МЗШВ: Целокупното договорено количество на тутун од реколтата 2019 ќе биде откупенo

Претставниците на откупните претпријатија порачаа да не се создава непотребна паника кај тутунопроизводителите и дека проценката на класите ќе се врши реално.

Целокупното договорено количество на тутун ќе биде откупено, најавија откупните претпријатија на денешниот работен состанок на кој присуствуваа министерот за земјоделство и директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претставници од Стопанската комора на Македонија и Сојузот на здруженија на тутунари.

Претставниците на откупните претпријатија порачаа да не се создава непотребна паника кај тутунопроизводителите и дека проценката на класите ќе се врши реално.

Со цел стимулирање на квалитетот, со новиот модел за зголемени субвенции што го воведе Владата, субвенциите за прва класа тутун се 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.

Од Министерството за земјоделство информираа дека досега се откупени над 22,4 милиони килограми тутун во вредност од близу пет милијарди денари или повеќе од 85 отсто од договореното количество е веќе откупено. Од страна на откупните претпријатија исплатени се близу 4,7 милијарди денари, а просечната откупна цена е 221,9 денари за килограм, што, како што велат од Министерството, е највисока откупна цена во последните шест години.

Откупот се очекува да заврши до крајот на следниот месец, а како што се наведува во соопштението, на состанокот било истакнато дека не се очекува да има вишок на тутун. Засилени контроли на терен најавува и Државниот инспекторат за земјоделство.

Од реколтата 2019-та вкупно се засадени 13.342 хектари тутун и склучени се 32.798 договори со девет компании. Вкупното производство на тутун од реколтата 2019-та изнесува над 26.700 тони тутун, што е за шест отсто повеќе од реколтата 2018-та. Планираната количина за откуп е 26.729 тони, а издадени се 20.933 евидентни листови. /МИА

Вело настан и едукација за најмладите од Карпош

Во основното училиште „Петар Поп Арсов“, во Карпош 4, денеска учениците организираа велосипедска трка, возеа по полигон и учеа за придобивките од користењето на ова алтернативно превозно средство.

Едукација на најмладите за зголемено користење на велосипедот, интерактивни работилници, вело трки и организација на велосипедски настани, се само дел од активностите кои ќе се реализираат во соработка меѓу Општина Карпош и Здружението на граѓани „Еко – логик“, чии претставници денеска потпишаа и меморандум за продлабочување на соработката.

Во основното училиште „Петар Поп Арсов“, во Карпош 4, денеска учениците организираа велосипедска трка, возеа по полигон и учеа за придобивките од користењето на ова алтернативно превозно средство.

Градоначалникот Стефан Богоев истакна дека Општина Карпош го реализираше и јавниот повик за субвенционирање на купување на нов велосипед, а моментално, активен е повикот за субвенционирање при купувањето на електрични тротинети.

-Целта е повеќе да ги користиме алтернативните превозни средства. Уште од рана возраст, кај најмладите да создадеме навика за возење  велосипед.На овој начин влијаеме кон намалување на аерозагадувањето, како еден од главните наши проблеми, рече Богоев.

Никола Нешкоски од „Еко – логик“ посочи дека ќе работат со учениците велосипедот навистина да биде нивно основно превозно средство, односно да го користат секојдневно и за звршување на свои обврски, а не единствено како хоби активност.

Во училишниот двор учениците играа и меморија, а се организираше и бавна вело – трка, која имаше за цел да ги направи поодговорни учесници во сообраќајот, стои во соопштението од Општина Карпош.

Филипче: И второт тестиран пациент, негативен на корона вирус

Министерот за здравство Венко Филипче, во изјавата за медиуми истакна дека и вториот пациент е негативен на корона вирус, соопшти Министерството за здравство.. 

Се работи за лице кое по 6 дена престој во Дубаи пристигнало со лет во Скопје. Пациентот има инфлуенца тип Б.

Инфективното одделение во штипската болница ќе биде по потреба просторија за изолација, а не за карантинско лекување. Тројцата директори во Штип, Гостивар и Велес беа информирани и тие веќе имаат преземано соодветни чекори да се спремат одделенијата во таа насока. Има добра координација и добро испланирани однапред чекори по препорака на текот на вчерашниот ден на Комисијата за заразни болести.

Од вчера, Министерството за здравство во координација со Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Владата на РСМ го подигна степенот на алертност на највисоко ниво и преземени се зајакнати мерки на претпазливост. На денешната владина седница донесени се повеќе заклучоци и препораки за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од корона вирусот.

На денешната владина седница утврдено е Министерството за здравство да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата. Со цел точно и навремено информирање на јавноста, Центарот тесно ќе соработува со медиумите. Апелираме до јавноста да се потпира само на официјалните информации издадени од Центарот.

„Упатувам апел сите да се придржуваат до официјалните информации коишто ќе произлезат од оваа група за менаџирање на овој проблем којашто е веќе формирана во МЗ. И тимот и јас лично сме на располагање 24 часа за да споделуваме вистински и точни информации“, изјави министерот Филипче.

