МФ: Аукцијата е редовна, бројот на аукции преполовен, јавниот долг после долги години - стабилизиран

Денешната аукција на државни хартии од вредност е редовна аукција предвидена и објавена со календарот за аукции.

Taa e согласно предвиденото домашно повлекување утврдено со Буџетот за 2020 година, со тоа што мора да се напомене дека бројот на аукции е двојно намален од 2017 година наваму.

Државните хартии од вредност се евтин извор за финансирање на буџетскиот дефицит, но и на стари доспеани обврски. На пример, каматата на 12-месечните обврзници кои се издадоа на денешната аукција изнесува 0,6%, додека на крајот на месецот треба да ја вратиме втората рата од ПБГ-заемот во износ на 155 милиони евра, која е земена во 2013 година со каматна стапка од 3,9% или повеќе од шесткратно повисока. До крајот на годината доспева еврообврзницата од 2015 во износ од 180 милиони евра со камата од 4,9%.

Годинава за отплата имаме надворешен долг од 437,8 милиони евра и отплата по основ на домашен долг во износ од 264,9 милиони евра. Исто така треба да се финансира и буџетскиот дефицит.

Сепак и покрај големиот број на стари обврски кои доспеваат, успеавме да го стабилизираме јавниот долг и сега тој е дури на пониско ниво во однос на 2016 година. Ако во 2016 година тој изнесувал 48,8%, согласно последната состојба, јавниот долг изнесува 47,7% и тоа со вклучен негарантиран долг, кој порано не бил вклалкулиран - што значи дека долгот е понизок за околу 1,5 процентни поени.

За разлика, порано јавниот долг беше брзорастечки, што беше забелешка и од меѓународните финансиски институции. Така од 2008 година од 23% јавниот долг се удвои на 48,8% во 2016 година.

Како успеваме да го стабилизираме јавниот долг? Преку прудентна политика која ги таргетира компонентите кои го креираат долгот: 1.буџетскиот дефицит и 2.сервисирањето на старите долгови.

Буџетскиот дефицит преку постепена консолидација го намалуваме. Така ако порано тој достигнувал и до 4% од БДП, годинава е намален на 2,3%, а догодина ќе биде сведен на 2%, односно е преполовен.

Старите долгови, благодарение на враќањето на довербата на инвеститорите во економијата, се рефинансираат по неколкукратно пониски каматни стапки, споредено со претходниот период.

Во однос на забелешките дека не се процесираат барањата од кабинетот на дополнителната заменик министерка за финансии, сите барања доставени до Кабинетот се процесираат најбрзо можно, велат од Министерството за финансии.

Во трката за пратеници 1.578 кандидати на 15 коалиции и партии

Граѓаните на Македонија на предвремените парламентарни избори можат да гласаат за кандидатските листи на 15 коалиции и партии со вкупно 1.578 кандидати, од кои 903 се мажи, а 675 жени.

Според статистичките податоци на ДИК, по возраст најмногу или 795 се меѓу 30 и 49 години.

Изборот се прави со заокружување на редниот број пред кадидатските листи на гласачкото ливче, чиј редослед беше утврден со жрепка.

Партиите на гласачкото ливче ќе ги носат следните редни броеви:

1 – Демократска партија на Албанците – ДПА

2 – Политичка партија Демократи

3 – СДСМ и коалицијата „Можеме"

4 – Левица

5 – Алијанса за Албанците и Алтернатива

6 – Глас за Македонија

7 – Граѓанско демократска унија – ГДУ

8 – Интегра

9 – Демократска унија за интеграција – ДУИ

10 – Социјалдемократска унија – СДУ

11 – Никогаш Северна, само Македонија – Единствена Македонија

12 – МОРО работничка партија

13 – Народна партија на Ромите

14 – ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија"

15 – Твоја партија

Со свои кандидатски листи во сите шест изборни единици ќе учествуваат ДУИ, коалицијата „Можеме" предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија", политичката партија Интегра, „Никогаш северна, секогаш Македонија", Демократи, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија.

