Ученици поддржани од ФИТР изработија еко-проекти за чиста вода, воздух и почва

Изработивме еколошки филтер направен од зеолит, минерал кој помага да ги прочистиме водата, воздухот и почвата.

Еколошки филтер со зеолит за прочистување на водата, воздухот и почвата, систем за детекција на гасови во воздух во работни простории, пречистителна станица за отпадни води која може да се користи за наводнување особено во земјоделието се само дел од еко-проектите на кои работат ученици од повеќе основни и средни училишта, наградени на „Предизвик за млади истражувачи" од Фондот за иновации и технолошки развој.

Меѓу шесте еко проекти претставени на мини-саем во Битола е и еколошкиот филтер за намалување на штетното влијание на јаглерод диоксид изработен од учениците од "Димитар Влахов" од Струмица.

"Изработивме еколошки филтер направен од зеолит, минерал кој помага да ги прочистиме водата, воздухот и почвата. Најпрвин изработивме прототип, а потоа и филтер кој го поставивме на ауспухот од автомобил. Мерењата покажаа дека количеството јаглероден диоксид се намали за 30 проценти", вели ученичката Бранкица Митова.

Ученици од основното училиште „Манчук Матак" од Кривогаштани изработија пречистителна станица за отпадните води, која потоа може да се искористи за наводнување и е особено применлива во земјоделието.

„ Со нашиот проект со природни ресурси до еколошки здрава животна средина изработивме прототип на пречистителна станица за отпадни води. Отпадната вода минува низ ротатор што ја води низ различни комори на пречистителната станица и потоа се добива употреблива вода за наводнување која преку хидросистем се доставува до земјоделците. Овој проект е пред се наменет за земјоделците кои особено во летните периоди се соочуваат со недостиг на вода за наводнување. Нашиот план е ова решение да им го понудиме и на општините, посебно во реоните каде што земјоделството е примарна дејност", вели ученикот Христијан Боцовски.

Учениците од приватното училиште САБА креираа систем за детекција, анализа и следење на присуството на штетните гасови во воздухот во работни простории, нивните врсници од средното скопско учичлише Раде Јовчевски Корчагин со нивниот проект „Грин Аир" засадија специјални растенија во училниците како како природни прочистувачи на воздухот, додека учениците од ООУ Стив Наумов работата на проверка на квалитетот на воздухот во училниците со поставување на сензори-мерачи со кои се мери влажноста, температурата и присуството на јаглерод диоксид во воздухот. Средното училиште „Јосип Броз Тито" Битола пак ја идентификува концентрацијата на тешки метали во почвата во регионот на Битола и нивната географска распространетост, особено кај РЕК Битола.

Во програмата наменета за млади истражувачи која втора година по ред ја спроведува Фондот, до сега се наградени 54 училишта кои работат на проекти во кој се вклучени над 500 ученици.

"Целта на оваа програма е да се поттикне критичкото и креативно размислување кај младите и да се охрабрат да останат тука и да развијат свој бизнис. Покрај Предизвик за млади истражувачи, дополнително развиваме уште две програми со Американската агенција за меѓународен развој-УСАИД и со УНИЦЕФ, чија цел е да се креираат ученички компании со кои потоа ќе може на ваквите проекти да им се додаде и комерцијална вредност. Oтвораме нови можности за младите и оваа поддршка ќе продолжи, бидејќи државата ги поддржува младите да се охрабрат да развијат свој бизнис и да останат тука, " истакна Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска најави дека и во иднина ќе поддржуваат вакви настани и училишни програми.

„Овој саем е од особено значење затоа што преку овие проекти се излегува од теоријата на хартија и им овозможува на младите луѓе низ реални експерименти и низ реални истражувачки методи, она што го научиле во теоријата да го применат во пракса. Ова отвора широки врати за младиот ум, за жуборот на творечкиот дух, но и на иновативноста и навистина во оваа насока треба и да продолжиме. Особено ме радува што младите луѓе се заинтересирани за ваквиот вид на истражување, но и наставниот кадар кој дава сериозна поддршка во ваквите програми", рече Петровска.

На последните два повика за млади истражувачи се пријавија по 100 училшта. Деспотовски најави дека поради сѐ поголемиот интерес, на почетокот од второто полугодие ќе биде објавен и третиот повик „Предизвик за млади истражувачи".

Олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз

Од Акропол, преку Атина кон централна Грција – олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз.

Од Санторини на Акропол, од Акропол низ атинските улици, преку Министерството за одбрана, Грчкиот олимписки комитет и Олимпискиот стадион - олимпискиот оган откако во вторникот беше запален во античка Олимпија го продолжува штафетното патување низ Грција, за во петок и официјално да им биде предаден на организаторите на ЛОИ „Париз 2024“, јави дописничката на МИА од Атина.

