ЕП: Македонија по триумф против Австрија за пласман во втората фаза

Ден „Д“ за најдобрата машка ракометна репрезентација на Македонија на Европскиот шампионат 2020.

Македонскиот национален тим вечерва од 18-15 часот против еден од кодомаќините на првенството Австрија го игра одлучувачкиот дуел на шампионатот за пласман во следната рунда на Еуро 2020.

Црвено жолтите вечерва во сигурно полната „Штадхале“ со поддршка од навивачката фаланга ќе бркаат победа со плус два гола разлика против досега непоразената Австрија.

Селекторот Брестовац и одлучувачкиот натпревар од првата рунда реши да ги игра со истите 16 ракометари кои ги одиграа средбите против Украина и Чешка во кои остваривме половичен успех.

Нашите најдобри ракометари вечерва во Виена се без право на грешка, пораз не носи назад во Македонија ,а триумф од два гола разлика ни обезбедува место во следната рунда. За реми или победа од еден гол потребен ќе биде многу математика.

Сите комбинации како Македонија да го продолжи престојот на ЕП 2020:

-Победа на Австрија од најмалку два гола

-Победа над Австрија со еден гол разлика со тоа што ќе мораме да дадеме повеќе од 31 погодок

-Победа над Австрија од 31-30 и Чешка да не ја победи Украина со повеќе од еден гол

-Победа над Австрија од 31-30 и Чешка ја победи Украина со 26-25 и потоа ждрепката да биде на наша страна

-Победа над Австрија и Чешка да не ја победи Украина

-Да не загубиме од Австрија и Чешка загуби од Украина.

Но, Лазаров, Стоилов, Манасков и останатите велат дека ќе се оди на најсигурната варијанта, да се победи Австрија со два гола и да се чекира местото меѓу 12-те најдобри на шампионатот.

Добрата и цврста игра во одбрана повторно ќе биде клучна за конечниот исход. Ристовски и Митревски вечерва мора да бидат многу подобри од натпреварот со Чешка, а Лазаров, Манасков и Стоилов ќе мора да добијат поголема поддршка во нападот од Талевски, Кузмановски, Пешевски..., влогот е уште еден пласман во втората фаза на еден европски ракометен самит.

Национална конвенција за ЕУ: Министерството за правда веднаш да иницира нови измени на КЗ

Министерството за правда веднаш да иницира нови измени на Кривичниот законик, препорачуваат од Националната конвенција за ЕУ во Македонија. 

Експресните измени донесени со европско знаменце од лани не се на иста линија со политиките на ЕУ, велат оттаму, со оглед на тоа што предлог директивата од Брисел предвидувала повисоки казни за кривичните дела поврзани со корупција. Препорачуваат и враќање на избришаниот став за злоупотреби при јавните набавки.

-Со оглед на тоа што е дел од таа минимална листа не треба да имаме дилеми дека тоа ќе опстојува и во иднина. И во поглед на предложените казни во однос на нивната висина тие се многу повисоки од оние што ние ги имаме во актуелниот КЗ особено тие се намалија кај делото злоупотреба на службената положба и овластување со измените на КЗ од септември 2023 година,- изјави – Александра Деаноска – Трендафилова – Универзитетски професор.

Иако работна група во МП подготвува целосно нов Кривичен законик во кој ќе биде вратен избришаниот став, од Националната конвенција сметаат дека оваа процедура ќе се одолговлече. Во меѓувреме Македонија не треба да губи време на својот евроинтегративен пат, вели главниот преговарач во тимот на Хрватска споделувајќи го хравтското искуство во процесот на пристапување кон Унијата.

-Ако Македонија се инспирира од она што ние (Хрватска) позитивно го сработивме може да го фати забрзаниот пат. За мене клучни се визијата, политичката одлучност на политичките елити во Македонија, консензус на клучните чинители дека тоа навистина се сака како би се навистина спровеле тешки реформи а тука доаѓаме до тоа да се биде способен да се донесат тешки одлуки, односно да не се избегнува носењето на одлуките,- изјави – Кристиан Туркаљ – Правен експерт за Западен Балкан, Р. Хрватска.

Со измените на КЗ лани во септември пратениците ги намалија пропишаните казни за неколку кривични дела, и воведоа горна граница на максималната казна, што заедно со избришаниот став доведе до застарување на неколку дела. Веднаш потоа и Извештајот на ЕК за напредокот на земјава нотираше загриженост околу овие измени но и посочи на несоодветна употреба на европското знаменце.

Ковачевски не ги отфрла предлозите на Мицкоски за укинување на Балансерот и бројот на пратеници

Лидерот на СДСМ Ковачевски не ги отфрла ад хок идеите на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на балансерот при ваботувања во јавната администрација, намалување на бројот на пратеници и воведување на една изборна единица.

Лидерот на СДСМ Ковачевски ад хок не ги отфрла предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на балансерот при ваботувања во јавната администрација, намалување на бројот на пратеници и воведување на една изборна единица, но смета дека уставните измени за откочување на европскиот пат сега се приоритет за државата. Според него балансерот е воведен од влада на ВМРО-ДПМНЕ, но согласен е дека се злоупотребува и смета треба да има поширок политички консензус за негово надминување.

Во напуштањето на владејачката коалиција на некои од коалициските партнери Ковачевски гледа различни мотиви, но не, како што рече, идеолошки. Потврди дека нема да предложи разрешување на лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов, иако тој најави дека ќе премине во опозиција поради неисполенти ветувања, а вчера изјави дека би се вратил во коалиција со СДСМ за плата од 5.000 евра.

-Тој најави дека ќе ја напушти коалицијата, а утрово посочува дека би се вратил во коалицијата. Јас вака му кажав, дека без разлика дали ќе ја напушти или нема да ја напушти – јас нема да предложам негово разрешување. Јас сум имал коректен однос со сите коалициони партнери, изјави Ковачевски.

Според Ковачевски во СДСМ нема незадоволство, а пратеничките листи кои се објавени ќе бидат конечни. Коалицијата која што вчера ја потврдија нема да се проширува вели тој, а се разговара за соработка со граѓанскиот сектор.

ВМРО-ДПМНЕ вечерва на извршен и централен ќе ги утврдува пратеничките листи

На изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ ќе има чесни, професионални и храбри лица, уверува партискиот лидер Христијан Мицкоски, а вечерва целосниот список од 120 кандидати за пратеници ќе биде тема на дебата на седници на извршен и централен комитет. 

Веќе се шпекулира дека на листите ќе се најдат повеќемина од актуелната пратеничка група на опозициската партија, но официјална потврда се очекува в сабота на најавената промоција на кандидатите. Мицкоски најави позитивна кампања, од противкандидатите очекувал клевети и опструкции, но сепак очекувал победа за Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ.

Победа очекува и спротивниот табор - најавено е дека в недела ќе ја презентираат партиската програма со која ќе влезат во изборната трка. Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски негира дека за листите во неговата партија имало несогласувања, како што се шпекулираше за време на нивните партиски состаноци кога ги гласаа минатиот викенд.

Покрај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, свои листи најави Европскиот фронт предводен од ДУИ, албанската опозиција на Касами, Гаши и Меџити - „ВРЕДИ“, Левица, Движењето „ЗНАМ и Коалиција „Храбро“.

Дел од нив деновиве ги претставија носителите, а крајниот рок за доставување на целосните листи во Државната изборна комисија е вторник, 2 април.

притисни ентер