жртви во сообраќајните несреќи, а тоа се должи на кампањите кои ги реализираат со помош на невладините и со Републичкиот совет за безбедност на патиштата./МИА

Јорданов: Филипче не изгради ниту еден здравствен објект, но затоа гради приватни згради

СДСМ – Урбанистичка, ниту се грижи за здравјето и доброто на граѓаните, ниту мисли да сработи за позициите кои што ги заземаа. 

Во Европа започнува вториот бран на епидемијата, а во Македонија се уште коси првиот бран од корона.

Министерството за здравство е окупирано од министер за ширење на зараза и смрт, а сега за негов заменик се поставува партнерот со кого се влезени во градежна експанзија, ама лична, на Водно, познато како „Шпанско село 2“.

Венко Филипче, наместо да изгради барем една болница, барем да ја довршеше Клиничката болница во Штип, а не цел клинички центар за што лаже повеќе години, тој гради згради заедно со дел од неговите доктори.

Болницата во Штип тапка во место, ама зградите на Филипче брзо се градат.

Венко Филипче, како министер, се јавува како сосопственик на цела една зграда во скопско Козле. Венко Филипче прво станува сосопственик на семејна куќа, на атрактивна локација, на докторка од Институтот за фармакологија при Медицинскиот факултет, за потоа на местото на семејна куќа да изгради цела зграда од околу 570 метри квадратни.

Да биде поинтересно, министерот - инвеститор, ја овластува неговата докторка таа во име на двајцата да врши правна комуникација со институциите при изградбата.

Пoчитувани,

Венко Филипче мора да одговори, до кога мисли да гради згради, на сметка на девастирање на здравството?

Филипче мора да одговори, уште колку згради треба да никнат на негово име, пред да видиме било каков нов здравствен објект?

Е па почитувани, мафијата на власт, на местото министер за здравство, во ова време на смртоносна епидемија, поставува градежен инвеститор. Мафијата на власт се уште ја држи под тепих аферата „Касарната на Филипче“ и скандалот „Шпанско село 2“ на падините на Водно, а за министерот за ширење на зарази и смрт добива уште една зграда.

И згора на се, наместо истрага и повлекување или негова замена, мафијата на власт, за заменик министер го поставува Илир Хасани ортакот на министерот Венко Филипче со кого имаат заеднички градежни зафати во „Шпанско село 2“, додека третиот нивен сосопственик на име тендери од здравството му се исплатени приближно седум милиони евра. Ниту антикорупционерите, ниту обвинителството не се фати да ги расчисти „Шпанско село 2“ и другите афери, а сега двајцата главни во скандалот го добиваат целото здравство на дланка.

Почитувани,

Мафијата на власт не остава избор. Или мафијата или Македонија!

Иван Јорданов, пратеник

Талат Џафери оствари средба со Ѓерѓ Дедај

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Косово, Н.Е. Ѓерѓ Дедај.

Претседателот Џафери изрази задоволство од добрите и конструктивни билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Косово, како и плодната меѓупарламентарна соработка. Како особено значајна тој ја оцени соработката во рамките на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, упатувајќи честитки за успешното заокружување на претседавањето на Собранието на Република Косово со овој значаен форум за политички и дипломатски дијалог. Тој се заложи за унапредување на економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу Македонија и Косово, нагласувајќи дека отворањето на новите гранични премини во голема мерка ќе ги олеснат бизнис иницијативите и комуникацијата меѓу граѓаните.

Амбасадорот Дедај упати честитки за демократски спроведените парламентарни избори и повторниот избор на Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија. Оценувајќи дека земјава се движи во вистинската насока, тој изрази задоволство од соработката со институциите на Република Македонија и го поздрави историскиот напредок со членството во НАТО и охрабрувачките резултати за почеток на преговорите со ЕУ. Амбасадорот се осврна на состојбата во Косово и на Договорот за економска соработка меѓу Република Косово и Република Србија, потпишан во Вашингтон, кој го оцени како историски.

На средбата стана збор и за здравствените, економските и социјалните предизвици од пандемијата на Ковид-19, при што беше оценето дека е неопходна заедничка активност и соработка меѓу земјите од регионот за надминување на последиците од пандемијата, како и за изнаоѓање начин за олеснување и потполна либерализација на движењето на граѓаните меѓу државите.

Соговорниците се согласија дека заедничките стратешки цели и определби на Македонија и Косово даваат гаранција дека ќе продолжи праксата на негување на добрососедските односи и се заложија за натамошно унапредување на билатералната комуникација.

На крајот од средбата, претседателот Талат Џафери му посака успешен мандат на новиот генерален конзул на Република Косово во Република Македонија со седиште во Струга, Агим Красниќи, кој исто така присуствуваше на средбата, стои во соопштението од Собарнието на РМ.

притисни ентер