Недоразбирања меѓу техничките министри за состојбите во социјалата

Недоразбирањата меѓу техничките министри во МВР и Министерството за финансии, денеска се префрлија во труд и социјална политика. 

Министрите и дополнителните заменици од техничката Влада продолжуваат со меѓусебни обвинувања за ефикасноста на институциите со кои раководат. Министерката за труд и социјална политика по посетата во Специјалниот завод во Демир Капија реагира за нехумани услови во кои престојуваат тамошните штитеници. Вели дека во домот нема доволно негуватели кои им се потребни на овие лица. 

 ,,За хуманоста во условите во коишто престојуваат овие корисници не можам да зборувам. Овие услови се нехумани, нечовечни. Ова е чист ужас. Од најавените поправки на Специјалниот завод можеме да најдеме обоени ѕидови, додека инсталацијата водоводна, електрична е сѐ уште онаа од 56-та односно 58-ма година. Условите за хигиена се никакви, луѓето се препуштени сами на себе.

Дополнителната заменичка Шкријељ пак бара соработка од нејзината колешка Мизрахи. Смета дека институциите треба да работат во интерес на граѓаните, да не запираат започнатите проекти и да не се дозволи приоритет да станат меѓупартиските препукувања.

,, Министерството за труд и социјална политика, со техничката Влада доби нов технички министер, но и дополнителен заменик министер. Тоа нема да има никакво влијание врз спроведувањето на планираните активности на министерството.  Во овој период не смее ниту еден процес да запре, а најмалку да бидат оштетени граѓаните. Би сакала да ги уверам граѓаните, дека и понатаму ќе продолжи исплатата на социјалната помош и другите права којшто ги следуваат согласно законите за социјална и детска заштита и за социјална сигурност на постарите лица.

Министерството за труд и социјала не е единствениот ресор каде што има несогласувања. Викендов, во фокусот беа превирањата во МВР за прераспределбите на полицајците и именувањата на началниците од новиот министер Чулев, а повод за кавги најдоа и министрите и дополнителните заменици во финансии и земјодлество.

притисни ентер