Доцна синоќа, огнот од островот Санторини со траект пристигна на атинското пристаниште, а оттаму беше пренесен на Акропол, каде што остана во текот на ноќта.

Утрово, кусо по 7.30 часот на петтиот ден од штафетното пренесување, олимпискиот оган од Акропол, со повеќе попатни станици низ Атина се упати кон античкиот град Делфи, а оттаму и кон Волос и Ламиа.

Лошите временски услови и дождот што речиси континуирано врнеше на целата рута низ Атина, не претставуваше проблем за учесниците во штафетното предавање, а на Акропол беа поздравени и од туристите кои случајно се најдоа таму.

- Каква коинциденција! Ние дојдовме за да го видиме Акропол и воопшто не знаевме дека има вакво нешто. Убаво искуство во секој случај да се види и Олимпискиот пламен, рекоа во разговор со дописничката на МИА од Атина три девојки од САД кои чекаа да дојде осум часот за да се отвори Акропол, но имаа можност одблиску да го видат и огнот за ЛОИ.

Со сличен став беа и други туристи од различни земји од светот, кои не го криеја нивното позитивно изненадување и задоволство.

Олимпискиот оган, продолжи до Музејот на Акропол, оттаму низ атинските улици, помина пред античкиот олимписки стадион Панатенаик и со повеќе попатни станици стигна до Министерството за одбрана на Грција каде што се одржа и мала манифестација.

Денешното патување низ Атина, огнот го продолжи до Грчкиот олимписки комитет, Олимпискиот музеј, Олимпискиот стадион и се упати кон античкиот град Делфи, Ламиа и Волос каде што ќе ја помине ноќта.

Во текот на утрешниот ден ќе пристигне во Солун за да ја помине цела северна Грција и западна Грција, за во петок повторно да се врати во Атина.

Олимпискиот оган за 11 дена, ќе помине 5.202 километри и 563 наутички милји, а во петок, на 26 април во Атина на свечена манифестација отворена за јавноста на стадионот Панатенаик ќе биде предаден на Организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз.

Манифестациите во Грција, како палењето, така и штафетното пренесување низ земјата и предавањето на организаторите во Атина, по пауза од четири години ќе се одржат регуларно, со оглед на тоа дека во октомври 2021 година и март 2020 година поради пандемијата сите свечености беа без публика, а олимпискиот оган за Зимските олимписки игри „Пекинг 2022“ и Летните Олимписки игри „Токио 2020“ од Атина замина без штафетното да патува низ Грција, туку директно им беше пренесен на домаќините.

Летните Олимписки игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август. /МИА

Вуќиќ: Тоа ни е фала за се што направивме за Скопје

Тоа е германска идеја, поддржана од НАТО и од сите останати.

„Тоа е благодарност за сето она што го направивме за Скопје“,изјавил српскиот претседател александар Вучиќ коментирајќи го коспонзорството на Македонија за резолуцијата за геноцидот во Сребреница во ОН, како лична одлука на шефот на дипломатијата Османи.

Тоа е германска идеја, поддржана од НАТО и од сите останати. Ја најдоа и Руанда, ги најдоа и Нов Зеланд и Чиле. Пронајдоа и неколку земји кои отсекогаш биле спонзори на вакви проекти, како Малезија и Јордан. Кон нив им се придодава и Македонија, така што таму нема голема филозофија. Им благодарам за тоа, претпоставувам дека тоа е благодарност за она што го направивме за Скопје. Ја видов и Австрија тука, ништо чудно со оглед на сето она што Шаленберг го прави против нашата земја, изјавил Вучиќ во гостувањето во дневникот на ТВ Пинк.

Тој додал дека нешто што е во надлежност на Советот за безбедност е преместено во генералното собрание на ОН.

-Знаеја дека русите и кинезите ќе стават вето и затоа сега одат на генералното собрание на ОН, бидејќи очекуваат сигурно мнозинство и сакаат да им зададат удар на Србите и Србија.

Две жртви во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани

Тешка сообраќајна несреќа се случи на експресниот пат Штип-Кочани, во близина на ТИР зоната во Штип. Според првичните информации во несреќата животите ги загубиле две лица.

Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова потврди дека на овој експресен пат има тешка сообраќајна несреќа.

Таа за МИА изјави дека во тек е увидот и обезбедувањето на местото на несреќата од страна на полицијата.

Несреќата се случила околу 14.25 часот, помеѓу две патнички возила.

притисни ентер