Едно лице повредено по расправија пред локал во Тетово

Триесет и петгодишен тетовец е повреден со остар предмет од две години постар сограѓанин откако претходно имале расправија на улицата „Маршал Тито" во близина на  Градскиот пазар околу 17 часот.  

Повредениот по укажаната лекарска помош во Тетовската болница, е пренесен на скопските клиники поради сериозноста на повредите.

– Во СВР Тетово во 17:20 часот пријавено е дека А.Л (35) по расправија со А.П (37) е повреден со остар предмет и добил убодна рана на левата нога. Настанот се случил пред угостителски објект во близина на Зелениот пазар во Тетово. Лицето А. П потоа побегнал. Екипа на СВР Тетово има извршено увид и започна потргата по А.П и расветлување на мотивите за расправијата и повредувањето, информираат од СВР Тетово. /МИА

Настава без мобилни телефони во училиште во Аеродром

Општинското основно училиште „Александар Македонски" во соработка со Советот на родители донесе одлука за забрана на употребата на мобилни телефони за време на часовите.

– За таа цел, училиштето набави посебни шкафчиња каде што ќе се оставаат телефоните и учениците ќе можат со поголемо внимание да го следат часот. Наставата без мобилни телефони ќе придонесе да се зголеми квалитетот на образовниот процес. Ги поттикнуваме и другите училишта во општината да ја применат оваа практика, соопшти Општина Аеродром.

Спасовски за акцијата во Крушопек: Важни се резулатите од акцијата, а сензационализмот не е основа за водење истраги

-Воопшто не е важно колку време, кога, во кое време се водела каква било истрага. 

Воопшто не е важно во кое време и колку време се водела каква било истрага, важен е кредибилитетот со кој се прави тоа и крајните резултати, а сензационализмот не е основа за водење истраги, порача денеска премиерот Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали во акцијата во Крушопек бил вклучен и негов тим додека тој беше министер за внатрешни работи.

-Воопшто не е важно колку време, кога, во кое време се водела каква било истрага. Важно е со каков кредибилитет тоа ќе се прави и да знаете дека сензационализмот не е основа за водење на истраги  и спроведување на акции. Во секоја истрага мора да има сериозна кредибилност и кредибилитет и лична одговорност на оној кој раководи со органот во делот на истрагите. Врвен приоритет е да се заврши и тоа што сте го завршиле да го кажете пред јавноста. Не е важно веднаш во ист момент да излезете во јавноста и да кажете имам сензација, а со тоа да се загрози истрагата, рече денеска Спасовски, на заедничката прес-конференција со претседателот на парламентарната група „Renew Europe", Дациан Циолос.

Нагласи дека не смее и не треба во ниту еден момент истрагите да се водат во јавност и преку медиумите и додаде дека е потребно да завршат, да се обезбедат докази, а оние кои направиле кривично дело да завршат таму каде што им е местото.

Еден килограм запленет кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била нашата земја, приведени четири лица, отворање финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата, истрага за евентуална вмешаност на други физички и правни лица, се резултатите од полициската акција во селото Крушопек во скопски Сарај.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера на серијата прашања од страна на новинарите на прес-конференцијата не откри за колкава количина дрога станува збор, ниту со кои други земји соработувале, во кој временски период се водела , а се, како што рече, во интерес на истрагата.

Медиуми од нашата држава, но и од Албанија, Србија, Словенија, Црна Гора излегоа со написи дека вкупно пратката содржела 1,3 тон кокаин, по потекло од Колумбија.

Чулев информира дека кокаинот е пронајден во магацин за овошје – банани на правното лице Банекс компани ДООЕЛ. Операцијата се спроведувала од 17 до 19 февруари, а Единицата за специјални операции вршела претреси во магацинот на Банекс компани ДООЕЛ, која во 120 наврати извршила увоз на овошје во најголем дел од Колумбија, а во помал обем и од Еквадор.

По објавата за заплената на еден килограм кокаин во скопското село Крушопек, скриен во пратка со банани од марката „Дерби", се огласи сопственикот на овој бренд, словенечката компанија „Растодер", која тврди дека била „цел на злоупотреба од страна на криминален картел".

Словенечките медиуми посочуваат дека кокаинот бил скриен меѓу банани увезени од Јужна Америка, чија крајна цел била Италија, но транзитирале преку неколку балкански земји. Агенцијата СТА наведува дека пратката со банани од Јужна Америка со брод стигнала во Црна Гора, од каде потоа дел биле пренесени во Албанија и Македонија, додавајќи дека крајна цел на откриената дрога во Крушопек бил нарко пазарот во земјава. Компанијата „Растодер" во својата реакција истакнува дека уапсените од страна на македонската полиција во врска со овој случај, не се поврзани со неа. /МИА

Стопанска комора: Државава меѓу најтешките за давање работни дозволи

Рамката на прогресивниот данок поставена на 1.500 евра удира и по најдобрите странски експерти кои многу тешко можеме да ги обезбедиме.

