Железничкиот сообраќај во Хуангганг, град со 7,5 милиони луѓе сместен на 70 километри источно од Вухан, ќе биде прекинат до подоцна во текот на денот, соопштија од кабинетот на градоначалникот.
Властите велат дека ќе биде запрен железничкиот и автобускиот сообраќај од 17 часот.
Киносалите, театрите и интернет-кафеата се затворени, а од жителите е побарано да не го напуштат градот, освен во исклучителни околности.
Хуанганг пријави 12 случаи на инфекција заклучно со понеделникот.
Друг град во областа - Ежоу - објави дека ги затвора своите железнички станици.
Пред тоа, истото го стори и Вухан, градот од каде започна заразата, каде се наметнати сериозни ограничувања во сообраќајот.
Аеродромите и железничките станици се затворени, а автобусите што работат на долги релации, метро линиите и фериботски услуги во градот со 11 милиони луѓе престанаа да работат во 10 часот, објави државната телевизија ЦЦТВ. Така, сообраќајот во градот е во целосен прекин, како и сообраќајни врски со остатокот од светот.
Властите не издадоа никакви забрани за сообраќај со приватни возила, но еден жител изјави за Ројтерс дека не е во можност да излезе од градот затоа што полицијата го блокирала автопатот по кој имал намера да патува.
Се стравува дека бројот на заболени може да се зголеми во наредните денови, кога се очекува милиони луѓе да патуваат од поголемите градови како Вухан за прославата на лунарната нова година која започнува во сабота.
Пријавени се случаи на заразени и во Јапонија, Филипини, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд и САД, како и во кинеските административни региони Хонг Конг и Макао.