Меѓу заклучоците на денешната владина седница и:

• Ограничување на влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир;

• Итна набавка од страна на Министерството за здравство на соодветна количина заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот;

• Итна набавка од страна на Министерството за здравство на соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските  градинки и јавните тоалети;

• Задолжително одложување на сите предвидени патувања и екскурзии во Италија за сите основни и средни  училишта и сите универзитети и организирање на едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје;

• Препорака до граѓаните да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот;

• Препорака до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.

Подготовка за Европскиот квиз на парите: Значително зголемен интересот за финансиска едукација

Република Македонија вторпат е дел од Европскиот квиз на парите – еден од најзначајните меѓународни настани чија цел е финансиска едукација на младите од 13 до 15 години.  

Активностите за успешно одржување на националното натпреварување се во тек. Во таа насока денеска во Народната банка се одржа работна средба со наставниците и професорите координатори од основните и средните училишта кои се пријавија за учество,на која се обратија гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за финансии Нина Ангеловска, заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска и Маја Стевкова-Штериева претседателка на Македонската банкарска асоцијација (МБА), којашто е и организатор на Европскиот квиз на парите во земјава.

-По големиот успех минатата година, кога нашите национални претставници го освоија второто место во Европа, верувам дека на годинешното издание на Квизот, сите му пристапуваме со поголем ентузијазам. Ова го потврдува и фактот што бројот на пријавени ученици, годинава е значително поголем,  истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, по што одделно се осврна на предизвиците за подобрување на квалитет на човечкиот капитал со кој се соочуваме.

Таа додаде дека според индексот на човечкиот капитал на Светската банка, доколку се продолжи со сеопфатни реформи во образовниот и здравствениот систем децата кои се раѓаат во тековниов период кога ќе наполнат 18 години би можеле да бидат попродуктивни за 50 отсто. Ова,  како што кажа таа, подразбира и потреба од вложување во финансиската едукација, особено на генерациите на дигиталното време.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, посочи дека иницијативата на Европскиот квиз на парите носи повеќе придобивки во контекст на финансиската едукација, но и од аспект на образовниот процес во земјава.

-Оваа иницијатива носи повеќекратни придобивки. Првата е секако финансиската едукација, пренесувањето на знаењето од областа на финансиите на учениците од основните и средните училишта. Второ, квизовите, како начин за гејмифицирање на образовниот процес, го задржуваат интересот на учениците и можат поефикасно и ефективно да пренесат информации во некои случаи, во споредба на пример, со класичните методи. Трето, тоа е одличен начин за унапредување на процесот на менторство, односно на водството на ученикот од страна на наставникот. Изградбата на човечкиот капитал е од големо значење за нашата земја, а финансиската едукација игра важна улога од аспект на носењето на финансиски одлуки, рече Ангеловска.

Претседателката на МБА Маја Стевкова-Штериева, во своето поздравно обраќање упати голема благодарност до наставниците и професорите од основните и средните училишта од нашата земја за нивниот интерес за учество на Квизот.

-Минатата година на јавниот повик за учество на натпреварот се пријавија 145 одделенија, односно класови од основните и средните училишта од Република Македонија, а оваа година 279. Тоа укажува дека вие ја препознавте важноста на знаењата за банкарството и финансиите за учениците, а и потребата за нивното совладување што порано, посочи Стевкова – Штериева.

Таа додаде дека радува фактот што МБА и институциите се обединети во желбата за финансиската едукација на младото поколение, како и дека тоа што ја прави особено горда е фактот што финансиската едукација станува предизвик за учениците во земјава.

Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска, се надоврза на констатациите дека е неопходно во текот на образованието учениците да бидат информирани за постоењето и управувањето со финансиските ризици и дека возраста на учесниците на Квизот е идеален период од животот на секој поединец кога треба засилено да почне процесот на стекнување знаења од областа на финансиите.

-За надминување на предизвиците од финансиска природа, потребна е финансиска едукација. Ние, институциите на системот од оваа сфера, образовните установи и сите одговорни општествени чинители, сме должни финансиски да ги описменуваме младите и тоа и го правиме, порача Наумовска.

На работната средба беа презентирани одделните фази и беше извршена обука за учество во овој исклучително важен натпревар во знаења од областа на финансиите зад кој стои Европската банкарска федерација. Во нашата земја, носител е МБА во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, а активностите се спроведуваат со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука. На денешниот настан, со свои презентации се приклучија и другите регулатори на финансискиот систем.

Натпреварот за Европскиот квиз на парите ќе се одвива во три фази. Во првата половина на март ќе се одржат две интерни тестирања. Најдобрите на овие тестирања ќе настапат на националниот натпревар, кој ќе се одржи на 23 март, по кој ќе бидат познати победниците – двајцата ученици кои ќе ја претставуваат нашата земја на финалето на Европскиот квиз на парите во Брисел./МИА

притисни ентер