Саудискиот принц му го хакирал телефонот на Џеф Безос

Кралскиот принц на Саудиска Арабија, Мухамед бин Салман го „хакирал“ мобилниот телефон на официјално најбогатиот човек во светот и сопственикот на американскиот „Амазон“, Џеф Безос, пренесува британски „Гардијан“.

Повикувајќи се на извори кои инсистираа на анонимност, Гардијан известува дека мобилниот телефон на Безос бил хакиран користејќи шифрирана порака на WhatsApp, испратена од личниот број на Бин Салман.

За пораката се верувало дека содржела злонамерна датотека (малициозен софтвер) што навлегол во мобилниот телефон на Безос, наведуваат резултатите од дигиталната форензичка анализа.

Според таа експертска анализа, „многу е веројатно“ е дека мобилниот телефон бил хакиран со употреба на заразено видео испратено до Безос од бројот на Саудискиот принц.

Безос добил злонамерна порака среде пријателските пораки од принцот, изјавил изворот за „Гардијан“. Само неколку недели порано, Безос и Бин Салман вечераа во Холивуд со холивудскиот продуцент Брајан Грејзер, како дел од дипломатската и економска турнеја на принцот во САД, каде ги запозна сите, од претседателот Доналд Трамп до Безос, Марк Цукерберг и Опра Винфри .

Откако бил хакиран, извлечена е голема количина на податоци од мобилниот телефон на Безос, но не се знае точно каков вид. Сето тоа се случило на 1 мај 2018 година.

Саудиска Арабија претходно негираше дека го хакирала мобилниот телефон на американскиот милијардер, од каде протекле љубовните пораки и фотографии што ги разменувал Безос со љубовницата Лорен Санчез, по што конечно се разведе од сопругата Макензи, што американските медиуми го опишаа како еден од најскапите разводи во историјата.

Ова е токму причината зошто Безос ангажирал приватни иследници кои на крајот утврдиле дека Саудијците го хакирале неговиот мобилен телефон, како што се сомневал уште од почетокот.

Во меѓувреме, саудиската амбасада во САД се огласи преку Твитер. „Неодамнешните извештаи во медиумите кои сугерираат дека Кралството стои зад хакерството на мобилниот телефон на г-дин Џеф Безос е апсурдно. Бараме истрага за овие обвинувања, за да ги имаме сите факти“, се наведува во саудискиот твит.

Безос, според магазинот „Форбс“, има богатство од 115,6 милијарди долари, пред сопствениците на конгломератот Мот Хенеси - Луис Вутон, Бернард Арна (111,2 милијарди) и ко-основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс (110,6 милијарди). Покрај тоа што ја поседува најголемата светска интернет продавница, Безос поседува и еден од најголемите американски весници, „Вашингтон пост“.

И токму за „Вашингтон пост“ пишуваше Џамал Кашоги, саудискиот новинар со американско државјанство , кој беше брутално убиен во саудискиот конзулат во Истанбул, каде беше привлечен со измама. Тоа се случи само половина година по турнејата на принцот во Америка. Откако саудиските агенти го убиле Кашоги, тие го распарчиле неговото тело и, според турските служби, најверојатно го раствориле со киселина.

Американската ЦИА открила дека принцот Мухамед го наредил неговиот атентат, иако тој и саудискиот режим го негираа тоа - но првично негирале дека Кашоги воопшто бил убиен. Минатиот месец, саудискиот суд осуди на смрт петмина нејзини државјани за убиството на Кашоги, функционери од понизок ранг за кои Ријад тврди дека биле „револтирани“ и го извршиле убиството самостојно.

САД ќе ја повлечат својата војска од Нигер

Повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци, објави Њујорк Тајмс.

Американски извори потврдиле дека веќе е постигнат договор за тоа меѓу заменик државниот секретар на САД Курт Кемпбел и раководството на Нигер, пренесува БТА.

Американската војска во Нигер е стационирана во две бази, вклучувајќи ја и базата за беспилотни летала позната како авиоабаза 201, изградена во близина на Агадез во централниот дел на Нигер.

Од 2018 година, базата се користи против милитантите од Исламската држава и Џамаат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин, исламистичка организација поврзана со Ал Каеда, во регионот Сахел.

Армијата на Нигер ја презеде власта со државен удар минатата година. Пред пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција. Но, новите власти во Нигер им се придружија на хунтите во соседните Мали и Буркина Фасо и ги прекинаа воените договори со своите некогашни западни сојузници како Вашингтон и Париз, напуштајќи го регионалниот политички и економски блок ECOWAS. Тие, исто така, започнаа поблиски врски со Русија.

Во наредните денови треба да се разговара за тоа како ќе се одвива повлекување на американските војници војници од Нигер. /МИА

Верстапен најбрз на спринтот за Големата награда на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи во спринтот за Големата награда на Кина.

Второто место го зазеде Луис Хамилтон од Мерцедес со заостанување од 13.043 секунди.

Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез беше трет со 15.258, секунди послабо време од победникот.

Ова е осма победа на Верстапен во кариерата во спринт.

Главната трка од Формула 1 шампионатот за Големата награда на Кина ќе се вози утре со почеток во 9 часот по македонско време. /МИА

Северна Кореја тестирала тестирала „супер голема“ боева глава и противвоздушна ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета и нов противвоздушен проектил, пренесува ДПА.

Тестот на „супер-големата“ боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се извршени во петокот, објавија државните медиуми.

- Преку пробното лансирање беше постигната зацртаната цел, објави агенцијата КЦНА.

Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со ситуацијата во регионот“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.

Како одговор на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, Соединетите Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа воената соработка, вклучително и одржување заеднички маневри. /МИА

притисни ентер