Премиерот Спасовски се сретна со новиот амбасадор на БиХ, Јаќимовиќ

Определени сме да продолжиме да ги унапредуваме добрите пријателски и партнерски односи помеѓу нашите две држави, како и за добра соработка со сите соседи и во регионални рамки. 

 Премиерот Оливер Спасовски денеска се сретна со Драган Јаќимовиќ, новоименуваниот амбасадор на Босна и Херцеговина во нашата држава. Како што соопшти владината прес-служба, амбасадорот Јаќимовиќ му го честитал на премиерот Спасовски стапувањето на должноста и изразил очекување за скорешно остварување на евроинтеграциската стратешка цел на нашата држава, пат кон којшто е определена и Босна и Херцеговина.

На средбата бил пренесен интересот од граѓаните на Босна и Херцеговина и од тамошната економска заедница, за уште поголемо унапредување на воспоставената добра соработка помеѓу двете држави.

Двајцата соговорници заеднички констатирале дека постои значителен напредок во односите помеѓу двете земји изминатите две и пол години, во повеќе области од полза на граѓаните, како што е меѓусебното признавање на возачките дозволи, влегувањето во државите со лични карти, направените заложби во создавањето услови за подобра економска соработка.

Констатирано е дека двете земји немаат отворени билатерални прашања и дека тоа отвора широк простор за меѓусебна соработка.

-Определени сме да продолжиме да ги унапредуваме добрите пријателски и партнерски односи помеѓу нашите две држави, како и за добра соработка со сите соседи и во регионални рамки. Добро е што раководствата на државите во регионот се насочени повеќе од секогаш кон надминување на какви било отворени билатерални прашања и за гледање кон иднината. Пријателствата и зајакнувањето на економската соработка ќе овозможат во нашата заедничка голема цел, да ги мотивираме граѓаните на нашите држави и посебно младите луѓе, да останат да живеат и работат во своите родни земји. И Република Македонија ќе продолжи да придонесува во добрата регионална соработка и европските интеграции, нагласил Спасовски.

На состанокот станало збор и за можностите за поактивна соработката меѓу Македонија и Босна и Херцеговина во делот на поврзувањето на стопанските комори, во областа на земјоделството, за планираното воспоставување авиолинија што ќе ги олесни комуникациите меѓу двете земји и граѓаните, за поттикнувања на промоцијата и соработката во областа на туризмот и во сите други области од значење за квалитетот на живот на граѓаните. 

ВМРО-ДПМНЕ: Две милијарди евра инвестиции во инфраструктурата по 12 април, кога ќе ја предводиме новата Влада

​Економски раст, зголемување на инвестициите и отворање на нови работни места е можно само со инфраструктурни проекти и модерна мрежa на патишта и железничка пруга низ цела Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ предвидува 2 милијарди евра инвестиции во инфраструктурата. За 4 години од сега ќе нема неасфалтиран пат во Македонија.

Битола конечно ќе добие автопат. Планираме изградба на автопат од Скопје до Битола. Возењето со автомобил на тој начин ќе се скрати на час и половина.

Дополнително ќе има неколку експресни патишта. Кочани – Штип, Штип – Радовиш, Струмуца – бугарска граница, Кавадарци – Прилеп, Битола – грчка граница и Куманово – бугарска граница.

Регионалните центри ќе бидат поврзани со автопат или експресни патишта. Секој крај на државата ќе биде лесно достапен од која било точка.

Квалитетната инфраструктурна поврзаност ќе значи можност за севкупен економски развој во секој регион од државата подеднакво.

По 12-ти април ќе инвестираме во Македонија. По 12-ти април Македонија влегува во фаза на обнова. По 12-ти април повеќе за секого.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Собраниска делегација на Зимската сесија на ПС на ОБСЕ

Пратениците Владимир Ѓорчев, Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили, членови на Делегацијата на македонското Собрание во ПС на ОБСЕ денеска и утре во Виена ќе учествуваат на зимската сесија на ПС.

Како што соопшти собраниската прес-служба, во агендата на ова заседание на трите генерални комитети на ПС на ОБСЕ ќе се разгледуваат актуелните настани во ОБСЕ, следено со прашања и одговори и ќе биде дебатирано за решавање на долготрајните конфликти: алатки и механизми на ОБСЕ (прва комисија), Безбедносните последици од климатските промени и улогата на парламентарците (втора комисија), Мултилатерализам во акција: Меѓународна соработка за човекови права (трета комисија) и за претстојната годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ што ќе се одржи од 3 до 7 јули 2020 година во Ванкувер, Канада.

На учесниците на оваа сесија со поздравни говори ќе им се обратат Волфганг Соботка, претседател на Националниот совет на Австрија, Георге Церетели, претседател на ПС на ОБСЕ, Еди Рама, претседавач на ОБСЕ и премиер и министер за надворешни работи на Албанија и Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ. /МИА

Во Кривичен судење за „Рекет"

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи рочиште за предметот „Рекет" во кој обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за перење пари, односно за злоупотреба на службената положба.

На минатото судење судот ја исклучи јавноста, а се презентираа преостанатите три фолдери од усб-то на Зоран Милевски-Кичеец.

Судијката Васка Николовска-Масевска, одлуката ја образложи со тоа што го посочила обвинителката дека со јавното изведување ќе се наруши угледот на лица кои не се дел од овој кривично-правен настан.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Васка Николовска-Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври минатата година поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело" и за „примање награда за противзаконито влијание". Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување".

На првото рочиште за „Рекет", што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание", по што беше осуден на три години затвор. /МИА

притисни ентер