СДУ, ГДУ и Глас за Македонија нема да учествуваат во шестката, односно поднесоа листи само за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5. Твоја партија доставила кандидатски листи за изборните единици 1, 2 и 5, а Народна партија на Ромите само во втората изборна единица. ДПА има кандидатски листи во пет изборни единици.

Носител на листата на СДСМ и коалицијата во првата изборна единица е актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров, техничкиот премиер Оливер Спасовски е во втората, партискиот генерален секретар Љупчо Николовски во третата, во изборната единица четири носител ќе биде лидерот на СДСМ Зоран Заев, петката ќе ја предводи вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, а носител во шестата изборна единица ќе биде лидерот на Беса Билал Касами. Карактеристично за овие листи е тоа што е запазено правилото половина од кандидатите да бидат жени. СДСМ за овие избори направи коалиција со Беса, која на кандидатските листи има 14 члена на партијата.

Носители на листите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица еден е професорката Гордана Силјановска, во двојката Владо Мисајловски, во тројката Игор Јанушев, во четвртата изборна единица Александар Николоски, во петтата изборна единица оперскиот пејач Игор Дурловски и во шестата Дафина Стојановска.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети е носител на кандидатската листа на партијата во шестата изборна единица, Талат Џафери во петтата изборна единица, во тројката носител ќе биде поранешниот министер за економија Беким Незири, во втората изборна единица министерот за образование Арбр Адеми и во првата изборна единица носител е партискиот потпретседател Изет Меџити.

Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села е носител на кандидатската листа на коалицијата со Алтернатива во шестата изборна единица, додека Африм Гаши од Алтернатива во втората изборна единица. Во првата изборна единица носител е Скендар Реџепи, во третата Беким Татеши, во чевртата Валбона Река, а во петтата Сурија Рашити.

Носител на листата со кандидати за пратеници на ДПА во шестата изборна единица е лидерот на партијата Мендух Тачи. Во првата изборна единица носител е Ниметула Демири, а во втората Орхан Ибрахими. Прв од кандидатите во третата изборна единица е Сами Рушити, додека во четвртата изборна единица ДПА нема да има кандидати. Во петтата изборна единица носител на кандидатската листа е Васви Доко.

Носители на листата на Политичка партија Демократи се во ИЕ 1 – Катерина Тодоровска, ИЕ 2 – Христина Гаши, ИЕ – 3 Жарко Кучишки, ИЕ 4 – Никола Бујуклиев, ИЕ 5 – Јорго Огненовски и ИЕ 6 – Изет Зејделовиќ.

На Левица носител во ИЕ 1 е Димитар Апасиев, во втората изборна единица е Реџеп Исмаил, во третата изборна единица Борислав Крмов, во четворката Бранко Ристов, во петката – Јована Мојсовска и во шестата изборна единица Сенада Ибраимова.

Носител на кандидатската листа на Глас за Македонија во првата изборна единица е Солза Грчева, во втората Адријана Богдановска Тоскиќ, во третата е Лидија Горачинова Илиева, во четвртата Гоце Златев и во петтата Наташа Котлар Трајкова.

Носители на листи на Граѓанско-демократска унија се: во првата изборна единица Ана Глигорова, во двојката Есед Јусуфовски, во третата Петар Колев, во четворката Добре Митрев и во петтата Даниел Јордановски.

На партијата Интегра – Македонска конзервативна партија носители се: во ИЕ 1 – Љупчо Ристовски, во ИЕ 2 – Александар Главинов, ИЕ 3 – Сузана Чесмаџиска, ИЕ 4 – Воислав Зафировски, ИЕ 5 – Николче Талевски и ИЕ 6 – Виолета Србиновска.

Носител на СДУ во првата изборна единица е Петар Богојески, во втората Снежана Костадиноска Милошеска, во третата Војо Беловски, во четвртата Жарко Бошкоски и во петтата Стево Насковски.

На Единствена Македонија носители се: во ИЕ 1 – Биљана Чинго, ИЕ 2 – Јове Кекеновски, ИЕ 3 – Вангел Симев, ИЕ – 4 Јанко Бачев, ИЕ – 5 Ацо Николовски и ИЕ 6 – Љупчо Столевски.

