ВМРО-ДПМНЕ обвинува за афера „Канабис“ поврзана со власта, СДСМ со реакција

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека незаконски се издаваат лиценци за одгледување на марихуана. 

Генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев на прес конференција обвини дека СДСМ и претседателот на партијата Зоран Заев надвор од законските одредби за само неколку месеци дозволиле хипер-продукција на лиценци за канабис, кои биле доделени на фирми блиски до власта. Јанушев кажа дека од мај 2016-та до мај 2018-та биле изададени само пет лиценци за одгледување канабис и две за екстракција., додека во 2019-та Владата издала 31 лиценца, а околу 20-тина фирми се во постапка и чекаат одлука од Владата за да ја добијат.

“ Дали е точно дека цената на една лиценца на Владата на СДСМ и на Заев чини околу 300.000 до 500.000 евра кои се плаќаат директно на рака кај луѓе блиски до власта?

Дополнително, документите покажуваат дека до последниот ден како

премиер Зоран Заев делел лиценци за производство на марихуана. За само два дена во месец декември, а на неколку дена пред оставката на Заев се доделени 10 нови лиценци за производство на марихуана. Значи 10 нови лиценци, набрзина се доделени на компании кои се поврзуваат токму со Зоран Заев. “

За ВМРО-ДПМНЕ е сомнително тоа што овие фирми имаат елаборати во кои пишува дека ќе извезуваат произведен сув цвет од канабис, што не е предвидено во законот, каде што извоз на канабис е возможен доколку е завршена екстракција.

Од опозициската партија не открија за кои фирми станува збор. Детали за ова најавија за следните денови.

По ова од СДСМ реагираа дека залудни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски преку лажни вести да добијат политички поени

- Од помпезно најавуваниот скандал со Законот за опојни дроги, останаа само лаги, измислици и „рекла-казала" разговори. Уште една исчадена петарда во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и Јанушев., пишува во соопштението на владејачката партија.

Во Словенија рекорден број новозаразени од почетокот на пандемијата

Во Словенија, потврдени се 192 ново заразени со коронавирус во последните 24 часа од направен 3645 тестови и нема нови смртни случаи, објави денеска словенечката влада.

Ова е најголем број на нови дневни инфекции од почетокот на епидемијата, во вториот епидемиски бран во кој што бројот на нови инфекции е околу сто или помалку на ден во последните две недели. Досега, најголемиот број новозаразени бил минатиот четврток, кога се потврдени 137 случаи на инфекција.

Бројот на потврдени инфекции од почетокот на епидемијата во Словенија се зголеми на 5007, 1509 случаи се моментално активни, а има 59 пациенти во болниците, од кои 15 се на единици за интензивна нега, објави Министерството за здравство.

Досега, 145 лица починале како резултат на ковид-19.

Една четвртина од новите пациенти во последните 24 часа се од областа во и околу Љубљана. Инциденцата на коронавирус во Словенија (бројот на нови инфекции на 100.000 жители во последните 14 дена) е околу 70, пренесуваат медиумите.

Повеќето од новозаразените се на возраст од 45 до 54 години, а главниот извор на ширење на вирусот се неконтролираните собири како што се роденденски забави и забави во приватни простории и барови.

Сепак, бројот на заразени лица меѓу здравствените работници и вработените и жителите на домовите за стари лица исто така се зголемува, изјави за словенечката телевизија Нушка Чакш Јагер од Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ).

,,Ова е многу големо зголемување на нови инфекции, иако со голем пораст на бројот на испитани, изјави за медиумите, коментирајќи ја моменталната епидемиолошка состојба, Бојана Беовиќ, инфектолог, која го води владиниот стручен тим за ковид-19.

Според неа, околу една четвртина од новоинфицираните лица доаѓаат од карантин, односно изолација, што укажува на тоа дека постои голема можност инфекцијата да се прошири бидејќи другите новоинфицирани лица и нивните контакти не биле откриени навреме.

,,Сè уште имаме многу инфекции од непознат извор, што може да значи дека вирусот се шири неконтролирано, и тоа е многу загрижувачки, рече Беовиќ.

Поради зголемувањето на бројот на нови инфекции во соседните земји, Словенија следната недела ќе го ревидира својот список на „црвени“, епидемиолошки небезбедни дестинации, бидејќи состојбата со коронавирусот се влоши и во Унгарија и Австрија.

