Челниците на ЕУ го потпишаа Брегзитот!

Претседателката на Европската комисија Урсула ВоN Дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска го потпишаа договорот за излегување на обединетото кралство од Европската унија следната недела.

Церемонијата на потпишување, која е претпоследен чекор во Брегзитот, се одржа без присуство на медиумите.

„Работите неизбежно се сменија, но нашето пријателство останува. Почнуваме ново поглавје како партнери и сојузници“ напиша Мишел на твитер.

Тој објави и фотографии на кои се гледа дека на церемонијата присуствувал и преговарачот на ЕУ за Брегзит Мишел Барниер.

Спасовски: Современ, регионален пристап, заедничка стратегија и конкретни мерки за делување во справувањето со новите безбедносни предизвици

Заедничките евроатлански вредности претставуваат основен сегмент и суштински двигател на меѓусебно приближување на државите од балканскиот регион и надминување на сите бариери, од кои дел беа проследени со конфликти и несогласувања во минатото. 

Балканското „буре барут", како што многумина го нарекуваа, мора да остане во историјата, а сите земји во регионот посветено да се сосредоточиме кон заедничките вредности и цели насочени на превенирање на конфликтите, одржување на мирот и стабилноста, владеење на правото без исклучок со почитување на меѓународното право, заштита на човековите права и слободи и мирно решавање на сите спорови и недоразбирања, за што последниов период Република Македонија претставува вистински пример. Само така можеме да обезбедиме гаранција за просперитетот, одржливоста и стабилноста на државите.

Тоа го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во видео-обраќањето пред учесниците на 11-тата по ред Меѓународна научна конференција „Евроатланските вредности на Балканот" што во организација на Факултетот за безбедност од Скопје и германската Фондација „Ханс Зајдел" од денеска се одржува во Охрид.

Според Спасовски паралелно со посочените процеси државите од регионот се исправени со предизвици како организираниот криминал, нелегалната миграција, компјутерскиот криминал и сајбер нападите, лажните вести и секако, насилниот екстремизам и тероризам, пандемијата „Ковид-19.

– За справување со овие современи предизвици е неопходен современ, регионален пристап, заедничка стратегија и конкретни мерки за делување, рече тој.

Како дел од активностите за зајакнување на капацитетите на државата во справување со предизвиците тој посочи на спроведените реформи, како реализација на препораките од групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите, усвојувањето на предложениот модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем со кој Управата за безбедност и контраразузнавање беше одделена од МВР, донесувањето на новиот Закон за Агенцијата за национална безбедност, …

– На тој начин ги надминавме и констатираните недоследности кои беа утврдени во претходните извештаи на Европската комисија за нашата држава. Во исто време работевме на изготвување на уште едно законскко решение за координација на безбедносно разузнавачката заедница, со цел да се уреди поставеноста и надлежноста помеѓу безбедносно разузнавачките служби.

Според министерот Спасовски, безбедносниот систем е основа на функционирање на правната држава, а сите овие спроведени реформи гарантираат заштита и унапредување на човековите права, заштита на демократијата и стабилноста на системот.

– Тој систем денес функционира, со него функционира и правната држава, а со неа и демократијата. Првата стратешка цел – интеграцијата во НАТО – ја остваривме. Продолжуваме со несмален интензитет, посветена и одговорна работа и реализација на сите активности кон остварувањето на втората стратешка цел на државата – членството во ЕУ, односно европеизација на нашата татковина. Ова е период кога сечиј придонес е важен, очекуван, потребен и суштински, рече Спасовски.

На научната конференција во Охрид што овојпат се одржува во услови на епидемија на коронавирусот експерти од државите во регионот и пошироко со непосредно присуство и по пат на видео-линкови ќе дискутираат за новите безбедносни предизвици и асиметрични закани, безбедноста помеѓу стратегиите и црвените линии на Балканот, потоа за заканите и отворените прашања на Балканот како нови предизвици за безбедноста, современи форми на криминал како глобална закана, зајакнување на капацитетот на малите држави и капацитетите за борба против корупцијата и организираниот криминал. /МИА

Премиерот Заев очекува пред Берлинскиот процес да се сретне со Борисов за Гоце Делчев

Премиерот Заев чека повратен одговор од бугарскиот колега Борисов за средба посветена на спорот за Гоце Делчев. 