Носители на листи на МОРО – работничка партија во изборна единица 1 – Атанас Трајковски, во втората Горан Зафировски, во третата Светлана Здравковска, во четвртата – Киро Јовчевски, во петтата Жарко Гроздановски и во шестата Иван Јанкуловски.

Народна партија на Ромите има листа во втората изборна единица, а носител е Ѓеѓе Демировски.

Носител на кандидатската листа во првата изборна единица на Твоја партија е Мирјана Најческа, во втората Ѓорѓе Марјановиќ и во петтата Илија Тодоровски.

Изборниот ден неработен за сите граѓани

Поради одржување на предвремени парламентарни избори, денешниот ден е наеработен за сите граѓани во Република Макеоднија и нема да се одработува.

Според одлуката на Владата, оние институции, компании, фирми и организации кои ќе одлучат да работат денеска треба да пријават работа на неработен ден до Државниот инспекторат за труд.

– Според Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, работодавачот на работникот е должен да му исплати надоместок и додаток на плата за работа на празници и неработни денови утврдени со закон или друг пропис, појаснуваат од Владата.

Вкупно активни 3.475 случаи на Ковид-19, најмногу заболени во Скопје и Тетово

 Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 8.332, а во моментов активни се 3.475, откако вчера беа регистрирани 135 нови случаи на заразени.

Бројката на заболени повторно е највисока во Скопје, со тоа што вчера од направените 1.259 тестирања во главниот град се регистрирани 76 позитивни лица. По Скопје следи Тетово со регистрирани 13 новозаболени.

Што се однесува до останатите градови во земјава, во Куманово вчера беа регистрирани нови 6 позитивни, Дебар – 2, Штип – 6, Прилеп – 1, Струга – 7, Битола – 3, Охрид – 1, Кавадарци – 1, Гостивар – 10, Гевгелија – 1, Македонски Брод – 1, Кратово – 1, Свети Николе – 2, Кичево – 3, Ресен – 1.

Како што соопшти Министерството за здравство, вчера починаа четворица пациенти, еден од Скопје, еден од Тетово, еден од Охрид и еден од Кичево.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира 142 оздравени лица од: Скопје – 68, Штип – 3, Прилеп – 1, Тетово – 15, Струга – 15, Охрид – 15, Гостивар – 7, Крива Паланка – 1, Кочани – 1, Пробиштип – 1, Кратово – 5, Свети Николе – 6, Ресен – 4.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се четворица пациенти. Вкупно се хоспитализирани 88 пациенти. На кислородна поддршка се 53 пациенти, нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 25 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, пет деца позитивни и едно дете суспектно на вирусот. Во ГОБ „8 Септември" примени се четворица пациенти, вкупно хоспитализирани се 83 пациенти. На респираторна машина се пет пациенти.

Според неделниот извештај за период од 6 до 12 јули што вчера го објави Институтот за јавно здравје, во овој период се направени повеќе тестирања за Ковид-19, но процентот на позитивни од тестирани случаи е благо намален.

Во дадениот период направени се вкупно 9.995 тестирања (1.573 повеќе од периодот 29 јуни – 5 јули) и регистрирани се 1.073 позитивни случаи на Ковид-19, што е за 156 случаи повеќе од претходната недела. Споредбено, процентот на позитивни од тестирани случаи е благо намален, 10,7 отсто позитивни од тестирани за периодот од 6 до 12 јули, наспроти 10,9 отсто за претходната недела.

Според извештајот, во последните четири недели процентот на позитивни случаи од тестирани на неделно ниво бележи пад. Новозаболени се регистрирани во 26 градови, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (42,3 отсто) и во Тетово (8,9 отсто).

Во 16 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Од новозаболените во овој период најголем процент се лица над 60 години 22,8 отсто, поголем број новозаболени се регистрира кај лица на возраст од 30 до 39 години – 20,1 отсто, потоа кај лица од 50 до 59 години – 19,3 отсто и од 40 до 49 години – 18,8 отсто. Најмал број на новозаболени има кај децата и тоа на возраст до девет години – 3,7 отсто, и од 10 до 19 години – 3,3 отсто од вкупниот број новозаболени, информира Министерството за здравство.

притисни ентер