Научниците докажале дека богатите без здравствени проблеми живеат 10 години подолго отколку сиромашните

Богатите луѓе кои се  здрави, живеат во просек од десет години подолг живот од помалку богатите луѓе, наведува студија заснована на податоци од повеќе од 25.000 луѓе над 50 години во САД и Велика Британија.

Истражувачите ги анализирале податоците во потрага по факторите кои можат да предвидат колку долго луѓето можат да живеат пред да бидат измачувани од болки поврзани со возраста, од што нема да можат да станат од кревет или да си подготват храна.

Најголемиот социоекономски фактор што го предвидува почетокот на овие проблеми е богатството, откриле истражувачите. Над 50 години, најбогатите анкетирани лица можат да очекуваат уште 31 здрава година, додека најмалку богатите можат да очекуваат само 22 или 23 години во добро здравје.

Повеќето истражувања досега се фокусираа на животниот век, отколку на неговиот квалитет. „Со мерење на здравиот животен век, можеме да го процениме бројот на години на живот што ќе бидат поминати во добра здравствена состојба или без инвалидитет“, изјави научникот Паола Заниното, специјалист за јавно здравје на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

На пример, една студија покажа дека ризикот од предвремена смрт двојно се зголемува во посиромашните делови на Велика Британија, во споредба со побогатите делови.

Во однос на долговечноста, истражувањето за 2016 година откри дека мажите кои се меѓу 1% најбогатите во САД по финансиските критериуми можат да очекуваат да живеат 87,3 години, скоро 15 години подолго од оние што припаѓаат меѓу најсиромашните 1 процент. Кај жените, овој јаз е 10 години. Што се однесува до Велика Британија, според истражувањето за 2018 година, сиромашните ќе умрат околу десет години порано.

Најновото истражување вклучува податоци од две студии, една од Велика Британија, во која учествуваа 10.754 лица, а другата од САД, со 14.803 испитаници. Немало значителни разлики помеѓу двете земји во однос на клучните наоди на истражувањето.

Светската здравствена организација смета дека глобалниот животен век е 72 години , а просекот се зголеми за 5,5 години помеѓу 2000 и 2016 година, што е најбрз раст од 1960-тите.

Остин разговарал со Галант пред извештаите за експлозии во Иран

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон.

Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран. /МИА

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

Премиера на претставата „Хенгинг Араунд“ во МНТ

Во Македонскиот народен театар  вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена  претставата „Хенгинг Араунд“ по текст на Љупчо Јованов, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски.

МНТ соопшти дека дејството во претставата се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови во приказната 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа.

-Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овојпат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна..., наведува Македонскиот народен театар.

Во претставата играат Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

притисни ентер