Кинезите градат уште една болница поради коронавирусот

Во кинескиот град Вухан, кој е во карантин поради појавата на коронавирус, ќе изгради втора наменска  болница за лекување на пациенти од оваа инфекција.

Информациите ги објави весникот Чајна Дејли.

Изградбата на болницата со 1.300 кревети се очекува да заврши за половина месец, пренесува „Ројтерс“.

Вчера започна изградбата на првата наменска болница, која треба да биде готова до 3 февруари.

Досега 41 лице почина од вирусот, а повеќе од 1.300 се заразени.

Потпишан договор за новиот ГУП на Скопје

Со потпишувањето на денешниот договор помеѓу Град Скопје, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за просторно планирање и официјално почнува процесот за подготвување на новиот Генерален урбанистички план на Град Скопје. 

– Бидејќи станува збор за сложен и сеопфатен процес новиот ГУП на Град Скопје 2022-2032 ќе биде изработен со финансиска поддршка на Министерството за транспорт и врски, а во неговата изработка директно ќе се вклучи Агенцијата за просторно планирање со поддршка од поширок круг на стручни лица од различни области, академската заедница, невладиниот сектор, како и од граѓаните како поединци директно или преку единиците на локалната самоуправа. Генералниот урбанистички план на Град Скопје е стратешки развоен план со општи елементи на просторниот развој во текот на период од една декада. Како таков се донесува во услови на творечки процес на планирање и со учество на сите субјекти и институции на територијата на опфатот, изјави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Планот ги дефинира основните наменски употреби на површините, ги претставува главните насоки на развојот и ја регулира примарната инфраструктура.

– Како градоначалник лично се залагам за рационално, контролирано и функционално ширење на Скопје во насока на обезбедување на одржлив развој; визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација; соодветно планирање на комунална инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктура за прифаќање со селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад; како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард, рече Шилегов, додавајќи дека во неговата визија Скопје го гледа како зелен град.

Верува дека во текот на изработката на новиот ГУП ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци кои стојат во актуелниот и во претходните ГУП-ови.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски посочи дека Генералниот урбанистички план претставува значаен документ за идниот раст и развој на Скопје, но и за хуманото живеење на граѓаните.

– ГУП ќе започне да се работи според новиот закон за урбанистичко планирање и новиот правилник за урбанистичко планирање, што дава шанса на новите урбанисти и планери своето искуство и знаење да го вклучат во урбанистичкиот план, заедно со секој кој е заинтересиран да биде дел од овој процес, преку јавни и стручни расправи и преку двојно гласање во Советот, рече Бочварски.

Тој додаде дека на планот ќе се работи три години со строго утврдени прописи, правила и рокови за тоа како ќе се одвива процесот.

Градоначалникот Шилегов во одговор на новинарско прашање посочи дека сега носат Генерален урбанистички план со цел да ги стават рамките на урбанистичкото планирање во следните 10 години. Тоа што дефакто се случува на терен, вели тој, е преку реализација на ГУП-от да создаваат простор за планиран, урбан, квалитетен развој на градот во наредните 30 години.

Вели дека тој има визија градот рамномерно да се развие, а скопјани сегашни и идни да имаат квалитетно и добро испланирано урбано планирање.

Во однос на планот за Расадник, Шилегов смета дека не до крај се внимавало на носењето на постоечкиот ГУП, според кој, како што потенцира, се овозможува таков тип на урбанизација.

-Ние како Град бараме многу посериозна редукција од тоа што било предвидено во Расадник. Таму првичната проекција беше повеќе од 400 илјади метри квадратни станбена површина за т.н. развој. Ние тоа сериозно го спуштивме, зборувам за Секторот за урбанизам во Град Скопје, меѓутоа за жал, заради решенијата во ГУП-от од 2012 година не сме во можност целосно да го редуцираме, посочи Шилегов.

За да избегнат таков тип на случаеви во иднина, Шилегов нагласи дека затоа на време почнуваат, многу внимателно со вклученост на сите луѓе во процесот.

