Царовска: Имаме зголемување на платите кај повеќе од 106 илјади работници за декември

„ Го остваривме таргетот којшто го поставивме за само два месеци. “

За декемвриската плата имаме зголемување кај повеќе од 106 илјади работници во нашата држава, со што е остварен таргетот помеѓу 20 и 25 проценти од вработените во реалниот сектор да добијат зголемување на плати од 600 до 6.000 денари врз основа на мерката за субвенционирање на придонеси за раст на плати.

Ова го изјави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, која заедно со директорката на УЈП Сања Лукаревска денеска ги посети просториите на компанијата „Даути комерц" во Сарај, која е корисник на мерката за субвенционирање на раст на платите.

– Го остваривме таргетот којшто го поставивме за само два месеци. Очекувам оваа мерка и понатаму да ги остварува очекувањата и во текот на целата година овие работници ги земаат повисоките средства. Месечната сума на издвоени средства од Буџетот за оваа мерка, што директно се трансферираат во фондовите за здравствено и пензиско е 200 милиони. За декемвриската плата се исплатени нешто повеќе од 150 милиони, што значи дека сè уште имаме можност за вклучување на работници во буџетските рамки, изјави Царовска.

Очекувањата, подвлече таа, се остварени и очекуваме во статистичките извештаи да се покаже дека растот на плати има убава, забрзана тенденција, со што директно влијаеме на подобрување на квалитетот на живеење и животниот стандард на нашите граѓани.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска рече дека даночниот обврзник „Даути комерц" е евидентен пример за успешноста на мерката субвенционирање на придонеси.

– Зборувавме и за оние даночни олеснувања, ослободувања кои што ги испромовира Владата, и дали ги имаат искористено. Можам да кажам за првпат во овој даночен обврзник информираме дека од 1 мај УЈП ќе направи еден интегриран систем, каде што МПИН образец ќе се поврзе со Е-пдд системот и врз основа на тоа сите приходи односно исплати коишто доаѓаат од Данокот на личен доход ќе бидат во еден систем. Мислам дека функционираме единствено да ги направиме сите процеси во УЈП да бидат едноставни, брзи и лесни, изјави Лукаревска.

Директорот на „Даути комерц" Хамим Даути, ја поздрави мерката за субвенционирање на платите, посочувајќи дека 71 процент од вкупно 340 вработени биле опфатени со мерката.

– Тоа беше еден добар мотив да се подигнат платите и да бидат сите задоволни. Зголемени се платите за 12 проценти. Просечната плата во „Даути комерц" денеска е над 25 илјади денари, изјави Даути./МИА

Двајца премиерлигаши уапсени поради силување

Англиските медиуми објавија вознемирувачки вести. Двајца 19-годишници, кои се професионални фудбалери во Премиер лигата, се уапсени поради обвинение за силување минатиот викенд, а информацијата ја потврдија од англиската полиција.

Не е наведено во која екипа настапуваат фудбалерите, ниту е познат нивниот идентитет, но познато е дека и двајцата играат за истиот тим кој се натпреварува во елитното ниво на англискиот фудбал.

Според британски „Телеграф“, еден од играчите бил сослушан на клупскиот стадион, додека другиот е приведен бидејќи е осомничен дека помагал во извршување на кривично дело.

Сексуалниот напад за кој се обвинети фудбалерите се случил во петокот, а жртвата веднаш се јавила во полиција, а неколку часа подоцна поднела официјална пријава.

Се наведува дека клубот нема дополнително да коментира и дека работата е во рацете на полицијата.

Ова не е прв пат да се случи ваква ситуација во Премиер лигата. Претходно беа покренати обвиненија против Мејсон Гринвуд и Бенџамин Менди, но на крајот ниту еден од двајцата фудбалери не беше осуден. /МИА

Сончево, попладне со услови за краткотраен дожд

Времето денеска е сончево со мала до умерена облачност.

Попладне наместа ќе има зголемена облачност со услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Во втората половина од ноќта ќе има зголемување на облачноста и на повеќе места ќе има врнежи од дожд. Максималната температура ќе биде во интервал од 16 до 25 степени Целзиусови.

И во Скопје е сончево со мала до умерена облачност. Кон крајот на денот облачноста ќе се зголемува и во втората половина од ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Максималната температура ќе достигне до 21 степен Целзиусов.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре ќе има повремени врнежите од дожд, а на планините повремен снег. Локално врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 10, а максималната од 5 до 18 степени Целзиусови. Во Скопје минималната температура ќе биде 8, а дневната ќе достигне до 15 степени Целзиусови.

Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време со пораст на температурите на воздухот.

Повеќе скопски села и населби утре без струја

Без струја утре од 8:30 до 14:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Максим Горки“ и реонот Дом на градежници во општина Центар.

Во периодот од 9:00 до 14:00 часот утре без струја ќе останат поголемиот дел од потрошувачите на улица „Ринхини“ во општина Ѓорче Петров, а од 9:00 до 10:30 часот дел од корисниците од селата Визбегово, Мирковци, Бразда, Глуво, Чардак, Оризари.

Без електрична енергија од 9:00 до 15:00 часот утре ќе бидат корисниците од улица „Кавалска“ во општина Кисела Вода, а од 9:00 до 12:00 часот корисниците на патот за Долно Лисиче, од Кодакопласт, кон Паци Петрол до реката, од црлвата „Св.Петар и Павле“ по патот кон Долно Лисиче во општина Аеродром.

Без струја утре од 9:00 до 10:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улица „4031“ во село Марино, општина Илинден, а од 9:00 до 13:00 часот корисниците од булевар „Борис Трајковски“, од Техноскоп до кружниот тек пред Драчево.

Во периодот од 10:30 до 12:00 часот без струја ќе бидат корисниците од селата Сандево, Бањане, Горњане, дел од Мирковци, а од 13:00 до 15:00 часот дел од корисниците лоцирани на улиците „Исаија Мажовски“ и „Воин Драшкоци“ во општина Ѓорче Петров.

Како што информира РЦУК - Скопје, прекините се поради планирани технички зафати во електродистрибутивната мрежа на Град Скопје.

притисни ентер