Пратениците изгласаа самостојност и независност на собраниската служба

Собранието на денешната 130-тата Седница, со огромно мнозинство го изгласа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието.

Измените на Законот за Собрание, коишто обезбедуваат финансиска самостојност и независност на собраниската служба, ги предложија претседателот на Собранието Талат Џафери, координаторите на пратеничките групи на: Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Демократската унија за интеграција, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“, Алијанса за Албанците, Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија, Демократската партија на Албанците, БЕСА, АЛТЕРНАТИВА, а поддршка дадоа и сите пратеници во законодавниот дом.

Овој парламентарен состав ќе биде запаметен како состав кој реализирал една од стратешките цели во Стратешкиот план 2020-2022 на Собранието, каде што е утврдена целта за постигнување на „Напредни и ефикасни услуги и собраниска служба“, што се очекува да се постигне преку независна и ефикасна собраниска служба и вреднувани службеници, почитувајќи ги принципите на професионална администрација и систем на заслуги.

На овој начин, преку финансиска и административна независност, се создаваат услови Собранието како претставнички орган на граѓаните, кој е носител на законодавната власт, но и врши политичка контрола на работата на извршната власт, ефикасно, темелно и целосно независно да ги извршува овие значајни функции.

Имајќи на ум дека Собранието е во постојано заседание, тоа наметнува специфичности во извршувањето на работите и задачите и условите за работа на вработените во Собранието, како и нивна постојана достапност во давање на стручна и административна поддршка на пратениците во извршувањето на нивната функција. Иако постоеше разбирање за специфичноста на работата на собраниската служба, сепак долги години тоа прашање не се ставаше на преден план. За огромна почит е визијата, упорноста и решителноста на претседателот Џафери, генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, поддршката на пратеничките групи од овој собраниски состав, разбирањето од страна на Владата, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација.

Голем придонес и поддршка во исполнувањето на оваа цел дадоа и долгогодишните искрени и посветени партнери и пријатели на законодавниот дом, односно Швајцарската конфедерација, швајцарската Амбасада и тимот од Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени, како и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, кои ја спроведуваат „Програмата за парламентарна поддршка“ и чија поддршка, почнувајќи од Планинските разговори во Берово, преку мноштвото студиски посети и работилници го консолидираа патот кон обезбедување на вистински независно, реформирано Собрание. Во Собранието се создаваат механизми за балансирано управување и контрола на сите постапки и знаеме дека ќе успееме да бидеме вистински дом на демократијата и демократските процеси. Службата на Собранието е носител на институционалната меморија и таа ќе биде тоа секогаш, за сите парламентарни состави, независна, непристрасна, професионална и стручна и таа ќе продолжи и понатаму и уште поревносно да ја оправдува довербата и одговорноста што и е дадена.

Награда во Калифорнија за најдобар долгометражен филм за „Бизнисот на задоволството“

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД.

Фестивалот што се одржа од 10 до 14 април, во своето 22-годишно постоење се залага за промоција на храбри филмови кои обработуваат општествени предизвици, но и говорат за смелоста на човековиот дух.

Цветановски го радува тоа што филмот по вторпат e наградeн во САД, откако минатиот месец беше прогласен за највпечатлив филм на 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“ во Аризона.

- Калифорнија е центар на американската филмска индустрија, и секако дека како автор сум горд што добивме награда овде, и тоа во конкуренција со американски филмови со многу поголеми буџети. Едвај чекам да завршиме со оваа светска фестивалска турнеја и во септември да го презентираме пред нашата публика. Очекувам филмот да отвори теми за дискусија на повеќе нивоа, но пред се‘ сакам да го продолжиме трендот од последниве години, во кој на домашните гледачи им се враќа довербата и желбата да гледаат македонски филмови, вели Цветановски.

„Бизнисот на задоволството“ досега доби осум награди на филмските фестивали низ светот, од кои пет се за најдобар долгометражен филм.

