Венецијанската комисија ја прифатила номинацијата на Дескоска за член на комисијата

Министерката за правда Рената Дескоска и официјално е нов претставник на земјава во Венецијанската комисија. 

Номинацијата е потврдена и на веб страницата на Советот на Европа, за што Дескоска се пофали на социјалните мрежи и напиша дека комисијата потврдува дека таа ги исполнува критериумите за членство.

По реакцијата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски дека Дескоска не може истовремено да биде и министерка и претставник на земјава во Венецијанската комисија, таа на фејсбук напиша дека не постои судир на интереси бидејќи членството во европското советодавно тело не се смета за вршење на функција.

„Членство во Венецијанска комисија, членство во ГРЕКО и слично не се смета за вршење на јавна функција. Сите носители на јавна функција имаат обврска да поднесат анкетен лист до ДКСК. Исто така ДКСК води Регистар на јавни функционери и до сега никогаш ниеден член на Венецијанска или на ГРЕКО не бил ставен по тој основ во тој регистар, ниту поднел анкетен лист заради членството“, -Рената Дескоска – министер за правда.

Министерката за правда демантира дека самата се предложила да ја претставува државата, вели дека процедурата на номинација не се врши преку ресорот со кој таа раководи, туку преку Министерството за надворешни работи.

Во нејзина одбрана застана и претседателот на СДСМ Заев кој потенцира дека во комисијата членуваат многу високи функционери од европските земји.

Антикорупционерите засега немаат извршено проверка дали постои основ за судир на интереси, но доколку има, велат дека ќе формираат предмет.

Социјалдемократите победија во Хамбург, ултрадесницата не го помина прагот

Социјалдемократската партија на Германија (СПД) победи на локалните избори во градот Хамбург, а за прв пат во последните неколку години популистичката десничарска Алтернатива за Германија (АфД) не успеа да го помине изборниот праг.

Според првите официјални нецелосни резултати, СПД освои 37,6, Зелените 25,5, Христијанско демократската унија (ЦДУ) 11,4 и Левичарската партија 9,1 отсто.

Либерално-демократската партија на Германија (ФДП) освои пет проценти од гласовите и најверојатно повторно ќе влезе во парламентот во Хамбург, а АфД не го премина изборниот праг со 4,7 проценти.

Ова е првпат во последниве години, популистичката десничарска АфД да не го мине изборниот праг на ниту еден од изборите во Германија и со тоа мора за прв пат да го напушти парламентот.

„Ова е прекрасна вечер. СПД победи, затоа што ние во Хамбург јасно се фокусиравме на нашите задачи и граѓаните ги препознаа“, рече кандидатот на СПД на изборите во Хамбург и актуелниот градоначалник на градот-федерација Питер Центшер и покрај фактот дека социјалдемократите изгубија осум проценти од гласовите во однос на последните избори.

Во Ирак убиен демонстрант , најмалку седуммина повредени

На денешните протести во Ирак е убиен еден демонстрант , а најмалку седуммина се повредени.

Ирачките безбедносни сили денеска убиле едно лице, а повредени се најмалку седуммина кога отвориле оган врз демонстрантите во Багдад, соопштија безбедносни и медицински извори.

Ирак се соочува со криза во земјата, со скоро 500 убиени лица во антивладините протести , што почнаа од 1-ви октомври минатата година.

На карневал во Хрватска запалени кукли на истополова двојка со дете (ВИДЕО)

За време на традиционалната карневалска поворка во хрватскиот град Имотски, каде граѓаните маскирани се шетаа низ градот, биле запалени кукли од истополова двојка со дете.

Според хрватски Индекс, фотографијата на опозицискиот пратеник на Социјалдемократската партија (СДП), Ненад Стазиќ, била ставена на куклата на детето и е нацртана црвена sвезда петокрака.

Во поворката имало многу деца кои гледале како се палат куклите.

Ова не е првпат хомосексуална двојка  да биде запалена на карневал во Хрватска.

Пред две години, на карневалот во Каштел, пред неколку стотици родители и деца, беше запалена сликовница со две мајки и двајца татковци.

притисни ентер