НАСА предупредува: Чадот од Австралија наскоро ќе ја заобиколи Земјата

Американската вселенска агенција НАСА предупредува дека чадот предизвикан од пожарите во Австралија наскоро ќе ја заобиколи земјата.

Катастрофалните пожари во Австралија горат веќе неколку месеци, а густиот чад се издига над Пацификот.

НАСА соопшти дека веќе во првиот ден од оваа година чадот поминал илјадници километри и ја прекрил Јужна Америкам додека до 8 јануари поминал половина од Земјината топка.

-Се очекува чадот барем еднаш да ја заобиколи Земјата, соопштуваат од НАСА, пренесе „Би-Би-Си“.

Во пожарите до сега загинале најмалку 28 лица, неколку милиони животни а уништени се околу 2.000 куќи и 10,3 милиони хектари земјиште.

Еднаш кога ќе се најде во стратосферата, чадот може да помине илјадници километри од својот извор, влијаејќи на атмосферските услови на глобално ниво, наведуваат експертите.

НАСА истакнува дека чадот ја променил бојата на небото во Јужна Америка и значително го влошил квалитетот на воздухот во Нов Зеланд.

Неколку австралиски градови веќе се прекриени со густ чад настанат од катастрофалните пожари, меѓу кои се Канбера, Мелбурн и Сиднеј.

Во овие градови квалитетот на воздухот е на најниско досега забележано ниво.

Нова градинка во Општина Илинден

Во населеното место Миладиновци во Општина Илинден денеска ќе биде пуштена во употреба нова градинка со капацитет за згрижување на 90 деца.

Градинката, како што е најавено, ќе ја предадат во употреба министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски.

Новата градинка е високо енергетски ефикасен објект на површина од 540 метри квадратни.

„Го чистиме Скопје во звуците на музиката"

Сите заинтересирани граѓани денеска од 10 до 11:30 часот ќе можат да се вклучат во акцијата за чистење на реката Вардар. Локацијата е од Автополигонот под Кале.

Се работи за волонтерски настан, кој беше најавуван на социјалните мрежи. Поддржувач е Германско друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.

– Човек убаво се чувствува кога прави убави работи, а има ли нешто подобро отколку чистењето на запуштениот дел покрај преубавата река Вардар, со звуците на музиката, се вели во најавата за акцијата.

Времето денеска сончево со слаб ветер, по котлините магла

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, по одделни котлини со појава на утринска магла. 

Во југоисточните делови ќе биде претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од три до осум, а максималната ќе достигне од осум до 14 степени.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност, во утринските часови со појава на слаба магла. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 11 степени.

Времето утре ќе биде променливо облачно, во југоисточните делови со повремени врнежи од дожд. Ќе дува засилен југоисточен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта врнежите ќе се прошират насекаде и ќе бидат пообилни. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10 степени, а максималната од 10 до 16 степени.

Под влијание на циклонска активност во Медитеранот и влажна воздушна маса, во недела кон крајот на денот и в понеделник ќе има пообилни врнежи од дожд, а на места ќе бидат и поројни, над 35 литри на метар квадратен. В понеделник на планините врнежите ќе бидат од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12 степени, а максималната од 9 до 14 степени.

притисни ентер