Легендарниот капитен Кире Лазаров и маестралниот Никол Митревски на голот не дозволија изненадување на нашата премиера во Виена против силните и високи Украинци.
Црвено жолтите до 50 минута од мечот во Штатхале предводени од Лазаров, Стоилов, Манасков, Талевски и Митревски ја имаа контролата на играта и резултатот.
Во решавачките десетина минути влеговме со позитива од пет голови и кога сите очекувавме мирен крај на мечот следува огромен пад во играта на нашиот национален состав. Ракометарите на Украина го користат падот на концентрацијата на избраниците на Брестовац и го однесоа мечот во неизвесен финиш.
Во последните минути од мечот нашата позитива ја одржуваше маестралниот Митревски на голот кој на Украинците во овие мигови им одбрани три зицери. А одлучувачкиот удар вреден победа го упати кој друг ако не капитенот Кире Лазаров кој со бомба од девет метри ја реши неизвесноста и не однесе до заслужена победа над борбените и на момент груби Украинци.
„Оваа победа е апсолутно заслужена.. Имавме водство цел натпревар, но поради падот на концентрација во финишот се влезе во неизвесна завршница. Тој мал пад на концентрацијата го промени текот на случувања на теренот. Но,најважни се бодови, рече Митревски веднаш по средбата која ја заврши со 15 одбрани.
Токму одбраната на Митревски по ударот на Острушко е втората одбрана на денот, а решавачкиот гол за триумф на Кире Лазаров на една секунда пред звукот на сирената е прогласен за гол на денот на шампионатот.
Со планираните два бода од стартниот дуел селекцијата на Македонија денеска веќе се подготвува за следниот противник и утрешниот натпревар од 16 часот со незгодната селекција на Чешка.