Очекува жешкото прашање да се стави на маса најдоцна до 10-ти ноември, пред одржувањето на Берлинскиот процес, со кој заеднички претседаваат Македонија и Бугарија. Средбата со Борисов, како што најави на прес-конференцијата со новиот евроамбасадор Дејвид Гир, би се одржала во Софија во рамките на неговата прва официјална посета на Бугарија во новиот мандат. Заев уверува дека нема да дозволи причини за нови одлагања на почетокот на преговорите, за што, оптимизам влевале сигналите од европските партнери дека билатералните прашања не треба да бидат пречка. Прашан кое е неговото лично чувство дали Делчев е Македонец или Бугарин, Заев вели.

-Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер. Низ историските личности треба да гледаме основа за градење на уште поголемо пријателство и соработка помеѓу двете земји и двата народа и оти не е добро како за европската иднина на Балканот, така и за регионот на Југоисточна Европа, историските моменти да се избегнуваат и да се ставаат „под тепих", вели Зоран Заев, претседател на Владата

Наследникот на Жбогар, новиот евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир, не сака да навлегува во внатрешната расправата во Брисел околу можноста билатералните спорови да ја креираат преговарачката рамка за Македонија. Очекува да се оствари волјата на Берлин и земјава да ги почне преговорите до крајот на годинава, а потоа како што вели, да ги засукаме ракавите. Како клучни задачи за Македонија ги посочи реформите во владеењето на правото, одржувањето на демократијата, човековите права и добрососедските односи.

-Важно е да се продолжи со реформирање на сите области, особено во сферата на владеењето на правото, кое е еден од клучните кластери во преговорите според новата методологија за проширување, кое треба да биде отворено прво, а затворено последно, изјави Дејвид Гир, евроамбасадор

По бугарскиот условувачки меморандум синоќа оптимистичка порака пристигна од Брисел, по состанокот на Советот за општи работи. Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот, оцени дека дополнителни услови за Македонија не треба да има.

-Себе си се гледаме како чесни олеснувачи за да изградиме мостови стабилни за сите. Разговараме за прашањата со нашите бугарски партнери, затоа што треба да работиме врз основа на тоа за што сме се договориле заедно, не треба да воведуваме дополнителни критериуми и услови, изјави Михаел Рот, германски државен министер за Европа

Дали контроверзниот меморандум на Софија ќе се протне како услов во преговарачката рамка ќе се знае по 6-ти октомври, кога ќе заврши расправата за документот меѓу земјите членки.

Бектеши – Холштајн: Министерството за економија останува отворено за зајакнување на економската соработка со Германија

Како што соопштуваат од Министерството за економија, на средбата биле истакнати пријателските односи помеѓу двете држави. 

Економската соработка меѓу двете земји, мерките за справување со социо-економската криза предвизикана од коронавирусот како и економските политики на новата Влада за идниот развој на економијата, се дел од темите на кои се разговараше на денешната средба на министерот за економија Крешник Бектеши со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н.Е Анке Холштајн.

Како што соопштуваат од Министерството за економија, на средбата биле истакнати пријателските односи помеѓу двете држави.

Министерот Бектеши истакнал дека Министерството за економија и во наредниот период ќе остане отворено за секаков вид на соработка со Сојузна Република Германија. Со амбасадорката Холштајн се согласија дека ќе работат на дополнително унапредување на економските односи помеѓу двете земји.

Амбасадорката Холштајн упатила честитка за изборот на новата Влада, како и за повторниот избор на Бектеши за министер за економија.

– Сојузна Република Германија е наш најзначен трговски партнер од осамостојувањето до денеска, многу германски инвеститори работат со голем успех во нашата земја како резултат на тоа, потенцираше министерот и посочил дека има големи можности за натамошно зајакнување на економската соработка меѓу двете земји во повеќе области и индустрии.

Министерот Бектеши се заблагодарил на поддршката од страна на СР Германија и посочил дека специјалниот советник Валтер Дефа кој го номинираше германската Влада да помогне со реформите во економијата, има интензивна комуникација во крерирање на решенија за понатамошен развој на соработката меѓу двете земји.

Бектеши ги потенцирал приоритетите на Владата во наредниот период коишто се во насока на постигнување забрзан и одржлив економски раст преку зголемување на конкурентноста на македонската економија.

Се заблагодарил за континуираната поддршка од страна на СР Германија за напорите кои ги прави нашата земја во остварувањето на европските аспирации и започнувањето на преговори за членство во ЕУ.

Тој изразил надеж дека првата меѓувладина конференција би можела да се одржи наскоро, за време на претседавањето на СР Германија со Европскиот совет./МИА

притисни ентер