Рамката на прогресивниот данок поставена на 1.500 евра удира и по најдобрите странски експерти кои многу тешко можеме да ги обезбедиме, а во делот на издавањето работни дозволи условите се толку катастрофални што лицата дојдени однадвор да помогнат, се чувствуваат како илегалци. Ова се двата клучни проблема на кои странските инвеститори постојано сигнализираат, рече денеска на прес-конференција претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев.

Меѓу предизвиците за компаниите остануваат и потребата од владеење на правото, честата промена на законите, како и немањето потребен стручен кадар.

Мала економија како нашата, напомена Пешев, мора да биде пофлексибилна и мора да пости гаранција дека судството работи.

-Данокот на личните доходи кој се менуваше, најчесто ги погодува најдобро платените експерти кои доаѓаат од странство. Независно дали е низок или рамен, не треба да го правиме според нашите перцепции за многу или малку. Треба да имаме предвид дека луѓето што имаат странски инвестиции тука и се платени од македонските компании, ако не се под посоебн режим, данокот го плаќаат според наши стандарди и секое зголемување во тој дел, директно им се одразува. Кога ќе кажете дека ќе ја поставите рамката на прогресивен данок на 1.500 евра, значи дека сите до еден ги опфаќате зашто нивниот просек на примања се однесува на земјите од каде што дошле. Клучно е да се разбере, дека тој данок директно ги „удира" обично „топ" експертите кои не можеме лесно да ги обезбедиме тука, истакна Пешев на прес-конференција во Комората на која тема беше македонско-италијанската соработка.

Според него, ние сме една од најтешките држави во однос на визниот режим за луѓето што работат тука. Инвеститорите минуваат низ исклучително тешки процедури и тоа е сигинализирано од нивна страна.

-Ние тоа секогаш го покриваме со некакви глупави објаснувања дека не сакаме да ни доаѓаат луѓе од чудни држави, но излегува дека не сакаме да ни доаѓаат луѓе од никакви држави. Всушност, не сакаме да комуницираме. Отворена, мала економија, со многу странски инвестиции како нашата треба да е подготвена за таква работа. Издавањето работни визи е многу проблематично, сите што работат на овој проблем ќе ви потврдат дека е така, потенцира Пешев.

Осврнувајќи се на честото менување на законите, претседавачот на Собранието на Комората повтори дека државава практично оневозможува предвидливост за бизнисите, а никој од инвеститорите не е дојден тука за кратко време, туку секогаш планира да остане подолго.

-Треба да внимаваме дека луѓето што доаѓаат тука, не носат пари за да си одат за кратко време. Сакаат со среднорочни или долгорочни предвидувања да знаат што ќе им се случува. Тоа ние сите овие години не успеавме да го обезбедиме поради честите промени на владејачките гарнитури, а при промените компаниите доживуваат шокови на прилагодување што дополнително им создава нервоза, но ги чини и финансиски. Исто така, сите овие години имаме деградација на чувството дека во државата постои ефикасен систем за правда, правдина и владеење на правото. Тоа секоја наредна влада ќе мора да го стави на прво место во својата агенда, рече Пешев.

Според италијанскиот амбасадор, Карло Ромео, италијанските компании се генерално задоволни од условите за водење бизнис, но имаат неколку битни забелешки, а тоа се, како што кажа Пешев, владеењето на правото и на недостигот на квалитетна работна сила. Проблем плус, додаде Ромео, се и долгите, комплицирани процедури кои не се секогаш јасни.

-Италија е голем поддржувач на Северна Македонија, а нашите компании имаат сериозен интерес за соработка. Со влезот на вашата земја во НАТО можностите ќе се прошират, посебно во делот на одбраната и безбедноста. Во моментов, тука има вкупно 130 италијански компании со реализирани вкупно 122 милиона евра инвестиции. Главно се во доменот на индустријата, машинската, металургијата и енергетиката, истакна амбасадорот.

Ромео и Пешев нагласија дека е голем потенцијалот за соработка и во дизајнот, како и во земјоделството и прехранбената индустрија.

Политичките односи меѓу двете земји се одлични, но економските, иако добри, не го следат посакуваното ниво. Изминатиот период е забележан постојан раст кој од деведестетите години наваму е зголемен три пати.

-И покрај зголемената економска соработка, учеството на италијанското стопанство во нашата размена е преполовено. Причина не е немањето интерес од италијанска страна, туку тоа што развојот на индустриските зони го дефокусира класичниот капацитет за пласман на македонските производи, рече Пешев.

Во 2019 година трговската размена со Италија изнесуваше 649 милиони евра што е раст од пет проценти во однос на 2018-та. Увозот достигна 471 милион евра или 5,9 отсто повеќе, додека кај извозот вреден 173 милиони евра, е евидентиран благ пад. 

притисни ентер