Трипуновски во Платежната агенција за неисплатени субвенции на земјоделец од Арачиново

Земјоделецот од Општина Арачиново, Зејнула Сулејмани две години чека институциите да кажат зошто не добил субвенции.

За ова, тој наводно му се пожалил на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

Образложувајќи го случајот на Сулејмани, Трипуновски денеска даде изјава за медиумите пред Платежната агенција, при што повтори дека до 12 април, кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори, постојано ќе биде меѓу земјоделците и ќе помага да се решаваат нивните проблеми.

– Денеска сум во Платежната агенција на барање на еден земјоделец кој дојде до мене во Министерството и побара помош. Се работи за предмет што од 2018 година тапка во место, а загрижениот земјоделец е Зејнула Сулејмани кој две години го чека одговорот за своите редовно заслужени субвенции. Јас во разговор со него одлучив директно да дојдам во Платежната агенција и да се информирам лично од прва рака за целата ситуација, односно зошто на овој човек не му се исплаќаат субвенциите, рече Трипуновски.

Дополнителниот заменик-министер го лоцираше проблемот во менаџерскиот тим на Агенцијата иако во неа, како што истакна, работат многу вредни и чесни луѓе.

– Ова е само еден доказ дека она што го зборуваме изминатите години дека имаме некомпетентни луѓе на работни позиции во институциите доаѓа на дело. Ова е еден доказ дека институциите работат споро по налог на овие менаџери. Овој човек си ги чека редовно заслужените субвенции, чека одговор, дури и да му се каже дека не му следуваат со објаснети причини, па понатаму нека ги бара во судските инстанции да види дали навистина е во право или можеби институцијата е крива, напомена Трипуновски. /МИА

Кој е Русинот , од чиј брод се истовари ѓубривото што експлодира во Бејрут?

Игор Гречушкин, руски државјанин со наводно место на живеење на Кипар, е сопственик на бродот што ја превезувал опасната стока што експлодирала во Бејрут.

Станува збор за 2.750 тони амониум нитрат, хемиско соединение што нормално се користи како вештачко ѓубриво, но во одредени ситуации може да се користи и како експлозив - или ненамерно да предизвика експлозија, како што, за жал, се случи во пристаништето во Бејрут.

Имено, ѓубривото се чувало во хангар во пристаништето од 2014 година до денес, без мерки за безбедност кои би ја спречиле катастрофата што се случи.

Со тој товар, бродот под молдавското знаме „МВ Розус“ се заглавил во пристаништето во Бејрут. Сепак, неговата дестинација не бил Либан, туку Мозамбик.

Капетанот Борис Прокошев, наводно, го запрел брод во Грција за да наполни гориво кога неговиот сопственик Гречушкин, наводно директорот на „ Teto Shipping “, јавил дека компанијата снемала пари и ќе мора да собере дополнителен товар во Бејрут за да ги покрие патните трошоци.

Рускиот портал Сибирјан Тајмс пишува дека бродот запрел во Бејрут поради дефект.

Во секој случај, кога бродот се вкотвил во Бејрут, локалните пристанишни власти го притвориле поради „груби прекршувања во управувањето со бродот“, т.е. „недостаток на документи и услови потребни за превоз“, неплатени пристанишни такси и поплаки од рускиот и украинскиот екипаж.

Екипажот од осум Украинци и двајца Руси бил принуден да остане на бродот, а сопственикот Гречушкин прогласил банкрот и едноставно „го напуштил бродот“. Либанските власти на крајот ослободиле шест од десетте членови на екипажот, а четворица останале заробени на бродот полн со експлозивен товар скоро една година.

„Тој ни рече дека банкротирал и, иако не му верувам, најважно е што ги крена рацете и од својот екипаж и од неговиот товар“, изјави еден од работниците.

"Морнарите беа на бродот 11 месеци. Имавме малку потрошен материјал. Му пишував на Путин секој ден. На крајот, моравме да продаваме гориво за да ангажираме адвокат со тие пари. Сопственикот не ни обезбеди храна или вода", рече капетанот Прокошев.

Гречушкин не одговори на прашањата на новинарите.