Појасни дека само што ќе влезат во имплементацијата, најпрво ќе треба да се направи планската програма, да се стават основите на носењето на ГУП-от, па потоа ќе почнат да ја внесуваат јавноста во тој процес.

Договорот денеска го потпишаа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Агенцијата за просторно планирање, Огнен Апостолски.

Новиот ЕУ амбсадор Гир му ги предаде акредитивните писма на претседателот Пендаровски

 Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, амбасадорот Дејвид Гир денеска му ги предаде акредитивните писма на претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски.

Како што соопшти делегацијата на ЕУ, амбасадорот Гир рече дека е воодушевен што е во Македонија и што ја претставува Европската Унија. Тој вети дека во текот на целиот мандат ќе работи со институциите, политичките сили и сите чинители и сектори на општеството низ целата земја.

Претседателот и амбасадорот Гир разменија мислења во врска со процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, напредокот што го направи земјата, како и идните реформи и предизвици што претстојат. Амбасадорот Гир ја изрази својата решеност да го поддржи процесот на позитивни реформи во интерес на слободите, просперитетот и безбедноста на граѓаните.

–Минатиот март, Советот на Европската Унија ја донесе историската одлука за отворање преговори за членство со Македонија. Ова се случи по значајните реформски достигнувања, тешките одлуки кои го потврдија избраниот правец на оваа земја, рече амбасадорот Гир.

Минатиот петок амбасадорот Гир му предаде копија од акредитивните писма на министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Министерот за надворешни работи Османи му посака добредојде на амбасадорот Гир, истакнувајќи дека тој доаѓа во исклучително важен момент за патот на земјата кон ЕУ, истакнувајќи дека неговото искуство и поддршка ќе бидат од голема вредност.

Мандатот на амбасадорот Гир како Шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија е четири години. Тој доаѓа на местото на Самуел Жбогар кој функцијата евроамбасадор ја извршуваше од септември 2016 година досега.

Шилегов очекува до крајот на месецов да биде распишана постапка за нов тендер за тунелите под Кале

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов очекува дека до крајот на месецов ќе биде распишана постапката за избор на нов тендер за тунелите под Кале.

– Јас сум човек кој преферира добро да испланира пред да влезе во реализација, затоа и многумина мислеа дека првата година градоначалникот не работи ништо. Но, видовте дека како влеговме во реализација немаме застанато и јас немам намера да застанам, дали нареднава една, дали наредниве пет години. Во таа една, односно пет години ќе дојде до реализација и на тунелите, рече Шилегов.

Во однос на стационарот Лајка, Шилегов рече дека е скоро целосно готов, односно останува уште во една од халите да се спроведе електрика.

– Јас мислам дека до крајот на оваа недела целосно ќе завршиме со уредувањето. АХВ има закажано контрола на 25 септември со цел после тоа, откако ќе биде одобрено отворањето да го ставиме конечно стационарот во полна употреба, посочи Шилегов.

Прашан за наредните чекори што Градот ќе ги преземе за депонијата Вардариште, Шилегов изрази очекување дека со отпочнувањето на преговорите со Европската Унија ќе се отворат фондовите, а со тоа, како што рече многу поедноставно и Градот, но и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе работат на овој проблем.

Во однос на случајот со навивачите од пред неколку дена, тој рече „секогаш кога го имаме ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, имаме провокации на национална основа".

– Замолувам ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти праксата да си игра лесно со емоциите на луѓето, особено најдлабоките емоции како што се националните. Граѓаните ги повикувам да задржат разум, мир, стабилност, рационалност во своето однесување и да не подлегнуваат на ситни провокации кои очигледно дека некој ги прави за сопствена политичка агенда. Во нормална демократска партија која изгубила избори требаше да се разговара за промена на раководство или за непромена, а не да се прават обиди за демонстрации или обиди за насилство на улица, со цел да се избегне одговорноста, додаде Шилегов.

притисни ентер