Филмот ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. /МИА

Николоски на средби во ММФ

Здравите економски политики поттикнуваат забрзување на економскиот раст.

Македонија продолжува да води здрави економски политики. Фискалната политика даде соодветен одговор во справување со кризата, а поставената цел за фискална консолидација во наредниот период преку заштеди и поголема поддршка на економијата со инвестиции е основа за забрзување на економскиот раст на среден рок. Владата останува посветена на реформите коишто се клучни за напредок и постигнување повисоки стапки на економски раст и забрзана интеграција во ЕУ. Напредокот во евроинтегративниот процес и реализацијата на новиот европски План за раст на Западен Балкан се исто така дополнителен придонес во остварување на поставените политики. Ова беше посочено на средбите на заменик-министерот за финансии Филип Николоски во Вашингтон со заменик на генералниот директор на ММФ Бо Ли, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор Лук Дресе, како и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер.

„РС Македонија во изминатите две години доби значајна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд, која воедно беше и потврда за здравоста на економските политики што ги спроведува. Преку пристапот до Програмата за ликвидност и претпазливост, ги потврдивме здравите политики, а од страна на ММФ беше позитивно оценет првиот преглед за ПЛЛ што овозможи повлекување на втората транша финансиски средства од овој инструмент. Остануваме на патеката на постепена фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, зголемени средства за јавни инвестиции и поттикнување на економскиот раст и постигнување просечни стапки на раст од 5%“, рече заменик-министерот Николоски.

Тој додаде дека оваа година се очекува интензивирање на економската активност, која ќе биде поттикната од зголеменото учество на капитални расходи во Буџетот, силните инвестиции во инфраструктурни проекти, како и приватната потрошувачка, поддржана од растот на платите.

Дополнително влијание, како што додаде, покрај домашните фактори ќе има и очекувањата за нормализација на глобалното опкружување, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување, растот на економската активност кај нашите главни трговски партнери и слично.

„Најголем придонес кон раст во 2024 година се очекува од бруто-инвестициите со планиран раст од 8,4%, главно поттикнати од интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти на коридорите 8 и 10, зголемена доверба кај инвеститорите, очекуваниот прилив на странски директни инвестиции, зголемениот интерес за инвестиции во обновливи извори на енергија, зголемената активност во индустриските зони и најавените нови инвестиции кои ќе придонесат за раст на извозот за 4,6%, како и приватната потрошувачка која се очекува да има реален раст од 3,1% и надворешната побарувачка темелна на подобрување на надворешното опкружување, односно раст во еврозоната и зголемување на економската активност во Германија“, истакна заменик-министерот за финансии, кој посочи и на очекувањата од реализацијата на европскиот План за раст на Западен Балкан и активностите коишто се одвиваат со забрзана динамика во овој процес и секако стабилизирање на инфлацијата.

Ваквото поповолно опкружување ќе даде основа за преориентација на владините политики од справување со криза кон остварување засилена економска активност, смета заменик-министерот, кој наведе дека поради се уште присутните ризици и предизвици, во Буџетот и во оваа година се обезбедени средства за надминување на одредени кризни состојби.

Средбите се одржаа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, каде заменик-министерот за финансии Филип Николоски учествува заедно со гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска-Бежоска. Во Вашнгтон, тие ќе остварат средби и со високи претставници на Светска банка, односно со потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Јуџин Ругенат, директорката на Светска банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.

Министерство за финансии

Приведен дилер во Охрид, пронајдена дрога

Денеска во 00.55 часот во Охрид, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид го лишиле од слобода Б.Н.(33) од Охрид, соопшти МВР.

Откако бил забележан од полициските службеници во неговото возило, тој фрлил кесичка со бела прашкаста материја која била пронајдена и одземена. Подоцна, со судска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја и други предмети со остатоци од бела прашкаста материја.

Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

притисни ентер