По посетата на Вархеји поместени позициите за законот!

Се поизвесно е дека следната недела власта и опозицијата на заедничка средба повторно на маса ќе го стават Законот за јавното обвинителство.

Засега не е познато во кој формат би се одржала средбата - дали меѓу работните групи или таа ќе прерасне во лидерска. Претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави дека би седнал на маса со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, ако работните групи на двете партии ги доближат ставовите. Според лидерот на владејачката партија, со носењето на овој закон, за кој е потребно дво-третинско мнозиноство се дава плус аргумент на членките на Еворпската Унија за позитивна одлука на Европскиот совет.

“ Ако треба јас и Мицкоски да седнеме, да седнеме, верувам дека ќе најдеме решение. Јас ќе разговарам со осумте пратеници, верувам во европската иднина. Претпоставка е ако не го договориме останува 12-ти април да ги чекаме изборите и после тоа ние очекуваме да бидеме пак власт а ВМРО ќе биде опозиција и пак треба да го решиме, еве да биде и поинаку да ги смениме страните пак треба да ги решиме , затоа со овие зборови испраќаме порака дај да бидеме одговорни и сериозни и да го донесеме решението“, вели Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека предлогот е испратен на анализа кај експертски тим и во следните неколку денови ќе ја известат јавноста околу нивниот став во однос на понуденото решение.

“ Да почекаме да видиме за што точно станува збор, можда власта конечно се вразумила, иако веројатноста за тоа е многу мала, па ги прифатила барањата и забелешките на ВМРО-ДПМНЕ, така да да почекаме и да видиме како ќе се одвиваат работите“, вели Игор Јанушев.

Актуелизирањето на ова прашање доаѓа по посетата на еврокомесарот Вархеји и неговата средба со премиерот Спасовски, кој во интервју за МИА изјави дека со него разговарал за неопходноста на носењето на законот, но и тоа дека тоа не е услов Македонија да добие датум за преговори.

Од Министерството за правда вчера соопштија дека новиот трет предлог ќе биде доставен до Собранието откако ќе се постигне договор.. Клучните точки во него се дека Обвинителството за гонење на организиран криминал ќе ги преземе надлежностите на СЈО, обвинителите ќе продолжат да ги водат предметите, а 30 дена по гласањето на законот ќе добијат можност да се вработат во обвнителството кај Вилма Русковска, што е спорно за опозицијата.

Средба на Пецаков со претставниците на УНЕСКО, О.Охрид посветена на задржување на статусот

 Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков со неговиот тим оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО што престојува во работна посета на земјава.

Пецаков пред членови на Центарот за светско наследство, на Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, како и на Националниот координативен тим од Македонија ја истакнал силната посветеност на Општина Охрид за зачувување на природното наследство во Охридскиот регион.

„Детално ги инфомирав за сите чекори кои како Локална самоуправа ги преземаме и со временските рамки за реализација на истите. Силно сме посветени и не отстапуваме во спроведувањето на веќе пропишаните правила за зачувување на статусот од УНЕСКО“, вели Пецаков.

Мисијата на УНЕСКО во Охрид ќе биде неколку дена, а како што посочи претходно министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, претставниците на Светската организација се тука за да ја утврдат фактичката состојба околу заштитата на Охридскиот регион на терен,со средби со претставници на сите засегнати институции и субјекти. Од мисијата на УНЕСКО ќе произлезат заклучоци според кои државата е треба да постапува во насока на заштита на Охридскиот регион и неговиот статус во УНЕСКО.

МВР: 34 санкции за прекршоци на возила кои вршат јавен превоз на патници

 Во текот на вчерашниот ден во периодот од 08.00 до 12.00 часот спроведена е акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на прекршоци на возила со кои се врши јавен превоз на патници.

При контролата санкционирани се 34 прекршоци, од кои 23 поради неисправен уред за запирање, соопшти МВР.

Упатени на вонреден технички преглед биле 181 автобус и други возила кои вршат јавен превоз на патници. За време на контролата констатирани и законски санкционирани се и 159 други видови на сообраќајни прекршоци.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, навремено да се проверува техничката исправност на возилата и навремено да бидат отстранети евентуалните недостатоци.

Јокиќ со нов рекорд во НБА

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ продолжи да ги поместува границите во НБА и постави нов рекорд. 

Играчот на Денвер стана првиот играч во историјата на најсилната лига на светот кој постигнал повеќе од 8.000 поени, 4.000 скока и 3.000 асистенции во период од пет години во ова натпреварување.

Јокиќ рано утрово постигна 22 поени, десет асистенции и девет скока во поразот на неговиот тим од Феникс со резултат 104:97.

Денвер е бранител на шампионскиот трофеј во НБА-лигата.

Со биланс од 51 победа и 22 порази е лидер на табелата во Западната конференција.

притисни ентер