Ким Џонг-ун се извини за убиството на јужнокорејскиот службеник на границата

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун направи ретко лично извинување поради убиството на јужнокорејски службеник, пренесува Би-Би-Си.

Ким, наводно, му рекол на својот јужнокорејски колега Мун Јае-ин дека инцидентот не смеел да се случи.

Тој, наводно, бил застрелан во рамките на антикоронавирусните мерки, изјави советникот за национална безбедност на јужнокорејскиот премиер.

Имено, јужнокорејските власти известуваат дека наводно 47-годишникот се обидел да побегне на север.

Го пронашла армијата во севернокорејските води, по што бил застрелан, а неговото тело било запалено, известуваат јужнокорејските власти.

Извинувањето дојде во форма на писмо до претседателот Мун, а Ким рече дека му е „многу жал што ги разочарал г-дин Мун и народот на Јужна Кореја“.

Северна Кореја исто така им ги достави на Јужна Кореја резултатите од истрагата за инцидентот. Во него се наведува дека биле истрелани повеќе од 10 истрели кон човек кој влегол во водите на Северна Кореја, одбил да го открие неговиот идентитет, а потоа се обидел да избега.

Меѓутоа, во писмото се наведува дека тие му ја запалиле спасувачката јакна, а не телото.

„Војниците не беа во можност да го лоцираат неидентификуваниот сторител за време на потерата, откако испукаа истрели и го запалија елекот поради Националните мерки за спречување на итни болести“, рече советникот за национална безбедност на Мун, Сух Хун, повикувајќи се на писмото.

Министерот Маричиќ со осуда за бруталното однесување на полицијата врз Роми

Министерот за правда Бојан Маричиќ го осуди бруталното однесување на полицијата врз групата Роми и очекува брза и одлучна акција во насока на санкционирање на сторителите.

– Нашата осуда е искрена и силна. Драго ни е што Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР ги идентификува сторителите согласно видеото и очекуваме брза и одлучна акција во насока на санкционирање на овој случај. Мислам дека ниту говорот на омраза, ниту насилството кон кој било граѓанин, не може да се оправда. Напротив треба да се осуди и да се санкционира и сигурен сум дека системски ќе реагираме за тоа да не се повтори. Случајот е во рацете на МВР и понатаму на Обвинителството и другите институции, изјави Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата.

Маричиќ: Политиката да биде што подалеку од изборот на обвинителите

Политиката треба да биде што подалеку од изборот на обвинителите, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско рашање во врска со барањето на опозицијата јавниот обвинител да се бира на нивен предлог.

– Нашиот принцип е политиката да биде што подалеку од изборот на обвинителите и тоа го утврдивме во Законот за ЈО. Јавниот обвинител на Република Македонија се избира согласно процедура во Уставот. Таа процедура предвидува дека Владата го предлага јавниот обвинител, а дека Собранието го избира со апсолутно мнозинство, така што за тоа да се промени треба да се промени Уставот. Мислам дека сега не е време за тоа. Мислам дека имаме професионален државен јавен обвинител кој ја врши својата работа согласно законот и согласно професионалните стандарди, рече Маричиќ на прес-конференција во Владата.

Опозицијата, потенцира тој, ќе има прилика да учествува во овие законски проекти, но и генерално во антокупциските политики доколку тоа го сака и доколку тоа и е целта, но политичарите не треба да бираат обвинители со политички договор и ние веруваме дека тоа е повик за зајакнување на правосудството.

– Не веруваме дека е добар начин избор на обвинител со политички договор. Имавме едно искуство пред неколку години со СЈО, кое што потоа опозицијата го критикуваше, рече Маричиќ.

Министерот за правда додаде дека изборот на обвинител на предлог на опозоцијата била нивна стара идеја промовирана уште пред неколку години, но констатираше дека, за жал, опозицијата имала неконструктивен однос кон соработата во клучните процеси во изминатите неколку години.

– Дури и во еден момент и се откажаа од таа идеја, а имавме прилика кога се создаваше Законот за јавно обвинителство да најдеме заедничко решение за обвинителот за висока корупција и организирн криминал, но и тогаш не се договоривме, рече министерот за правда Маричиќ на заедничката прес-конференција со Љупчо Николовски, вицепремиер за коруција.

притисни ентер