Лицата со навршени 65 години, кои немаат 15 години стаж, ќе можат да го откупат стажот за да одат во пензија

Лицата кои навршиле 65 години, а немаат 15 години стаж поради тоа што не им биле платени дел од придонесите, ќе може да ги откупат годините стаж што им фалат за да може да се стекнат со старосна пензија.

Ова го предвидува Предлог-законското решение кое е на дневен ред на денешната собраниска седница.

Предлогот е поднесен од група пратеници од ДУИ, а како што појасни еден од предлагачите Реџаиљ Исмаили, иницијативата произлегува од барањата на граѓаните кои години наназад се соочуваат со ваков проблем.

– Како резултат на барањата на многу граѓани, констатиравме дека ова прашање треба да се изготви како закон, рече Исмаили.

Пратениците од опозицијата се изјаснија дека ќе дадат поддршка на предлог-законот и оценија дека се работи за продолжување на законското решение што ВМРО-ДПМНЕ го донела во 2015 година. Најавија амандмани во второто читање со цел да се подобри законското решение. Дел од нив имаа забелешка на периодот во кој се поднесува законот и сметаат дека се работи за предизборен закон за купување на гласови.

Според Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, законот ќе предизвика финансиски импликации, на што реагираше Исмаили кој ги негираше ваквите тврдења со образожение дека со откупот на стажот ќе се слеат средства во Фондот на ПИОМ. Во однос на времето кога се поднесува законот, Исмаили појасни дека сега се предлага законот за да има континуитет по носењето на законот за стечајни работници.

Расправата по оваа точка од дневен ред продолжува по редовната едночасовна пауза. /МИА

Две жртви во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани

Тешка сообраќајна несреќа се случи на експресниот пат Штип-Кочани, во близина на ТИР зоната во Штип. Според првичните информации во несреќата животите ги загубиле две лица.

Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова потврди дека на овој експресен пат има тешка сообраќајна несреќа.

Таа за МИА изјави дека во тек е увидот и обезбедувањето на местото на несреќата од страна на полицијата.

Несреќата се случила околу 14.25 часот, помеѓу две патнички возила.

Саем на книга во Скопје: Само преку книгите, најмладите ќе ги насочиме на правилниот пат

Родителите и училиштето се двете најважни работи кои можат да всадат љубов кај децата за книгите, во време кога тие живеат во светот на интернетот и мобилните технологии. 

Само преку книгите, најмладите ќе ги насочиме на правилниот пат и вистинските вредности.

Ова е заедничкиот став на посетителите, издавачите и авторите на 36. издание на Саемот на книга, кој до 24-ти април се одржува во спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје.

А токму најмладите беа едни од најприсутните на саемот. Преку орагнизирани училишни посети, досега над 2.000 ученици ги посетиле овој книжевен настан.

Приказната се чита, е слоганот на овогодинешниот Саем на книга. Организаторите велат дека само на тој начин, децата можат да влезат во светот на книжевноста.

Дека интернет технологијата го одзема вниманието на децата, согласни се дел од авторите и издавачите. Нивната мисија е, додаваат тие, да им ги доближат квалитетните книги на младата популација па и преку електронски форма.

Од популарна присохологија, до македонски и светски познати автори. На Саемот на книга ќе се претстават над 60 издавачи, и ќе има повеќе од 30 промоции на книги, детски работилници, настани и дискусии.

Овој книжевен настан завршува на 24 април, чии врати се затвораат во 20 часот.

притисни ентер