Путин: Русија мора да остане силна претседателска република

Претседателот на Русија, Владимир Путин, беше запрашан за можен период на транзиција по завршувањето на мандатот по четири години ,а тој рече дека верува оти Русија мора да остане силна претседателска република.

Тој ова го рече денеска на телевизиска средба со студентите во Сочи.

Минатата недела Путин, кој според Уставот веќе не може да се кандидира за претседател, предложи уставни измени кои му даваат неколку опции за да ја задржи власта по истекот на неговиот мандат.

Меѓу нив е намалување на овластувањата на претседателот и засилување на премиерот, што предизвика шпекулации дека Путин може да се врати на позицијата што ја имаше од 2008 до 2012 година.

„Нашата земја, очигледно, мора да биде силна претседателска република. Тоа е првото нешто. Имаме толку многу етнички групи, националности, стилови на живот, што е практично невозможно да се интегрираат во парламентарна република“, рече Путин, сосема оддалечувајќи се од изјавите од минатата недела.

На прашањето дали Русија треба да се подготви за специфичен период на транзиција, како што стори Сингапур, Путин рече дека тоа не одговара на неговата земја.

Ли Куан Ју, основачот на современиот Сингапур, станал министер-ментор или еден вид советник по пензионирањето за да овозможи стабилност на власта.

„Тој беше извонреден човек. Тоа е точно. Тој беше, како што знам, 30 години на власт и ја основа државата, тоа е вистина. Сакате јас да бидам министер-ментор?" праша Путин.

„Вашиот предлог ќе се спротивстави на институцијата претседател. Мислам дека не може да се примени за земја како Русија“, рече Путин, кој како претседател и премиер веќе дваесет години доминира во руската политика.

МЖСПП: Сите 17 мерни инструменти и мобилната станица се во функција, не работат поедини инструменти во неколку од нив

Концентациите на ПМ10 честичките и ПМ 2.5 во моментов не е мерат на четири мерни места во земјава во Гази Баба, Миладиновци, Битола 1, Струмица и во мобилната станица која е лоцирана во Ѓорче Петров.

Причини се кај дел технички проблеми, а кај дел поради дотраеност.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека од вкупно 17 мерни станици и една мобилна во моментов сите се во функција и дека во мерните станица постојат по пет мерни инструменти за мерење на пет различни параметри, а оти во одделни мерни станици само поедини мерни инструменти не работат.

-Мерниот инструмент за мерење на РМ10/PM2.5 од мобилната мерна станица во Ѓорче Петров и мерните инструменти за РМ10 од мерните станици во Карпош и Струмица се исклучени поради технички проблем. Мерните инструменти за мерење на PM10 од мерните станици Битола 1 и Миладиновци се исклучени поради осцилации во мерењата кои се последица на дотраеноста на самите инструменти и на нивниот извор за радијација, бидејќи оптимална оперативна работа на еден инструмент е 10 години. Мерниот инструмент за мерење на СО од мерната станица Ректорат е исклучен поради технички проблем. Мерните инструменти за мерење на O3, CO, SO2 и NO-NO2-NOx од мерните станици Карпош и Центар кои не се во функција се од производителот Orion, и за нив нема резервни делови поради престанок на работа на фабриката. Истите треба да се заменат со нови мерни инструменти од други производители, појаснуваат од Министерството.

Додаваат дека во текот на оваа година во тек се повеќе активности за набавка на нови мерни инструменти. Реализацијата на дел од набавката е со донаторски средства, а дел со буџетски средства на МЖСПП.

Оттаму истакнуваат дека седум нови мерни инструменти за O3 (озон),седум нови мерни инструменти за SO2 (сулфур двооксид), седум нови мерни инструменти за CO (јаглерод моноксид), два нови автоматски мерни инструменти за мерење на PM2.5(суспендирани честички со големина до 2.5 микрометри), два нови секвенцијални нисковолуменски семплери за мерење на PM10 и PM2.5, седум нови сета од метеоролошки сензори за мерење брзина и насока на ветар, атмосферски притисок, влажност, глобална радијација, надворешна температура, како и кула за калибрација на автоматски мерни инструменти за PM10 и PM2.5 се набавуваат преку јавна набавка од Буџетот на МЖСПП за 2020 година. Би требало да се стават во функција во првата половина од месец декември 2020 година.

Се врши набавка на опрема преку IPA-CBC проект. Како што наведуваат потпишан е договор и краен рок за испорака и оперативност на опремата е крајот на месец октомври 2020 година. Со оваа набавка, додаваат, ќе се инсталира нова мерна станица во Општина Гевгелија со сите мерни инструменти (O3, NO-NO2-NOx, SO2, CO, PM10, PM2.5, секвенцијален нисковолуменски семплер за мерење на PM10 и PM2.5, како и метеоролошки сензори), како и замена на сите мерни инструменти при што ќе се додадат и инструменти за мерење на нови параметри од мерната станица Битола 1 (O3, NO-NO2-NOx, SO2, CO, PM10, PM2.5, секвенцијален нисковолуменски семплер за мерење на PM10 и PM2.5, како и метеоролошки сензори).

Преку СИДА проект се набавува опрема која се состои од 27 инструменти. Краен рок за доставување понуди е 3 септември 2020 година и се очекува да биде испорачана до крајот на годината и дополнитело се прави набавка на опрема преку IPA2 проект za [to tендерската документација е подготвена и се очекува објава на тендерот најдоцна до крајот на годината.

Маричиќ – Брегу: Добрата регионална соработка подразбира ширење на духот на европските вредности

 Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска оствари средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РЦЦ), Мајлинда Брегу, која во моментот е во работна посета на Република  Македонија.

Како што соопшти Министерството за правда, на средбата Маричиќ истакнал дека добрата регионална соработка е суштинска за ширење на духот на европските вредности и практики, за динамична европеизација на регионот, а дека во тој поглед, Советот за регионална соработка е значаен за воспоставување и негување на добрата соработка во регионот.

Министерот Маричиќ потенцирал дека Република Македонија е на историски пат бидејќи наскоро се очекува официјално започнување на преговорите со ЕУ и да го отвориме Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права.

40 илјади вакцини против сезонски грип за ризичните групи

Годинава ќе се набават за 40 проценти повеќе вакцини против сезонски грип за ризичните групи, највуваат од Министерството за здравство .

Министерството за здравство ќе набави 40.000 бесплатни вакцини против сезонски грип за ризичните групи во кои спаѓаат, лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и за децата на возраст од 6 месеци до 5 години.

Минатата сезона, како што наведуваат од министерството, биле набавени 28.000 дози бесплатни вакцини, односно бројката годинава е зголемена за 40 отсто.

притисни ентер