Град Скопје, МТСП и „Комунална хигиена" се приклучија на акцијата за чистење

 Вработените од Град Скопје денеска чистеа на повеќе локации по должината на Кејот на реката Вардар, на потег од мостот „Обединети нации" до мостот Тодор Александров (Поранешен Близнак), вториот дел од Градскиот парк и други јавни површини.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов изрази надеж дека со оваа акција ќе се постигне основната цел на оваа акција а тоа е подигнување на свеста кај сите граѓани за одговорно однесување кон хигиената во градот.

– Скопје мора и може да биде почист град, а за тоа покрај реформите во начинот на функционирање на службите задолжени за тоа, неопходно е и секој од нас како граѓанин да обрнува внимание на одржувањето на хигиената во градот. Скопје е нашиот заеднички дом, затоа верувам дека можеме да успееме да го одржуваме чист, исто како дома. Само со заеднички сили можеме да го постигнеме тоа. На крајот на денот хигиената значи здравје, а нема ништо поважно од нашето здравје и здравјето на нашите сакани, рече Шилегов за време на денешната акција.

Како што соопшти Град Скопје, во текот на оваа акција, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, се изврши чистење на импровизираните објекти на ролерско-велосипедската патека на Вардар, која е посочена како една од локациите на која често се врши нелегално палење на отпад и придонесуваат на загадувањето на амбиенталниот воздух.

– Ова е второ чистење на оваа локација во изминативе две години и иселување на лицата кои живеат на оваа дива населба. За таа цел решивме овојпат, покрај нивно дислоцирање, да извршиме и целосно чистење на просторот со цел да спречиме нивно повторно враќање. Градот работи да ја утврди и сопственоста на конкретната локација, бидејќи тука имаше спорни состојби, за доколку истото е приватно земјиште да го задолжиме сопственикот истото да го огради, додека доколку е државно истото да го облагородиме и да го урбанизираме и да спречиме повторно да се создаваат вакви појави додаде градоначалникот Шилегов.

Од Град Скопје информираат дека министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ја оценила денешната акција како успешна, каде вработените од Министерството го чистеле реонот околу Скопското кале и Музејот на современа уметност.

– Од оваа локација преселивме и обезбедивме соодветно топло живеалиште во зимскиот период за 14 семејства или околу 80 лица. Ова го правиме вторпат, каде овие лица имаат живеалишта од привремен карактер во Визбегово зад домот за азиланти. Со ова не само што обезбедуваме топол дом за најмладите и можност истите да ги посетуваат дневни центри и училиште, туку имаме и можност да ги активираме работоспособните лица да бидат активни на пазарот на труд, се со цел обезбедување на социјална парична помош и детски додаток, да понатаму ги видиме како активни чинители во економијата во државата, рече министерката Царовска.

И вработените во администрацијата на јавното претпријатие „Комунална Хигиена" денеска се приклучија кон големата акција за чистење „Администрацијата чисти".

– Екипите од оперативата на претпријатието се задолжени за подигнување и транспорт на насобраниот отпад од дваесетте локации во градот Скопје, каде што се одвива акцијата. Од механизацијата на терен се употребуваат пет специјални комунални возила-патарки, три специјални комунални возила-кипери и еден втоварувач, информираат од претпријатието.

Во текот на денешната акција што се одржа како начин за одработување на неработниот ден од годинава, 2 јануари, повеќе од 40.000 вработени од јавниот сектор спроведоа голема акција за чистење, која се одвиваше на 20 локации во Скопје.

До четврток облачно со дожд, од петок стабилизирање на времето

Во следните два дена ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во четврток врнежите локално ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег.

Како што најавуваат од УХМР од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.

Времето денеска е облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (над 20 l/m2) и поројни, проследени со ретки грмежи, особено во западните и јужните делови. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од југоисточен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени.

Времето во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд повремено поројни, а во делови од котлината со услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Tемпературата ќе се движи до 12 степени целзиусови.

Зеленски: Рускиот напад врз ТВ кулата во Харков е дел од кампањата за заплашување

Руски проектил Х-59 вчера ја погоди ТВ кулата висока 250 метри.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека рускиот ракетен напад со кој беше уништена телевизиската кула во Харков е дел од тековните напори на Кремљ да го заплаши населението на вториот по големина град во Украина, кој беше под интензивирани напади во последните неколку недели.

Целта на нападот беше „теророт да се направи видлив за целиот град и обид да се ограничи поврзаноста на Харков и пристапот до информации“, рече Зеленски во синоќешното обраќање.

Североисточниот дел на Харковската област се наоѓа на линијата на фронтот од околу 1.000 километри, каде што украинските и руските сили се борат повеќе од две години од инвазијата на Москва врз Украина. Линијата на фронтот не е многу променета во услови на војна на исцрпување, која главно се води со артилерија, дронови и во ровови.

Од крајот на март, Русија го засили притисокот врз Харков, очигледно за да го искористи недостигот на украински системи за противвоздушна одбрана. Руските единици ја погодија локалната електрична мрежа и гаѓаа станбени блокови.

Руски проектил Х-59 вчера ја погоди ТВ кулата висока 250 метри, речиси во средината, по што дел од неа се урна и дојде до прекин на програмата. /МИА

Седум лица повредени во руски напад со дронови врз Одеса

Седум лица се повредени, меѓу кои две деца, во напад на руски дрон врз украинското пристаниште Одеса, соопштија украинските власти.

-Во нападот се уништени најмалку 14 станови, изјави градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов, , пренесе агенцијата Униан.

Во текот на ноќта и главниот град на Украина беше цел на руски беспилотни летала, а шефот на градската управа Серхи Попко изјави дека украинската противвоздушна одбрана соборила неколку беспилотни летала испукани од Русија кон Киев, додавајќи дека нема извештаи за штета или повредени во нападот.

Украинската морнарица соопшти дека се уништени четири руски беспилотни летала над јужниот регион Миколаев./МИА

притисни ентер