БиХ се обврза дека нема да ја окупира Месечината и нема во вселената да користи нуклеарно оружје

Босна и Херцеговина се обврза дека нема да ја окупираат  Месечината или други небесни тела.

Тоа е дел од документот ратификуван вчера на седницата на парламентарното собрание на БиХ во Сараево.

Тоа е договор на принципите што ги регулираат активностите на земјата во истражување и употреба на вселената, вклучително и Месечината и другите небесни тела.

„Правилата за употреба на вселенските ресурси би можеле да почекаат, барем додека не бидат решени земните“, изјави Мирко Шаровиќ, член на Српската демократска партија (СДС) во Собранието на Босна и Херцеговина, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Меѓу другото, БиХ го ратификува договорот со обврска да не користи нуклеарно оружје во вселената.

Во договорот се вели дека универзумот, вклучително и Месечината и другите небесни тела, не подлежат на национално присвојување врз основа на тврдења за суверенитет, преку користење или окупација, или со какви било други средства.

Тоа е меѓународен договор, а некои парламентарци велат дека не е приоритетен. Еден од нив е пратеникот Шемсудин Мехмедовиќ, од Партијата за демократска акција (СДА).

„Додека земјата губи огромен број луѓе, испраќаме млада работна сила во Европа, ние се справуваме со вселенски проблеми што апсолутно не не интересираат, но мора да бидат усогласени со некои европски принципи“, вели Мехмедовиќ.

Албанската влада донесе одлука за отворање генерален конзулат во Струга

Советот на министри на Република Албанија донесе одлука за отворање генерален конзулат во Струга. Веста ја соопшти овластениот министер за Европа и надворешни работи, Гент Цакај, во објава на Фејсбук.

Одлуката, како што наведува, е во согласност со планот за продлабочување на интеракцијата со Албанците во регионот, а конзуларната област на овој центар ќе ги опфаќа „Струга, Охрид, Битола, Кичево, Дебар, Гевгелија, Ресен/регионот на Преспанско Езеро".

Според Цакај овој конзулат ќе има посебна улога во унапредувањето на понатамошните економски, социјални и културни односи меѓу регионот и Република Албанија.

-Ние ќе продолжиме да преземаме нови мерки во служба на зајакнување на врските со Албанците и на издигнување на албанскиот фактор во регионот, напиша Цакај.

Генерален конзулат во Струга веќе отвори Република Косово, кој исто така ќе опфаќа и други градови во регионот, како Охрид, Ресен, Битола, Прилеп, Крушево, Кичево и Дебар. /МИА

Прилеп се подготвува за карневалот „Прочка 2020“

Прилеп на големо се подготвува за карневалот Прочка 2020 единствен на овие простори на кои подеднакво учествуваат и традиционални и современи маски.

Во сабота и на денот проштени поклади ќе продефилираат околу 1000 учесници од повеќе балкански земји меѓу кои годинава по подолга пауза и ќе има и групна маска од Грција.

Од здружението „Прилепски мечкари“ велат карневалот ќе заврши на 2 март со  заеднички ручек посно гравче во манастирот „Свети Ѓорѓија“.  А нивна определба е традиционалната прилепска маска  да биде заштитена и од страна на УНЕСКО.

Карневалот  велат организаторите е како виното. Колку е постар толку е поубав, а традицијата предизвикува особен интерес  кај младите.

Во детскиот дел  од манифестацијата ќе има 15 групни маски од Прилеп и Крушево.

Во рамките на четирите карневалски денови ќе биде отворена изложба на рачно изработени маски а ќе биде организиран и карневалско музички маскенбал. 

Патникот од Дубаи нема коронавирус

Патникот што допатувал од Дубаи и кој имаше симптоми слични на грип, а беше хоспитализиран на Инфективната клиника нема коронавирус. Тестирањето на пациентот покажало дека тој бил позитивен на Инфлуенца тип Б.

Тој допатувал пред неколку дена во земјава по шестдневен престој во Дубаи. Имал симптоми слични на грип. Направени беа тестовите и кон ова лице се постапувало со целото внимание како за сомнителен случај заболен од коронавирус.

Од Министерството за здравство апелираа сите кои доаѓаат од критичните региони да се придржуваат до препораките во упатството и доколку почувствуваат некои од симптомите да не се шетаат низ здравствените установи, туку да се јават на телефоните за Институтот за јавно здравје. Од Министерството потенцираа дека здравствениот систем е подготвен и оти располага со доволен број на кревети, маски, мантили и скафандери.

На Инфективна клиника синоќа беше хоспитализиран и патник кој вчера пристигнал од Милано во Скопје со попладневниот лет на „Визер". Лицето е тестирано и нема коронавирус, потврдија од Министерството за здравство. Пациентот имал лесна клиничка слика, нема покачена телесна температура и неговата состојба е стабилна.

Од МЗ велат дека будно ја следат состојбата и во континуитет се постапува по препораките на Светската здравствена организација, а од денеска се применуваат и нови зајакнати мерки за превенција од корона вирус. /МИА

притисни ентер