Според е-пораките разменети меѓу Прокошев и неговиот адвокат Шарбел Дагуер, амониум нитратот бил растоварен во пристаништето во Бејрут до ноември 2014 година и оставен во магацин. Властите тогаш го држеле таму шест години, и покрај предупредувањата од либанскиот царински директор Бадри Дахер дека станува збор за „исклучително опасен“ товар.

Си-Ен-Ен доби документи кои покажуваат дека Дахер и неговиот претходник Мерхи во повеќе наврати се обратиле до судовите во Бејрут со цел да се обидат да го складираат опасниот товар на друго место.

Дахер, кој залудно предупредувал дека товарот е еквивалентен на „лебдечката бомба“, потврди за Си-Ен-Ен дека неговата канцеларија испратила „шест писма до правните тела“, но дека властите никогаш не одговориле на ниту еден од нив.

Западна Европа ја очекува рекордно топол период

Западна Европа се подготвува за силен топлотен бран што ќе донесе екстремни температури веќе втор викенд по ред, пишува Си-Ен-Ен.

Англија утре ќе се приближи до највисоката температура оваа година, што беше измерена за време на минатонеделниот топлотен бран . Највисоката температура во петок ќе се приближи до историскиот рекорд од 38,7 степени, што е забележано во јули минатата година, покажува прогнозата на британската метео служба.

Канцеларијата Мет веќе издаде предупредување за делови од Англија каде температурите ќе се искачат на скоро 37 степени овој викенд. Но, овој пат топлотниот бран во Лондон и околните области се очекува да трае најмалку седум дена, пренесува Си-Ен-Ен.

"Додека овој топлотен бран можеби нема да донесе толку високи температури како минатата недела, топлината ќе трае значително подолго. Минатата недела топлината беше проблематична само за еден или два дена. Овој топлотен бран ќе трае во оваа област најмалку пет дена и во градовите како Париз ќе има температури над 36 степени секој ден од петок до понеделник “, рече метеорологот на Си-Ен-Ен Тејлор Вард.

За францускиот главен град се предвидува дека температурата ќе биде повисока од 32 степени секој ден за целата наредна недела. Во Белгија ќе биде до 14 степени потопло од просекот на некои места, со највисоки температури над 32 степени. Во текот на викендот ќе биде 34 или 35 степени во Брисел. Во Амстердам и другите делови на Холандија може да достигне до 32 степени во текот на викендот. Над просечната температура може да остане во Западна Европа следните девет дена.

"Кога топлотниот бран трае долго, ефектите може да се мултиплицираат . Многу домаќинства во овој регион немаат климатизација и кога температурите се искачуваат на околу 35 степени, зградите повеќе не можат да се ладат, ставајќи ги во опасност луѓето, особено постарите и оние со здравствени проблеми“, заклучи Вард.

На „Блато" запленети се вкупно 370 килограми марихуана

Албанската полиција доцна вечерва соопшти дека количината на запленетата марихуана на граничниот премин „Блато" на албанско-македонската граница кај Дебар е многу поголема од количината за која информираа медиумите.

– По целосното мерење на запленетата дрога утврдено е дека во камионот кој беше контролиран на преминот „Блато" откриена е количина од 370 килограми. Дрогата беше откриена при излез од албанска територија во камион марка „мерцедес" со албански сообраќајни ознаки, со лого на производител на мебел, управувано од лицето Флориан Алимани(26) од пограничното село Долно Ѓурица. Крајната дестинација била Северна Македонија, стои во вечерашното соопштение од полицијата.

Оттаму информираат дека истрагата продолжува во соработка со македонската полиција со цел да се идентификуваат сите лица вмешани во трговијата со дрога од двете страни на границата.

Дрогата е откриена при втората контрола, а била скриена во посебен простор поставен над подот на возилото. Била натоварена во Пешкопеја.

Според полицијата, успешната акција е резултат на засилените контролни мерки со цел спречување секаков обид за шверц на дрога и спречување на било какви меѓугранични криминални дејствија.

Ова е најголема количина на дрога запленета на двете страни од овој граничен премин./MИА

притисни ентер