СДСМ загрижени за безбедноста, Чулев тврди дека состојбата е редовна

Ниту денеска нема решение за несогласувањата во врвот на МВР– главната дилема е дали безбдноста на земјата е доведена во прашања. 

По обвинувањата од заменик министерката Петровска дека со укинување на прераспределбите на полицајците од поранешниот министер Спасовски, загрозени се граничните премини и амбасадите, Чулев за Канал 5 вели дека нема простор за паника.

Тврди дека се е под контрола, а во текот на утрешниот ден ќе има координација со сите високи функционери од полицијата за да најдат решение, како што вели, професионално да се справуваат со сите предизвици со кои ќе се соочат.

„Во текот на вчерашниот ден разговарав со надлежни раководители за гранично управување, СВР, при што ме информираа дека ситуацијата е безбедна, редовна и под контрола“,- Наќе Чулев – министер за внатрешни работи

Откако вчера најави, заменик министерката Петровска денес не беше достапна за коментар дали кривичната пријава до Чулев е веќе поднесена. Но, од партиското седиште на СДСМ повторно испратија обвинувања на адреса на министерот Наќе Чулев.

-Со таквото неодговорно и незаконско работење, Чулев ја доведува во опасност безбедноста на границата, на највисоките државни претставници, како и на амбасадите во нашата држава односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата. Загрозувањето на безбедноста на граѓаните, на границата и државните објекти е кривично делоизјави Снежана Калеска Ванчева – СДСМ.

Од ВМРО ДПМНЕ постапките на Петровска ги сметаат за политички мотивирани. Од партијата ја обвнија власта дека е во паника, поради откриените злоупотреби на службените возила на МВР..

-Заев, Спасовски и Петровска се во паника затоа што се гледа дека Лазе Евридики, не е единствениот кој полициските службени возила ги злоупотребувал за лични потреби. Лазе ќерката си ја развозуваше по грчки кампови, а за соработниците на Спасовски не се знае ниту каде ги управуваат возилата,вели Орце Ѓорѓиевски – ВМРО ДПМНЕ.

Дел од проблемите во врвот на министерството од утре се префрлаат во Државната изборна комисија. Спорот меѓу Чулев и Петровска за началникот на СВР Скопје ќе се најде на седница на ДИК како што налага Изборниот законик кога двајцата министри од техничката Влада не можат да најдат заеднички јазик. Комисијата ќе пресече чии аргументи се посилни за компетентноста на Ристо Ставревски кој е именуван од Чулев, без согласност од Петровска.

Измените на Кривичниот законик од 2023 година на седница на Уставен суд

 Уставниот суд денеска на седница ќе расправа за оспорениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик од 2023 година, по поднесена иницијатива од претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

Во иницијативата, Трајанов наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните.

Според Трајанов, расправата во Уставниот суд е задоцнета, бидејќи иницијативата е поднесена во септември 2023 година кога измените и дополнувањата на Кривичниот законик беа донесени по скратена постапка и со европско знаменце.

- Голем број на условно кажано криминалци се ослободени, нема да одговараат, нема да се конфискува нивниот имот иако некои од нив се стекнаа со огромни материјални богатства. Да не кажам народната, по свадба – тапани. Нека расправа Уставниот суд, нека донесе одлука не за поништување, туку за укинување, да не важи за во иднина, но не верувам дека до таква одлука ќе дојде, вели Трајанов за „Канал 5“ телевизија.

Измените и дополнувањата на Кривичниот законик предизвикаа реакции во јавноста

Собранието на 6 септември 2023 година ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаа реакции во јавноста , кај правната фела и Европската комисија, бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, а беа донесени за два дена. Предложените законски измени беа изгласани во Парламентот со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, по што беа потпишани од тогашниот претседател Стево Пендаровски.

Негативни реакции во јавноста предизвикаа измените на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничкото здружување.

Пратениците со изгласувањето на измените ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а укинаа и еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања, со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

Од власта, донесувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик со европско знаменце го правдаа дека е заради усогласување со директивите на Европската Унија, додека за опозицијата, тоа беше обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.

Министерството за правда интензивно работи на измени на Кривичниот законик

Министерството за правда наскоро се очекува да излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.

До донесување на нов Кривичен законик, кој треба да биде целосно усогласен со европските политики, Министерството работи на измени како привремено решение, односно враќањето на членовите 353, 353-в и 354 што ќе овозможи поефикасна примена на Законот против корупцијата и злоупотребата на службената функција.

Во однос на новиот Кривичен законик, министерот за правда Игор Филков очекува тој да биде донесен оваа година.

- Нашата цел е да имаме ефикасен и современ Кривичен законик, кој ќе биде одговор на потребите на општеството и на правосудниот систем. Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Тој е преведен на англиски јазик, а се привршува и процесот на подготовка на коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23, вели Филков.

Едно од клучните прашања во новиот Кривичен законик, како што посочува Филков, ќе биде унапредувањето на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, а ќе има и нови кривични дела поврзани со финансиски прекршоци, вклучително и практиката на конфискација на имот.

- Новиот Кривичен законик ќе биде дизајниран така што ќе се зголеми правната сигурност и ќе се подобри заштитата на човековите права, особено во делот на процесните права на обвинетите и осудените лица, вели министерот Филков.

Откако ќе се добие мислење од Европската комисија, Кривичниот законик оди во владина процедура, а потоа ќе биде проследен до Собранието.

Научно – стручен собир посветен на развојот на туризмот во Македонија

Научно – стручен собир посветен на развојот на туризмот во земјава, на кој ќе се дискутира и за улогата на високото образование во обликувањето на иднината во оваа област ќе се одржи денеска во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

Настанот е во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Мицкоски во посета на општина Кавадарци

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе биде во посета на општина Кавадарци, каде ќе го пушти во употреба реконструираниот пат од село Дабниште до село Ресава.

Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски ќе го посети селото Дабниште, каде се врши реконструкција на фекална канализација, потоа ќе направи увид во реконструкцијата на пристапниот пат од село Ресава до викенд населбата Косовец покрај Тиквешкото езеро и ќе ја пушти во употреба спортската сала во село Возарци./МИА

притисни ентер